Итало Калвино градовите ги споредува со соништата. Според Калвино, сè што може да се замисли, може и да се сони, но дури и најнеочекуваниот сон во себе крие или копнеж или страв. Градовите, како и соништата, се создадени од копнежи и стравови.
Честопати, кога пишувам за Градот, го пишувам со голема буква, небаре тој е сонлив микрокосмос, истовремено одделен но и вкоренет во мене. Понекогаш се чувствувам како да го носам со мене секаде. Го пишувам со голема буква бидејќи тој е и мој и твој, тој е сечиј, но суштински ничиј. Можеме да му припаѓаме на Градот, но Градот не може да ни припаѓа нам бидејќи тој е колективно сонуван сон во кој се наслоени сите наши мечти, стравови, копнежи и потиснати чувства. Градот постои во рамките на својата парадоксална појавност, заробен некаде помеѓу строгоста на допирливата стварност и чувствената недопирлива нарација за Градот на сите оние што талкаат низ градските улици.
Градот треба да се третира како нежен и лабилен организам кој е најверен израз на континуитетот или, пак, деконтинуитетот на културниот прогрес и критичката мисла.
Архитектот и филозоф Богдан Богдановиќ (2001) вели дека комуникацијата меѓу човекот и градот се заснова врз некој вид таен разговор. Начинот на кој го доживуваме зависи од нашите мемории, асоцијации и нашето чувство за себе. При доживувањето како алатки ги користиме сопствената ранливост и чувствена присутност и тоа резултира со создавање ментален еквивалент на Градот. Тие новосоздадени емотивни и наративни ментални мапи го дефинираат нашето доживување, создавајќи нов невидлив Град кој е само наш или споделен со луѓето кои ги сакаме или сме ги сакале.
Следствено, се поставува прашањето за врската помеѓу индивидуалното доживување и сликата на Градот. Ако градот е огледало на (само)свеста на колективот, дали може да го користиме и како средство за подобро спознавање себеси преку градење на чувство на самостојност и отпорност?
Концептот на градскиот талкач
Талкање со цел искористување на креативниот потенцијал на градот и чувствување на сензибилитетот на сопственото време не е нов концепт. Изразот „градски талкач“ му се припишува на Шарл Бодлер, кој првпат го воведува во својот есеј „Уметникот на модерниот живот“ (1863). Градски талкач е ноншалантен талкач низ улиците на метрополата кој ги набљудува случувањата на градските простори, сведочејќи на калеидоскопски манифестации на различни активности во урбаната метропола. Филозофот и теоретичар Волтер Бенџамин (1997) потоа го зема градскиот талкач на Бодлер како појдовна точка, со цел да ја истражува релацијата помеѓу урбаната метропола и човековата психа. Градскиот талкач е отпор кон, но истовремено и произлегува од анонимноста на модерното постоење, тој е и спротивставеност, но и резултат на алиенирачката природа на модерното постоење во урбаната метропола.
Креативниот потенцијал на Градот и ослободувачките можности што ги нуди ноншалантното талкање се бесценети, особено во контекст на женското искуство на Градот. Во современата урбанистичка теорија, Градот се дефинира како комплексен социјален и историски конструкт кој се доживува и перципира на различен начин. Трите категории кои се важни при разгледувањето на градот се: социјалната класа, родот, полот, сексуалната определба и расата. Чувството на припадност во еден Град е привилегија бидејќи самата припадност е структурално детерминирана од горенаведените категории. Според ова, женското искуство на Градот произлегува, но и се разликува во зависност од географската положба, социјалната класа, расата и сексуалната определба. Една активност која е витална за развој на чувство на независност како што е талкањето или одењето пеш низ градот, во контекст на женското искуство е многу често надвисната со загриженост или страв за сопствената безбедност. Оваа активност, исто така, била (и во одредена мера продолжува да биде) условена и од општествените норми и очекувања од жената. На пример, во 19 век, моралните вредности на викторијанската доба ја врзувале улогата на жената со сферата на домот како затворена и безбедна средина, далеку од искушенијата, опасноста и неморалноста на градскиот живот. Кога се движела низ Градот, жената морала да го прави тоа со придружба. Грчевито движење низ Градот бидувајќи целосно свесна за сопственото опкружување, избегнување одредени градски простори поради чувство на небезбедност, урбанистичко планирање кое не ги зема предвид различните потреби, доживувања и перспективи при обликување на јавниот простор се само дел од предизвиците со кои се соочуваат жените како дел од Градот.
Затоа, во современ контекст, актот на талкање како средство за пронаоѓање на ослободувачкото чувството на независност е особено важно за релацијата која жените ја остваруваат со Градот. Современите градски талкачки ја земаат привилегијата која ја имал градскиот талкач во минатото и се обидуваат да ја трансформираат од привилегија во право кое им припаѓа на сите корисници на Градот. Хиперсвесни за сопствената (не)безбедност, внимателни и стратегиски позиционирани во своите истражувања на градските простори, градските талкачки се подготвени да се изборат за правото на инклузивен Град и да го искористат креативниот потенцијал што тој го нуди.
Ноншалантното талкање е одраз на женскиот отпор бидејќи – парадоксално – талкањето ја отвора можноста за активен одмор карактеризиран со вистинска и целосна присутност и свесност за градските простори низ кои минуваме.
Во современиот контекст во кој менталниот одмор е луксуз и привилегија која е истовремено проследена со тегобно чувство на вина бидејќи продуктивноста ни ја дефинира нашата вредност, дозволување одмор и покрај неудобноста и вината е акт на протест. Талкањето може да се гледа како намерен и свесен акт за ментален одмор во кој ѝ пркосиме на вината што ја чувствуваме за тоа што воопшто сме си дозволиле ментален одмор. Со талкањето пркосиме на компулсивната зафатеност и исцрпувачката идеја дека продуктивноста ја дефинира нашата вредност како личности. Преку овој акт се обидуваме активно да си дадеме одмор со тоа што ќе се препуштиме на потрагата по нешто значајно – сопственото место во Градот, свесни за недостатоците, неудобностите и неправдите, целосно присутни во сопственото талкање со цел да го мапираме просторот кој треба да го заземеме.
Градот како Дом
Толку долго време во историјата на женското искуство чувството на припадност и дом било користено како средство за да се минимизира женското доживување на Градот, што сега имам желба некогаш да одам онаму каде што не припаѓам. Мојот отпор е да не се покорам на Градот и да си поигрувам со чувството на Дом, да создадам Дом од новото и непостојаното, да го наоѓам домот во ќошиња додека талкам низ градови кои не се Мојот Град. Да создавам емотивни мапи од нови градови, нови чувствени релации поврзани со вкусови и мириси и фрагменти од урбани пејзажи и одново да се спознавам себеси преку нив, колажирајќи го сопствениот идентитет. Се бунтувам со тоа што го земам Градот во својата комплексна состојба, како лавиринт на восхит и страв и талкам низ него обидувајќи се да ја користам мојата ранливост за да го доживеам на повеќесетилен начин. Се бунтувам со тоа што ја користам сопствената нежност и ранливост за да го доживеам Градот, чекорејќи ослободена од ригидноста, дозволувајќи да си го променам мислењето додека чекорам, дозволувајќи си да бидам присутна, интуитивно меандрирајќи низ различните градски секвенци од доживувања. Јас одбирам каде ќе се изгубам. Јас одбирам каде ќе се пронајдам.
Користена литература:
Богдан Богдановиќ. „Градот и иднината“. Скопје, Темплум, 2011.
Neil Leach. “Rethinking Architecture: A Reader in Cultural Theory”. London, Routledge, 1997.
Lauren Elkin. “Flâneuse: Women Walk the City in Paris, New York, Tokyo, Venice, and London.” London, Chatto & Windus, 2016.