Кога би можеле да почувствуваме што ѝ правиме на Земјата, на постарите, на младите, на расните и социјалните малцинства – кога би можеле да ја почувствуваме агонијата на она што го правиме, би престанале да го правиме. – Теренс Мекена
Лисјата крцкаа под нас додека пешачевме низ буковата шума. Како што полека се искачувавме, стануваше сѐ потешко да се игнорнира звукот од моторна пила, иако доаѓаше од далеку. Точно знам што значи звук на моторна пила во шума. Патот се кривеше нагоре како змија, кривина лево, кривина десно, а звукот сè повеќе ми ги ежеше влакненцата на телото. На следната кривина ми се потврдија сите сомнежи – двајца сложно сечат огромно дрво, а пред нив паркирано комбе кое воопшто не личеше на официјално возило од ЈП „Национални шуми“. Тоа беа буки високи над 30 метри. Почнав да плачам и да врескам по дрвокрадците. Иако паралелно низ глава ми проаѓаа рационални и посоодветени реакции (на пример, пријавување на делото), едноставно се растревожив како да гледам убиство на свој близок. А тоа беше само едно дрво меѓу илјадниците што ме опкружуваа.
Процесирајќи ја оваа случка и она што го доживеав, неколку дена подоцна почнав да си водам интерен дијалог. Чекај, а што ако овие луѓе се на работ на егзистенција и не можат да си дозволат огрев за да ја преживеат зимата? Што ако тие го одржуваат ова село живо, но не можат да најдат чесна работа која ќе им даде доволно за пристоен живот? Која сум јас да ги обвинам дека исекле едно дрво? Сочувствував со моите „непријатели“.
Освен тогаш, заплакав и пишувајќи го овој текст, одново преживувајќи ја случката штоја опишав. Уште од мала бев позната по плачењето, и тоа не само кога ќе се случеше нешто лошо. Плачев кога прв пат отидов на концерт на мојот омилен бенд од тинејџерските години. И кога по многу години повторно видов рој светулки. И кога требаше да им раскажам на моите родители нешто што за мене имаше длабоко значење, уште пред збор да изустам. За што точно зборувам освен дека сум голема плачка?
Пред некоја година открив нешто што ми потврди и разјасни многу работи кои истовремено ги знаев и не ги знаев за самата себе. Пребарувајќи на интернет, случајно наидов на текст кој опишуваше некаква карактеристика т.н. „чувствителност на сензорно процесирање“ (Sensory Processing Sensitivity), а луѓето кои ја поседуваат ги нарекуваа „високочувствителни личности“ (Highly Sensitive Person (HSP)). Одев по листата „20 знаци дека си високочувствителна личност“ и завршив читајќи ги црно на бело особините со кои сум се идентификувала поголемиот дел од животот, но не секогаш сум можела да ги искажам со зборови.
Плачењето е можеби една од главните карактеристики која ја асоцираме со чувствителноста, но чувствителноста е многу повеќе од тоа. Плачот е резултат на високата емоционална сензитивност и длабокото процесирање на информациите од околината, кои, пак, се карактеристични особини на овие личности. Солзите се всушност само еден механизам преку кој ги регулираме емоциите, но контрадикторно, често се асоцираат со нешто лошо. Кога некој ќе ме види како плачам, освен ако не е во „вистинскиот“ момент, најчесто го добивам прашањето: „Што ти е? Добра ли си?“.
Но перцепцијата за дали солзите се лоша или добра работа, исто така зависи и од родот и од возраста, па така, во многу култури им е „допуштено“ да плачат на децата и на жените, додека мажите за истата телесна реакција се осудуваат. Во склад со патријархатот и традиционалните родови улоги, чувствителноста им припаѓа на жените, а бидувањето јаки на мажите. Така сме изградиле општества со мажи кои не заплакале од деца или, пак, солзите едноставно не им потекуваат дури и кога им се плаче.
Во српскиот „Викиречник“, на пример, како синоним за зборот слабић е наведен зборот плачипичка, кој исто така се користи и во македонскиот јазик, најчесто како навреда за мажи што плачат. Како мал епксперимент, направив кратко пребарување на Јутјуб и увидов дека имаме бројни песни од македонски пејачи, во чиј текст се спомнува како плачат. Но од моето досегашно искуство, ми се чини дека, барем кај нас, на мажите им е дозволено да плачат само во одредени екстремни ситуации – погреб, свадба, и можеби кога првпат ќе го видат своето новороденче. Но, иако нам, на жените, генерално ни е „дозволено“ да сме емотивни, и кај нас оваа особина најчесто се гледа како мана.
Всушност, на овој или на оној начин, сите сме охрабрувани да бидеме дебелокошци.
Читајќи за високата чувствителност, понатаму дознав дека таа е генетски наследна особина, која ја поседува 15-20% од светската популација. Овие луѓе едноставно имаат зголемена чувствителност на сетилни дразби и суптилни детали од нивната околина. Тие имаат тенденција да ги обработуваат информациите доста длабоко, да ги чувствуваат емоциите многу интензивно и да забележуваат детали кои другите најверојатно би ги пропуштиле. Додека оваа чувствителност ги прави емпатични и креативни, таа исто така доведува до лесно преоптоварување од прекумерна стимулација или стрес.
Како тоа изгледа во пракса? Те поканувам да влезеш во мојата кожа при една прошетка во Скопје.
Се движам, на пример, по „Партизанска“ среде бел ден. Сообраќајот е стандарден, се разминувам со луѓе на тротоар. Поминувам неколку контејнери преполни со ѓубре и сликата почнува да ме јаде однатре. Си велам, сега не е моментот да размислуваш детално кој, зошто и како фрлил ѓубре. Продолжувам и слушам мотор кој забрзува, достигнувајќи брзина од повеќе од 100km/h. Ме здоболуваат ушите. Почнувам да мислам на сите загинати по улиците. Стигам до „омилениот“ дел од „Партизанска“ за моите сетила: раскрсницата кај Соборна. Рекламни натписи за брзи кредити трештат од неколкуте поредени т.н. продавници за пари. На сите страни гледам казина со црвено-црни светлечки реклами (да имам моќ, би ги забранила овие две бои во комбинација во јавни простори). Поглед нагоре – барокна фасада. До мене – мини градилиште од кое ечат булдожери… Покрај ушите, сега ме болат и очите. Веќе ми се одмилува местото кон кое тргнав и едвај чекам да поминам низ овој „тунел“ од високо непријатни дразби.
Си мислам, па секако, за да го избегнеш овој немилосрден напад на твоите сетила, ќе сакаш да се движиш со автомобил. И да се затвориш во твојот убав топол дом, или, пак, во убаво уредено кафуле. А надворешниот свет кој е нашиот допир со реалноста и природата? Тој ќе остане за оние кои имаат помалку избор или, пак, за тие како мене кои решаваат да ги чувствуваат сите непријатности, бидејќи само со широко отворени сетила може да го насетиме сè она што не е во ред и да се мотивираме да го подобриме. На крајот, се потсетувам дека секоја наредна прошетка низ Скопје сѐ повеќе ми пробудува желба да одам да живеам во пештера, таму каде што е тивко и прилично еднобојно.
Живееме во свет каде што чувствителноста често ја гледаме како слабост. Д-р Елејн Арон, која го вовела терминот „високочувствителна личност“ (HSP), во истоимената книга објаснува дека чувствителноста на сензорно процесирање, како биолошка и наследна особина, има еволуциска функција и дека е директно поврзана со опстанокот на примитивните заедници. Книгата е кулминација на нејзините научни истражувања кои ги започнала во раните деведесетти заедно со својот сопруг, д-р Артур Арон, а продолжиле и по издавањето на книгата во 1996 година. Луѓето со оваа особина во нивните заедници често биле еден вид „систем за рано предупредување“, бидејќи први ги насетувале опасностите од околината, одржувале хармонија благодарејќи на емпатијата и забележувале суптилни промени во природата што биле важни за преживување.
Слични модели на однесување се забележани и кај животните (на пр., кај одредени риби, птици и глодари). Околу 15-20% од испитаните животински популации, повторно при истражувањата на д-р Елејн Арон, но и на други научници, покажуваат висока чувствителност, што значи дека тие прво набљудуваат, потоа дејствуваат, а често и го спасуваат стадото со нивната внимателност.
Си размислувам што сè се има случено низ вековите за високата чувствителност да премине од карактеристика клучна за преживување во нешто негативно и непосакувано во денешното општество.
Доколку нашите сетила се широко отворени, тешко би останале рамнодушни на сѐ што се случува денес околу нас. Луѓето свесно одбираат да ги затворат своите рецептори за да не гледаат, да не чувствуваат и да не страдаат. Но сетилата се како прозорци на овој наш дом наречен тело. Ако ги затвориме, нема да влезат бубачки, но нема да влезе ниту свеж воздух, ниту светлина. Сензорното отапување нè чува од болка, но истовремено нè лишува и од убавина и љубов. Десентизацијата на луѓето, за жал, е сè полесна како што метастазира капитализмот. За да чувствуваме длабоко, да ја процесираме сета таа длабочина и да одлучиме што со тие информации е потребно многу енергија. Од една страна, проблемите на глобално ниво се зголемуваат. Од друга страна, брзиот начин на живот ни остава сè помалку простор да се занимаваме со своите емоции и едноставно да чувствуваме. Така, општествата сè повеќе создаваат бесчувствителни роботи кои немаат контакт со своите емоции, ниту можност и енергија за решавање на локалните и глобалните проблеми.
Јас не сакам да живеам во таков свет, ниту сакам да се отсечам од него на таков начин.
Затоа
Си дозволувам да забавам колку и да ми е потребно за да испроцесирам сѐ што сум примила, бидејќи сакам да верувам дека тоа барем малку го забавува и овој брз свет.
Си дозволувам да ги чувствувам сите непријатности од околината.
Си дозволувам да ме допрат сите неправди на светот, колку и да се далеку од мене.
Си дозволувам да сум горда на моите солзи во јавност.
Сочувствувам со моите непријатели, бидејќи сакам да креирам решенија во кои и ним ќе им е подобро.
Бидејќи верувам дека чувствителноста има моќ да нѐ спаси и нас, и светот.
Есејот беше оригинално напишан за и објавен во годишниот зборник на Медуза – „К О Ж А“ (2025).