На 7 јануари, Мета (матичната компанија на Фејсбук, Инстаграм, Тредс и Воцап) реши да ја прекине програмата за проверка на факти. Во видео објавено на својот профил, основачот и извршен директор Mарк Закерберг изјави дека при модерирањето на содржината на неговите платформи се правеле премногу грешки што воделе кон цензура и прекршување на правото на говор и слободно изразување. Поточно, тој спомена дека проверувачите на факти во Америка биле пристрасни и ја нарушиле довербата на корисниците.
Како резултат на оваа одлука беше воведен начин на модерирање на содржината налик на онаа на Х (поранешен Твитер) наречена „Белешки од заедницата“ каде што корисниците ќе можат самите да прикачуваат додатен контекст или појаснувања на објавите. Тогаш, преку систем на гласање, она објаснување кое ќе биде највисоко рангирано од другите корисници ќе стои како (за)белешка онаму каде што претходно стоеја белешките од проверувачите на факти.
Покрај овие промени, Закерберг исто така дополни дека ќе ги „упрости“ некои од политиките за модерирање на содржина — читај, ќе се отстранат рестрикции на теми како:
[…] имиграција и род кои не се во допир со мејнстрим дискурсот. Она што започна како движење за поголема инклузивност сѐ повеќе се користи за да се занемарат туѓите мислења и да се исклучат луѓето, и се претера со ова!
Со други зборови, како што пишуваат Си Ен Ен, според новите правила на Фејсбук, повеќе нема да се смета за говор на омраза и недозволива содржина кога жените ќе бидат нарекувани „домашни предмети или сопственост/своина“ (англ. household objects, property) или кога транс- и небинарните лица ќе бидат нарекувани „чудни“, „изроди“ и „ненормални“, цитирам:
Дозволени се наводи на ментална болест или абнормалност кога се засновани на род или сексуална ориентација, со оглед на политичкиот и религиозниот дискурс околу трансродовоста и хомосексуалноста […]
Без да направам дисекција и дискурс анализа на целото видео, во текстов ќе се задржам конкретно на ефектите од „упростувањето“ на политиките за модерирање на содржина и згаснувањето на сервисот за проверка на факти. Зошто? Бидејќи Мета не е првата компанија што ја воведе оваа промена. Речиси истото се случи кога Елон Маск го презеде тогашниот Твитер (сега Х), при што следеше период во кој новинарите, комуниколозите и пошироката академска заедница можеа да ги проучат ефектите од оваа промена.
Единствената разлика меѓу двете платформи е тоа што, доколку ги споредиме само Фејсбук и Твитер, социјалната мрежа на Мета има пет пати повеќе корисници отколку Х – или вкупно над 3 милијарди корисници, наспроти 611 милиони на Твитер. Односно, од промената на политиките за модерирање и укинувањето на сервисите за проверка на факти ќе бидат засегнати огромна бројка на корисници. Но, најпрво, треба да се разграничи улогата на проверувачите на факти и алатките коишто им се достапни од моќта што им се делегира на модераторите на содржини од самите платформи.
„Цензура! Цензура!“ или вовед на користење на Фејсбук 101
Прва работа што треба да се разграничи пред да продолжиме е фактот дека самите платформи, како Фејсбук и Твитер (на времето), се единствените што можат да избришат или отстранат веќе објавена содржина од својата платформа. Дали тоа го прават со помош на алгоритми или со „домашни“ модератори на содржина, тие се единствените коишто можат да ја искористат својата системска моќ во случаи кога објавите се косат со нивната политика на модерирање на содржината. Најчесто оваа содржина се отстранува затоа што содржи и/или повикува на насилство, експлоатација, (детска) порнографија и слично, т.е. содржина која доколку не е отстранета би можела да подлежи на санкции и казни во државите од каде е објавена. Најистакнат пример за ова беше одлуката на Фејсбук да го суспендира профилот на тогашниот и сегашен претседател на САД, Доналд Трамп, за време на неуспешниот обид да го прекине сертифицирањето на гласовите од изборите на 6 јануари 2021 година.
Од друга страна, проверувачите на факти — и не можам доволно да го нагласам ова — не можат да отстрануваат содржина. Дури и кориснички профили и страници чии содржини се повеќе пати обележани не можат да бидат отстранети од страна на проверувачите на факти. Фејсбук и Твитер се оние кои одлучуваат дали и какви чекори ќе се преземат против нив. Чекори, коишто ако се погледне нивната (сега веќе поранешна) политика за модерирање на содржина, не вклучуваат отстранување на профилот или забрана за објавување на нова содржина.
Ова е важно да се има предвид затоа што кога Закерберг ја најави промената, македонските хронично-онлајн корисници и дезинформатори се радуваа божем Цензорот и Големиот Брат конечно заминуваат во историјата и нивното право на ширење дезинформации сега ќе тече непречено.
„Freeze peach“ или ефектите од „апсолутното“ право на говор на Твитер
Како што беше споменато, бидејќи Твитер веќе го истрасира патот на Мета/Фејсбук, вредно е да ги погледнеме ефектите од променетиот начин на модерирање на содржината. Или, како што Елон Маск често кажуваше при процесот на купување на платформата, ефектите од „апсолутистичкото право на говор“.
Меѓу првите работи што ги направи Маск беше да го распушти тимот за „Доверба и безбедност“, група формирана во 2016 година од компанијата за да се справи со говорот на омраза, експлоатација на деца, самоубиства, самоповредување и други проблематични содржини на платформата. Група која вклучуваше околу 100 лица од граѓански организации, организации за човекови права и други.
Со класично неолиберален потег на дерегулација, не само што ослабеа начините преку кои корисниците можеа да бидат заштитени од говорот на омраза, туку беа вратени и голем број на претходно отстранети неонацистички и екстремистички Твитер сметки. По враќањето на ваквите радикални сметки експертите превидоа дека ќе настане катастрофа. Катастрофата всушност се случи. Како што изјави Даниел Цитрон од иницијативата Сајбер Сивил Рајтс за Асоушиејтед Прес: „Твитер стана просперитетен центар за неонацистичка поддршка и пропаганда, со платени кориснички сметки кои споделуваат говори на Адолф Хитлер или содржини кои го фалат неговиот геноциден режим.“ А, како што неретко се случувало во историјата, кои се првите жртви на овие промени? Ненормативните лица, оние лица кои водат поразличен живот од доминантниот хетеронормативен систем на (машка и бела) надмоќ, транс лицата, лица чијшто животен стил не влегува во традиционалните норми и типичните родови калапи.
Журка.
Слично нешто се крчка и на Фејсбук. И токму поради тоа што сега онлајн силеџиите — и сите кои имаат одвишок време да се ситат на дополнителното загрозување на просторите на маргинализираните лица и заедници во општеството — имаат зелено светло да бидат уште погласни на социјалните мрежи и да користат уште погрозен јазик, вреди да разгледаме неколку истражувања за тоа какви ефекти имаа овие промени врз Твитер, и со тоа да претпоставиме што може да се случи со Фејсбук.
На пример, во научното истражување на Хики и соработниците, резултатите покажуваат дека говорот на омраза се зголемил пред Маск да го купи Твитер поради очекувањата дека нема да следат реперкусии како во минатото. А, вака зголемената стапка го задржала истото ниво барем до мај 2023 година, со неделни стапки за околу 50% повисоки од претходните месеци. Како што можете да претпоставите, вака зголемената стапка на говор на омраза не дискриминираше ниту една група — само беше забележан пораст на расизмот, хомофобијата и трансфобијата, заедно со двојно зголемување на „лајкови“ на објавите што содржат и/или повикуваат на омраза, резултирајќи со севкупен поголем број на интеракции на ваквите објави. Истото го покажува и ова истражување, и ова, и ова, и ова, и ова…

Се разбира, сите овие истражувања се трн во око за Маск бидејќи се косат со она што јавно го кажуваше, имено, дека нема говор на омраза на неговата платформа. Следниот логичен чекор што Маск го направи не беше да размисли дали можеби треба да смени некои од новите политики, туку да ги тужи истражувачите што ги спроведоа гореспоменатите истражувања.
Диско журка.
На иста линија се и резултатите на истражувањето од Ипсос центарот од 2023, според кое две третини од корисниците на социјалните мрежи ширум светот се изјасниле дека често се соочуваат со говор на омраза. Меѓу платформите, оваа стапка била највисока за Фејсбук, и тоа пред да ги олабават правилата за модерирање на содржина (🙂). Од друга страна, голем број луѓе изјавиле дека гледаат потреба од некаква регулација против говорот на омраза и дезинформациите од самите платформи.
Може ќе си помислите „па добро, и да има толку многу говор на омраза на платформите што ги користиме една од секои три минути поминати на интернетот, тоа се само празни зборови на екран што ги гледам, немаат ефект во реалниот живот.“ Не сме технофоби, но исто така не живеевме во времето на ЕмЕсЕн (MSN) наџ и мирцање (mIRC). Проблемот е што овие црните огледала што катадневно ни стојат во џебовите и чантите кога не ни се во рацете се неразделлив дел од нашиот живот и редовната комуникација што ја имаме едни со други. Како што треба да се прифати фактот дека телефоните се дел од нас, така треба да се прифати фактот дека телефоните (и социјалните мрежи) исто така влијаат на нас.
„Дали психологијата може да се смета за наука“, или ефектите од говорот на омраза
Како крлежите што се будат секоја пролет и се закачуваат за секое можно суштество, така и најмалку посакуваните „научници“ од сите дисциплини — психолозите — мора да се наметнат во секој аспект од човековото постоење и да имаат мислење на секоја тема.
На пример, наодите од истражувањето на Фасоли и соработниците покажува дека користењето на хомофобични епитети поттикнува дехуманизација на геј луѓето и намерно дистанцирање од нив на начини на кои друг тип на навреди или етикети не го прават тоа. Во слична насока, друго истражување покажува дека честото и повторливо изложување на говор на омраза води до десензитизација [1] на вербално насилство и зголемување на предрасудите кон оние кон кои е насочен говорот на омраза.
Слично, истражувањето на Билевич и Сорал покажува дека изложеноста на говор на омраза кон мигранти и малцински заедници води до политичка радикализација и ги влошува меѓугрупните односи. Згора на тоа, зголеменото присуство на говор на омраза во една средина создава впечаток дека постои норма која дозволува да се омаложуваат овие групи. Според авторите, тоа доведува до подривање на постоечките антидискриминаторски норми. А, како и претходно, преку десензитизација на говорот на омраза се намалува и способноста да ги препознаеме навредливите карактеристики на говорот на омраза.
Заради еден цел корпус истражувања на темава, некои научници решија да употребат магнетна резонанца за проучувањето на ефекти од говорот на омраза. Во експеримент, група испитаници биле изложени на контролна и експериментална ситуација, во случајов коментари со омраза или неутрални коментари во зависност од групата. Потоа, испитаниците читале приказна во која се раскажувало за Полјаци или Арапи кои биле подложени на некаква болка. При снимањето на мозоците на испитаниците, се покажа дека изложеноста на говор на омраза го „ублажува“ одговорот на мозокот да сочувствува и да ја разбере болката на други луѓе. [2]
Со други зборови, се намалува активноста на мозочниот центар што е одговорен за разбирање на перспективите на други лица. А, можноста да се согледа нешто од туѓа перспектива, или народски речено да се ставиме во кожа на друг човек, е една клучните компоненти на што? Емпатијата. На кратко, колку повеќе среќаваме говор на омраза, толку помалку емпатија имаме за другите лица. Само покажано преку наука овој пат.
Без да се претвори овој напис во научно истражување, целта ни беше да покажеме дека ефектите од говорот на омраза што постои онлајн се прелева и во секојдневниот живот. Десензитизацијата кон говорот на омраза и тенденцијата за нормализирање на дигиталното силеџиство и насилство го продолжуваат насилството на социјалните мрежи, но и надвор од нив.
Реакционерски Барон Минхаузен, или токсична синергија меѓу говорот на омраза и дезинформациите
Откако илустрирав како честото среќавање на говорот на омраза во секојдневниот живот може да има видливо и невидливо влијание, вреди накратко да се разгледа како ваквите наративи и дискурси се поврзуваат со лажните вести и дезинформациите.
Интеракцијата помеѓу говорот на омраза и дезинформациите, особено на „нерегулираните“ социјални медиуми создава самозајакнувачки циклус што ги поткопува веќе постоечките општествените поделби. Дезинформациите честопати им даваат привиден легитимитет на идеолошките наративи на омраза преку презентирање на манипулирани или лажни наративи кои се усогласуваат со владејачките предрасуди кон малцинските групи, особено кон ЛГБТИ заедницата кај нас и мигрантските заедници речиси секаде низ Западот, поттикнувајќи дополнително непријателство и дискриминација.
Истовремено, говорот на омраза поттикнува средина каде што дезинформациите можат да се шират неконтролирано, бидејќи ја поттикнува публиката да прифати пристрасна или сензационалистичка содржина како вистината. Пример за ова беше алжирската боксерка Имане Калиф која се натпреваруваше на Олимписките игри минатото лето, и која претрпе лавина од трансфобични навреди и напади дека била трансродова жена, т.е. маж и затоа победила. Оваа тема беше добро забележана и во некои од македонските медиуми.
Синергијата меѓу говорот на омраза и дезинформациите има неколку динамики кои треба да се запазат. На пример, поединците кои љубат да бидат силеџии онлајн и да омаловажуваат други луѓе се непропорционално изложени на извори на вести со низок кредибилитет, особено оние извори кои се партиски и идеолошки наклонети. Со олабавувањето на политиките на уредување и зголемувањето на говорот на омраза, очекувано е да се засилат предрасудите, правејќи ги овие токсични наративи сѐ поприсутни и „поприфатливи“ во јавниот дискурс.
Битно е да се нагласи дека последиците од оваа синергија се забележуваат надвор од дигиталната сфера, односно резултираат со зголемена поларизација, социјални немири, па дури и насилство во надворешениот свет. Со тоа што ги дозволуваат говорот на омраза и дезинформациите, како своевиден умствен вирус што неконтролирано се шири, социјалните платформи ефективно се катализатор на уназадување на едвај некако стекнатите демократските процеси и системите за социјална заштита. Дополнителен проблем што, повторно, може да го видиме по примерот на Твитер е фактот што „белешки од заедницата“ како форма на справување со дезинформации и говор на омраза не е ефективна. Односно, е далеку помалку ефективна од независни проверувачи на факти и од старите политики на модерирање. На пример, точно е дека има значително зголемување на проверката на факти преку „белешки од заедницата“. Следствено, ваквите белешки го намалуваат ангажманот со самите твитовите што содржат дезинформации. Но, проблемот е ваквиот начин на проверка на факти не секогаш прецизен и премногу бавен за да го спречи ширењето на дезинформации на време.
Ова се потврдува конкретно во истражувањето на Центарот за справување со дигитално насилство. [3] Тие потенцираат дека повеќе од 70 отсто од точните „белешки од заедницата“ (читај твитовите што заедницата ги проверила) не се прикажуваат на корисниците, иако објавите биле „проверени“. Не само тоа, туку и објавите што содржат идентификувани дезинформации, но не покажуваат белешки, имаат 2,2 милијарди прегледи. Со други зборови, дезинформациските твитови добија 13 пати повеќе прегледи од објавите на кои белешката (или проверката од заедницата) е видлива. Слични се наодите и од истражувањето на Вашингтон Пост.
На крајот на денот, ваквиот тип на проверка на факти не е дека е целосно бескорисен, но само може да ја надополни, не и да ја замени професионалната и транспарентната проверка на факти.
Ехото на трансформацијата или поширокото значење на овие промени
Кога сопствениците на Мета, Твитер, Амазон и останатите технофеудалистички поглавари ќе потклекнат на пошироките конзервативни притисоци и ќе ја бацат раката на кумот, [4] погодно е ваквите промени на социјалните мрежи да се толкуваат преку теоријата за културна хегемонија. Новите приоритети на Закерберг и преориентирањето на политиките на модерирање на содржината кон поконзервативни читања, под превезот на „правото“ на слободата на говор, од една страна целат да ја задржат финансиската моќ на Мета, но исто така и културолошката моќ што ја имаат врз населението.
Така, владејачката (или во овој случај технофеудалната) класа ја обликува културата на социјалните медиуми преку промена на политиките за модерирање — односно дејствува врз тоа кои вредности, верувања, перцепции, интерпретации итн. се прифатливи, допустливи, а кои не се. Со нормализирање на говорот на омраза, светогледот на Закерберг и останатите директно станува новата прифатена културна норма. Тоа, за жал, ги зајакнува патријархалните, традиционалните и конзервативнитете струи, а за луѓето кои не се запознаени со темата или немаат оформено мислење ваквите ставови стануваат сѐ понормализирани и помалку проблематични, па дури и прифатливи.
Најрелевантен пример кај нас за влијанието и исходот од нормализирање за ваквите штетни реторики се групите за „заштита на децата“. Под превезот на родителски права, се шверцаат на западни идеологии директно спротивставени на правото на говор, па и на други права како автономија на женското тело, родова еднаквост и слично; идеологии кои во сржта се мизогени, анти-родови, трансфобични, длабоко националистички, кои имаат природна симбиоза со фундаментално религиозните десничарски и фашистички движења.
Заради нивните напори, борбата за родовата еднаквост како таква се редефинира во полова рамноправност, пуритански се исчисти движењето на отпор од деструктивните структури оти (според нив) наративот бил киднапиран од движењето кое туркало (транс)родова идеологија. Така ќе се биде помал трн во око на новата политичка гарнитура, и полесно ќе се води битката против вистинските насилници во општеството. Дека нели, одземањето на право на маргинализираните заедници кои имаат најмала општествена моќ и едвај некакви системи на поддршка и заштита дефинитивно ќе ги намали цените во маркетите кои, наводно се разбира, активно го пљачкаат народот. Требаше да завршам со оваа мисла, но во меѓувреме Парламентот работи со полна пареа да ги уништи и тие некакви механизми на заштита од дискриминација што постоеа во образовните системи.
„…и сега што?“ или завршни мислења
Не сакам да ги идеализирам зачетоците на интернетот, барем оној период што го доживеав во моите формативни години. Колку и да ми делува атрактивно и „edgy“ да гледам провокативни содржини, не мислам дека на крајот тоа треба да биде нормата за новите генерации. Воедно, не сакам ниту да бидам како добропознатото меме од Симпсонови. Како што напоменав, мојот пристап до интернет беше закотвен прво за маалските компјутерници, а потоа на домашниот компјутер во дневна.

Сепак, не ми е потребен дарот на Аполон за пророштво за да увидам дека ваквите промени ја „продаваат“ кревката социјална хармонија што постои на платформите во замена за зголемени метрики на ангажираност (лајкови, кликови, споделувања…) — зголемување што веќе видовме дека нѐ носи кон дополнителна поларизација на штета на оние ранливи групи кои и онака се исклучени од заедницата.
Во некоја идеална ситуација, овој тип на напис би требало да повика или да ја нагласи етичката одговорност што платформи како Фејсбук ја имаат пред своите корисници, но коцката е веќе фрлена, одлуката е донесена. Единствена светла точка е Законот за дигитални услуги (Digital Services Act) кој предвидува, какво такво, справување со говорот на омраза и дезинформациите преку кои би требало да се зачуваат фундаменталните човекови права при користење на дигитални услуги.
Но, искрено, она што останува е градење и оддржување на заедници, па дури и на други, офлајн места, со цел да може колективно да се справиме со проблем што има потенцијал да стане сеприсутен во нашите животи. Со други зборови, само преку колективен одговор може да ги повратиме (дигиталните) простори кои се преземени од оние што не сметаат дека треба да заслужуваме живот, а не па права.
Белешки:
[1] Жаргонски збор кој го опишува процесот на намалување на емоционалната реакција на негативен или аверзивен стимул по повторено изложување на истиот, или просто речено оттрпнување.
[2] Податоците се добиени со снимање на десниот темпорален париетален спој rTPJ, односно центарот во мозокот што се активира кога го доживуваме она непријатно чуство „во стомакот“ додека гледаме како некој/а пред нас се самоповредува или ги повредуваат.
[3] Истражувањето конкретно е за мисинформациите околу минатогодишните претседателски избори во САД.
[4] Тргајќи на страна колку пари донираа Закерберг, Маск, Безос и останатите милијардери за инагурацијата на Трамп, ќе цитирам директно од говорот на Закерберг: „Неодамнешните избори, исто така, наликуваат на културна пресвртница за повторно приоритизирање на [правото] на говор.“