Во април, весникот The New York Times извести дека администрацијата на Трамп заедно со група конзервативни активисти работат на стратегија што ќе ги поттикне жените да раѓаат повеќе деца и ќе доведе до наплив на бебиња (baby boom).
Предлозите вклучуваат еднократен бебешки бонус од $5000 за секое новороденче и даночни олеснувања за венчани родители што се зголемуваат со секое наредно дете. Се предлага 30% од Фулбрајт стипендиите да бидат резервирани за венчани кандидати со деца (веројатно мажи, додека жените се зафатени со одгледување на спомнатите деца), наспроти неодамнешната забрана на Министерството за образование на САД да се доделуваат стипендии за студирање и вработување за (расните) малцинства.
Понатаму, активистите што се залагаат за пораст на наталитетот предлагаат да им се доделува „државен медал за мајчинство“ на мајките со шест и повеќе деца. Овој предлог, како што посочува Мат Бернштајн, премногу наликува на „крстот на честа“ што го вовел Адолф Хитлер за „многудетните“ германски мајки – со исклучок на Еврејките, само за „чистите“ фамилии – односно, бронзен за четири, сребрен за шест и златен крст за осум деца. И покрај тоа што американските предлози (засега) не вклучуваат ограничувања по расна и етничка основа, јасно е кој би можел да си дозволи да израсне толкав број на деца сред глобален економски колапс.
И додека некои од нас беа скандализирани од ваквите демографски политики, згрозено споделувајќи сториња на Инстаграм со предвидувања дека Америка е на пат да стане Гилеад од Приказната за робинката, неизвесно е колку од нас се свесни за јасните демографски аспирации на нашата сегашна влада, предводена од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Или, пак, колкумина од нас забележаа дека Министерството за труд и социјална политика суптилно беше прекрстено во Министерство за социјална политика, демографија и млади?
Зборовите „демографија и млади“ не случајно се најдоа еден до друг, исто како што премиерот Христијан Мицкоски не случајно го започна своето обраќање до Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ на 6-ти април со зборовите:
За секој еден млад човек убава е комоцијата во животот. Секој сака да прошета, да излегува, да другарува, да се забавува. Меѓутоа, во животот стекнуваме вредности и понатаму ги пренесуваме тие вредности на оние коишто нас нѐ наследуваат. Една од тие важни вредности е семејството. Денес, современиот патриотизам, љубовта кон Македонија и сето она што е поврзано со Македонија и иднината на Македонија како држава, но и иднината на еден од најмалубројните народи во Европа – а тоа е македонскиот народ заедно со останатите народи што живеат денес во Македонија – зависи токму од тој столб наречен семејство. Доколку имаме многудетно семејство, и доколку млади почнеме да формираме семејство, тогаш нема подобар начин да го изразиме нашиот патриотизам и љубовта кон сопствениот народ и сопствената држава.
Потенцирајќи уште и дека со овој потег, владата ја напушта „онаа политика која во минатото ја водеше претходната влада, а тоа е родовата политика“ којашто ја смета за перфидна индоктринација, Мицкоски предлага во мозоците на младите „да насади“ идеи во своја режија, не криејќи ги владините претензии за идеолошка контрола врз образованието:
Доколку уште во најраната младост, уште во прво одделение, се всади, кај секое дете, дека семејството не се „јас, мама и тато“, туку покрај „јас, мама и тато“ се и „дада и бато“, тогаш е многу поверојатно дека тоа ќе влијае врз понатамошниот развој на секое едно дете кога ќе стане млад човек и поверојатно е дека тој млад човек многу порано ќе формира семејство на коешто ќе се потпира и коешто ќе биде неговиот столб.
Како што ни американските предлози за раст на наталитетот не предвидуваат подобра здравствена нега, споделено родителско отсуство, пораст на минималната плата и стабилни приходи, повеќе детски градинки, достапно домување, поголема социјална заштита и психосоцијална поддршка или некакво инвестирање во спасот на планетата на која ќе растат тие деца, така ни Мицкоски не смета дека подобриот квалитет на живот природно би довел до поголема спремност и услови за отпочнување на семејство. Или живеење во државава воопшто.
Да биде иронијата поголема, во екот на плафонски цени што нѐ држат на работ на преживување, владата на Мицкоски реши дека минималната потрошувачка кошничка отсега ќе се пресметува за тричлено, наместо четиричлено семејство. „Овој потег на македонскиот Худини нѐ остави со подзинати усти. Каде исчезнаа дада и бато?“, прашува Ирена Цветковиќ во колумна за Призма. „За дада и бато имате брзи кредити или обложувалници, па нека ви е со среќа.“
Со овие изјави и постапки премиерот јасно сигнализира дека државата нема обврска да создава услови, туку само „вредности“. Според оваа логика, младите треба што порано да формираат семејства, не благодарение на економската стабилност и стандард на живот што ги уживаат, туку затоа што – со зборовите на Мицкоски – „само така се сака Македонија“.
Во визијата на Мицкоски, младиот човек станува алатка за демографски инженеринг наместо активен субјект со сопствен избор, при што жените одново се инструментализираат како машини за непрекината репродукција на нацијата. Искрено, овие реторики не нѐ изненадуваат доаѓајќи од владејачка партија која за време на својот претходен мандат водеше агресивни кампањи за трето дете и го демонизираше и отежни пристапот до абортусот со рестриктивниот Закон за абортус од 2013. ВМРО-ДПМНЕ – како и (екстремно) десничарските партии низ светот – отсекогаш настапувале со биополитичка стратегија, односно организирано (системско) дисциплинирање и контролирање на телата на граѓанските субјекти – особено женските тела – и насочување на нивните животни „избори“ преку идеолошка и образовна интервенција, спакувана и продадена во име на љубовта и должноста кон нацијата. На овој начин, приватната сфера станува прашање на државен интерес и треба да нѐ загрижи степенот до кој државата се дрзнува да има збор во нашата интима.
Треба да размислиме на кои меѓу нас им е дозволен и/или можат да си го дозволат семејниот модел на Мицкоски како единствен начин да се сака татковината, а следствено на тоа и да се биде достоен граѓанин на оваа земја. „Мама, тато, јас, дада и бато“ наменски ги брише самохраните родител(к)и, ЛГБТ+ семејствата, семејствата со дете/деца со попреченост, луѓето што не сакаат или не можат да имаат деца од здравствени или материјални причини или оние чиишто деца се сметаат за државен товар.
Посветеноста кон исклучувањето на сите оние кои не се вклопуваат во тесната визија за „традиционално семејство“ на Мицкоски е повеќе од очигледна и само делумно шокантна. Така, на пример, на Меѓународниот ден на семејството (15 мај), параструктурите на партијата, односно Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во Ѓорче Петров, во соработка со Коалицијата за заштита на децата — позната по својата агресивна антиродова реторика — организираа проекција на квази-документарниот филм Што е тоа жена? од Мет Волш. Коалицијата им го изнајми филмот со наводно „натпартиски“ претензии бидејќи „ги поздравува[ат] сите заложби за промоција на традиционалните семејни вредности“. Настанот, верувале или не, се одржа во Домот на КУЛТУРАТА на Општина Ѓорче Петров — институција која, наместо да биде простор за социокултурна еманципација на граѓаните, беше искористена како платформа за ширење на говор на омраза и противнаучни ставови.
Домовите на култура се јавни културни институции чија основна намена е да бидат достапни, инклузивни и отворени простори за културен, креативен, образовен и колективен развој на локалната заедница. Тие се во служба на јавниот интерес, а не места за партиска или идеолошка промоција што шири неоснована параноја и омраза. Но дали навистина очекуваме од владата да има слух за реалните потреби на граѓаните, а пред сѐ на младите кои масовно се отселуваат или ги убива системската корупција, додека оние што останаа младоста ја поминуваат во организиран отпор против грабежот и насилството што ги сведочат?
Сигурни сме дека граѓаните на општина Ѓорче Петров имаа огромна корист од филм на самопрокламиран фашист, којшто толку се грижи „ЗА ДЕЦАТА” што смета дека тинејџерките на 16 години сакаат „биолошки и метафизички и со целото свое тело да се скрасат и да отпочнат семејство”, фашист кој всушност не е на страната на децата (како Коалицијава што со својот караван гордо го шеташе филмот низ Македонија), бидејќи за него адолесценцијата е изум на современото општество. Но можеби Волш повеќе ги влажни фантазиите на партијата на Мицкоски за која што поскоро младите престанат да бидат млади и се „скрасат“ со дечиња, тоа подобро. Нема време за губење – поредокот чека да биде спасен, дури и тие кутри, преостанати млади да завршат заглавени до гуша во сиромаштија и беда. Барем со сигурност ќе знаат кој е мама, а кој тате.