Пишувам на залезот на неделата на жалост во Македонија, прогласена по трагичната смрт на 59 лица,* од кои најголем број млади, во пожарот кој настана во псеудо-дискотеката „Пулс“ во малиот град, на веќе опустошениот исток на земјава, Кочани. Огромниот број на жртви и повредени директно се поврзува со несоодветното, криминално и корумпирано работење на локалот, а следствено на тоа и на институциите. Слично како и со други бројни „несреќи“ со кои се соочи мојата земја во изминатите 33 години, системската негрижа, организираниот криминал, некадарноста на политичките партии да управуваат со јавните добра и корупцијата како единствен препознаен модус операнди, од година во година зема сѐ повеќе животи од оние малку луѓе што уште се немаат отселено.
Во оваа траорна атмосфера на колективна загуба, општа дезиорентираност и длабока болка и гнев, тешко е човек да не се предаде на темнината. Сепак, нашиот фолклор, но и добар дел од современата културна продукција, нѐ учи на покороност на судбината, втемелена во тешкото минато. Можеби на тој начин ја репродуцираат? Конески пишува дека е роден во „смачкано племе“, а Чашуле дека „како само за нас, Македонците, да се создадени сите црнила на овој век“. Не ми е намерата да ги вадам од контекст овие цитати (има зошто и како тие функционираат во конкретните дела од кои се преземени). Напротив. Зашто социјалните мрежи беа преплавени со овој наратив, сакам да посочам колку е дефетистичко инертното посегнување по „докази“ дека масовната смрт предизвикана од центрите на моќ, е всушност олицетворение на нашиот колективен ген и несреќа. Другата перспектива, која ги обзнанува материјалните околности, односно криминалци, кои создаваат услови за системски крах е веројатно потешка за прифаќање, зашто подразбира и прифаќање на активниот влог кон иднината. Процес кој во волку климава клима бара исклучително многу труд, борба и верба. Сепак, наспроти мракот, тоа е перспективата низ која, наивно или не, но секако свесно, избирам да гледам.
Верувам во потенцијалот на трансгресија на условите и околностите кои ги наследуваме, зашто сум растена помеѓу борбени луѓе кои својата младост ја поминаа на пленуми и протести, отаде мета-наративот за покорниот македонец. Сликата која се добива од несовесните медиуми и нечовечките алгоритми е дека народот е поделен, несолидарен и корумпиран. Лекот е, секако, да се „самораспуштиме“, зашто ние не заслужуваме држава. Растена сум овде, па јасно ми е дека овој глас на недоверба, себесомнеж и омраза е култивиран во нас и преку воспитување, но и преку образование. Истовремено, јасно ми е дека тие позиции на немоќ не се фиксни.
Во оваа црна недела, гледам вчудоневидувачка сила, човечност и солидарност. Гледам интензивно младинско самоорганизирање во многу градови, гледам како луѓето ги отворија своите домови за семејствата на оние кои се лекуваат игледам како обичниот човек издвојува дел од своите трошни месечни ресурси за помош на својот сограѓанин. Низ солзи гледам како млади се враќале назад во огнот за да спасат други и како возачот на Итната помош, Иле Гоцевски, 11 пати возел од Кочани до Скопје и по 32 часа работа, легнал да се одмори и никогаш не се разбуди.
Ова не се приказни на исклучоци. Ова сме ние. Додека власта дава сѐ од себе за да уништи било каква форма на борба за подобро утре, политичките партии пробуваат да профитираат од нашата болка, а нашите избрани пратеници во Собранието упорно молчат, одбирам да гледам кон исток. „Ноќта е најтемна пред разденување“, напиша Игор Исаковски.
* денес, 04.04. бројот на жртви се зголеми на 60.
Текстот е оригинално напишан за весникот „Новости“ и објавен на Portal Novosti.