Антиродовите мобилизации се засилуваат преку хранење на анксиозноста кај луѓето дека се губи националниот идентитет и традицијата. Десничарските партии, поттикнати од национализмот и исламофобијата, ја усогласуваат својата реторика со таа на антиродовите наративи и различните религиозни групи, без оглед на доктриналните разлики. Оваа коалиција, обединета во својата борба против родовата еднаквост и плурализмот, покажува како отпорот кон промените може да биде помоќен од напорот да се уништат структурите на опресија.
Зајакнувањето на националистичките жарови е честопати придружено со антиродови агенди, и е пропратено со иницијативи кои ги зајакнуваат хетеро-патријархалните хегемонии – на пример, преку предлози за воведување на задолжителни воени служби или креирање на отпор кон меѓународното признавање на геноцидот во Сребреница, како што скоро беше случај во Хрватска и Србија. Со цел да се тргне вниманието од актуелните проблеми и да се спречи прогресот, во игра секогаш влегува дискурсот за „загрозената безбедност на народот“ перципиран низ феноменот на „нацијата“.
На пример, меѓународното признавање на геноцидот во Сребреница може да се гледа како поттик и една причина за порастот на националистички чувства во Србија, но тие се само продолжение и одраз на национализмот поддржан од државата. Неодамнешната најава на српскиот претседател Александар Вучиќ за враќање на задолжителната воена служба, заедно со повторното воведување на воена обука во Хрватска, го илустрира зајакнувањето на националистичкиот жар – чувство кое често е придружено со антиродови агенди.
Антиродовите политики, национализмот и милитаризмот меѓусебно се зајакнуваат со подржување на строги општествени хиерархии и токсична машкост, што резултира со поткопување на родовата еднаквост и правата на ЛГБТКИА+ во корист на тесно дефинираниот национален идентитет. Како одговор на ова, родовите активисти мора да размислат како овој глобален бран на антиродови движења, особено во Источна и Југоисточна Европа, ги загрозува целите на Резолуцијата за Жени, Мир и Безбедност (WPS). Иако антиродовите влади честопати даваат поддршка за принципите на WPS во нивните надворешни политики, тие всушност истовремено ги поткопуваат напорите за родова еднаквост во својата земја, а со тоа го поткопуваат и успешното спроведување на Агендата. Влијанието на овие политики не е изолирано само во рамки на локалниот национален контекст. Влијателните конзервативни земји како САД и Русија го сменија правецот на Агендата на WPS упатувајќи го кон ОН, а со тоа ослабувајќи ги глобалните заложби за родова еднаквост.

фотографија: д-р Зилка Спахиќ Шиљак
Имајќи го предвид ваквиот контекст, креирањето одржлива солидарност бара директно соочување со ваквите противречности. Колективното делување мора да биде втемелено во заедничките борби против неправдата и издржливоста наспроти исклучувачките наративи. Во овој напис, согледувањата на д-р Зилка Спахиќ Шиљак, босанска феминистка и академик, и Рита Бехадини, албанска новинарка од Македонија, ги обелоденуваат храбрите и солидарни начини на кои феминистките се соочуваат со антиродовите движења. Тие забележуваат како токму религијата истовремено делува и како пречка и како можен пат за градење коалиции. Д-р. Зилка, која е заменичка директорка на Центарот за интердисциплинарни постдипломски студии на Универзитетот во Сараево, спровела опширни истражувања за тоа како повоените босански заедници се обновуваат преку мировни напори предводени од жени. Нејзината работа ја обелоденува двојната улога на религијата во зајакнувањето на патријархалните наративи и во обезбедувањето платформа за градење на мир и феминистичка солидарност.
На сличен начин, Рита Бехадини, новинарка и основачка на „Mollëkuqja“, тврди дека вистинската родова еднаквост бара општествените системи да ги задоволат различните потреби на сите поединци, што подразбира предизвикување на вкоренетите патријархални норми. Нејзината работа, од формирањето на „Феминистичкиот клуб“ до „Mollëkuqja“, а од неодамна и иницијативата Shega, се фокусира на менување на медиумските наративи за да се нарушат традиционалните структури на моќ. Бехадини нагласува дека сеприсутното влијание на антиродовото движење врз медиумите и политиката бара подеднакво распространет одговор заснован на меѓусекторска соработка. Со ангажирање во верските заедници, активистите можат да ја редефинираат улогата на верата во јавниот живот, трансформирајќи ја од алатка за исклучување во основа за инклузивен отпор.
При создавање на стратегии на солидарност и отпор, од витално значење е да се продолжи со коалиции кои ги надминуваат традиционалните поделби. Активистите мора критички да ги испитаат вкрстувањата на религијата, национализмот и родот за да развијат сеопфатни, контекстуални одговори на антиродовите политики. Ова, освен препознавање на начините на кои овие сили се здружуваат за да ги ограничат слободите, подразбира и идентификување на влезовите во религиозните и културните рамки кои поддржуваат отпор поттикнат од заедниците. Ваквиот простор на вкрстување нуди можност за сеопфатна мобилизација, преку која можеме да создадеме посилен и посуштествен отпор кон антиродовите идеологии, а истовремено и да ги зајакнеме колективните напори за родова еднаквост и инклузивна безбедност.
Зилка, чие поле на дејствување опфаќа и академски и активистички кругови, забележува засилена координација меѓу антиродовите актери на Балканот – од конзервативни организации до верски институции и политички субјекти. „Постои јасна идентификација на антиродови и анти-права актери и движења овде во Босна и Херцеговина“, објаснува таа. Овие групи, забележува Зилка, „се обединуваат под заедничка опозиција за родовата еднаквост, ЛГБТК+ правата и пошироките агенди за човекови права“.
Искуствата на Рита ја ставаат оваа реалност во поостар фокус. Како критички настроена новинарка, таа беше директно таргетирана и соочена со вознемирување и смртни закани поради нејзиното застапување за родова еднаквост. „Станав мета на напади врз основа на моите мислења, во оној момент кога мојата работа како активистка за правата на жените почна да има влијание“, раскажува таа, споделувајќи за еден случај на напад во дигиталниот простор на кој му претходела нејзина критика на сексистичките изјави на имамот. „Постојат специфични движења за ’борба’ против родовата еднаквост“, вели таа, „кои ги напаѓаат оние што ги оспоруваат ’традиционалните вредности’.
Овие лични закани се симптоматични за поголема агенда насочена кон замолчување на гласните поборници за родова еднаквост.
Регионалната солидарност е транснационална
И за Зилка и за Рита, феминистичкиот отпор зависи од градењето и негувањето на прекуграничната солидарност. Зилка ја нагласува важноста од „создавање сојузи со верски заедници и грасрут организации“ за да се премостат поделбите и да им се спротивставиме на штетните наративи пропагирани од антиродови групи. Таа укажува на Школата за феминизам и религија, регионална иницијатива која ги обединува жените заинтересирани за рушење на родовите стереотипи, како простор за соработка. „Тоа е платформа за балканските жени да ја предизвикуваат антиродовата реторика на креативни, контекстуално релевантни начини“, објаснува таа, „особено за оние со религиозно потекло кои сакаат да ги помират верата и феминистичките идеали“.

фотографија: Рита Бехадини
Рита го повторува значењето на овие транснационални мрежи, нагласувајќи како регионалните феминистички движења се здружија за прашања како што се родово засновано насилство, репродуктивни права и ЛГБТК+ права. „Феминистичкото движење на Балканот е издржливо, а прекуграничната соработка е негова силна страна“, вели таа. „Феминистичката солидарност во овој регион ги надминува националните граници бидејќи признаваме дека нашите борби се длабоко меѓусебно поврзани“. Оваа меѓусебна поврзаност ги зајакнува активистите не само идеолошки туку и емотивно, бидејќи тие црпат сила од споделените искуства и системи за поддршка кои ја зајакнуваат нивната лична благосостојба и колективното влијание. Или накратко – го потврдува она за кое Сара Ахмед нè потсетуваше во однос на солидарноста: „Солидарноста не претпоставува дека нашите борби се исти борби, или дека нашата болка е иста болка или дека нашата надеж е за иста иднина. Солидарноста вклучува посветеност и работа, како и признание дека дури и ако ги немаме истите чувства или исти животи или исти тела, сепак живееме на заедничка почва.“
Кои се просторите за солидарност: Дигитални места на раздор но и отпор
Дигиталните платформи станаа клучни боишта и за антиродовите движења и за феминистичкиот отпор. Зилка истакнува како антиродовите актери ги користат дигиталните медиуми за да ги засилат своите наративи, често врамувајќи ја родовата еднаквост како закана за „моралниот интегритет“ или „општествената стабилност“. Оваа тактика е особено ефикасна, забележува таа, бидејќи „резонира со локалните вредности, додека истовремено е информирана од поголем транснационален наратив“. Како одговор, таа се залага за феминистички иницијативи за дигитална писменост за борба против дезинформациите, опремувајќи ги активистите со алатки за заштита и враќање на онлајн просторите. За Рита, дигиталната сфера е и извор на опасност и платформа за застапување. Вознемирувањето на кое е изложена ја принудило внимателно да се движи низ онлајн просторите, приспособувајќи ги поставките на социјалните мрежи кон поголема безбедност. „Имаше моменти кога бев помалку активна“, признава таа, „но секогаш наоѓам начин да го добијам онлајн просторот што мислам дека е мој“. Оваа издржливост е пример за клучната феминистичка стратегија во дигиталниот отпор: враќање на просторот и покрај противењето. Искуството на Рита зборува за потребата од дигитална безбедност и поддршка од заедницата, бидејќи активистите се соочуваат со анимозитетотшто ја придружува онлајн видливоста.
Враќање на религијата како алатка за родова еднаквост
Една од најмоќните алатки што ги користат антиродовите движења е религијата, стратешки искористена за феминизмот да се квалификува како некомпатибилен со верата. Во Македонија, првиот пат кога сите религиски лидери се обединија, беше за да протестираат против носењетона Законот за родова еднаквост – нешто што не се случило дури ни кога имало конфликт или природни катастрофи во земјата. Зилка забележува дека овие движења „ја вооружуваат религијата преку толкувања, со цел да се легитимира патријархатот“. Сепак, таа тврди дека верата, кога се чита низ феминистички објектив, може да биде и извор на зајакнување. „Верата навистина може да биде извор на ослободување и правда“, тврди таа, посочувајќи на феминистичките теолози во балканскиот регион како Јадранка Аниќ, Ксенија Магда и Адис Џудерија, кои работат на реинтерпретирање на религиозните учења на начини кои промовираат родова еднаквост.
Со враќањето на религиозните наративи, феминистките на Балканот создаваат простори каде и секуларните и феминистките вернички можат да се усогласат со заедничките вредности. Овој интерсекциски пристап, сугерира Зилка, не само што се спротивставува на антиродовите наративи, туку и го проширува досегот на феминистичките идеали, правејќи ги достапни за заедниците кои можеби се чувствуваат отуѓени од секуларниот дискурс.

фотографија: Марш за женски права, Скопје, 2024
Како да се движиме кон стратегии на грижа, како грижата за себе и колективната поддршка
Цехот кој го носи активизмот во непријателска средина е тежок, што ја прави грижата за себе политичка неопходност за балканските феминистки. Зилка ја нагласува важноста на грижата во заедницата, од поддршка за менталното здравје до мрежите за солидарност кои ги одржуваат активистите во тешки периоди. „Потребен ни е повеќеслоен пристап кој оди отаде конкретни политики“, вели таа, „со јасни, точни информации и ангажман на заедницата што гради сојузи и поттикнува инклузивност“.
Отпорноста на Рита е втемелена во поддршката од нејзиното семејство и пријателите, кои ја потсетуваат на нејзината сила. „Без разлика колку пати се повторува, никогаш не сте подготвени да се справите со тоа“, размислува таа, нагласувајќи ја вредноста на блиските односи. За неа, грижата за себе значи и трансформирање на вознемирувањето во гориво за застапување. „Ако знаете како да се справите со тоа и да не дозволите да влијае на вас толку многу, станувате посилни и погласни“, вели таа, истакнувајќи ја моќната форма на отпор што ја претвора болката во цел.
Иако индивидуалната и колективната грижа се од витално значење, Зилка и Рита ја нагласуваат потребата од политики и институционална поддршка за заштита на активистите. Зилка повикува на градење капацитети и медиумска писменост за зајакнување на локалните феминистички движења, опремувајќи ги да одговорат стратешки на антиродовите наративи. Меѓународната соработка, смета таа, е исто така клучна: „Поврзувањето со глобалните феминистички мрежи ни овозможува да споделуваме стратегии, ресурси и солидарност“.
Рита, сепак, е скептична кон неодамнешните закони за заштита на новинарите во Македонија кои таа ги гледа како главно симболични. „Законот е совршен, но имплементацијата…не е како што треба“, забележува таа. Нејзиното разочарување одразува поширока недоверба во државните институции, кои честопати не успеваат да ги заштитат оние кои се во првите редови на застапувањето за родова еднаквост. Феминистките како Рита и Зилка на тој начин работат не само на отпорот против антиродовите движења, туку и на одговорноста на институциите, вршејќи притисоци за поцврста и ефективна рамка на поддршка.
Балканскиот отпор дава уникатна перспектива
Животните искуства на Зилка и Рита го откриваат потенцијалот на феминистичко движење кое се спротивставува на антиродовите напади кон еднаквоста преку солидарност, креативна прилагодливости стратешка грижа. Како што тврди Рита: „Жените во минатото воделе поголеми војни… Не можеме да очекуваме некој друг да ја донесе промената за нас“. Оваа посветеност на самозајакнување и взаемна поддршка ја нагласува моќната порака: соочени со непријателство, балканските феминистки продолжуваат да градат мостови, да креираат и негуваат однос кон заедницата и да се залагаат за родова еднаквост.
Оваа заедничка визија покажува дека за да се постигат значајни промени, неопходни се и индивидуална отпорност и колективна акција, што го прави балканскиот феминизам моќна сила во глобалната борба за социјална правда.
Користена Литература:
Ahmed, S., (2023). The feminist killjoy handbook. Random House.
Peregil, F. (2024). Military service returns to the heart of the Balkans: Croatia and Serbia to reintroduce conscription, EL PAÍS English. Available at: https://english.elpais.com/international/2024-10-10/military-service-returns-to-the-heart-of-the-balkans-croatia-and-serbia-to-reintroduce-conscription.html (Accessed: 20 December 2024).
The impact of anti-genderism on the women peace and security agenda in Central and Eastern Europe (no date) SecurityWomen. Available at: https://www.securitywomen.org/post/the-impact-of-anti-genderism-on-the-women-peace-and-security-agenda-in-central-and-eastern-europe (Accessed: 5 December 2025).
Клинчарски. (2023). ИВЗ ѝ подаде рака на МПЦ против законите за род, Радио Слободна Европа. Available at: https://www.slobodnaevropa.mk/a/ivz-%D1%9D-podade-raka-na-mpc-protiv-zakonite-za-rod-/32482178.html (Accessed: 20 January 2025).