Од мали нѐ учеле дека молкот е доблест, дека секој треба да си ја гледа својата работа и да не се занимава со „туѓите проблеми“. Ретко се зборуваше за тоа кому му одговара таквиот молк, кој добива кога сме поделени и затворени во сопствени микросветови, без да гледаме подалеку од себе, и кој ја плаќа цената за тоа.
Молкот никогаш не е неутрален. Најчесто се работи за игнорантност, понекогаш за конформизам, но резултатот секогаш е соучесништво со страната што угнетува.
Масовното насилство речиси никогаш не почнува одеднаш. Се гради постепено, често преку теми што на почетокот изгледаат „премали“ или „неважни“ за пошироката јавност. Историјата тоа постојано го покажува.
Пред ужасите на Втората светска војна, на пример, првите напади на нацистичкиот режим беа насочени кон транс луѓето и кон простори што промовираа сексуална и родова слобода. Во 1933 година, Институтот за сексуални науки во Берлин, основан од Магнус Хиршфилд, беше уништен, а неговите книги беа запалени. Во тој момент, тоа изгледало како изолиран чин, нешто маргинално што засега мал број луѓе. Но подоцна станува јасно — како што историјата постојано повторува — ваквите настани се дел од поширок процес чија цел е поместување на границите на тоа што се смета за „прифатливо“ и постепено создавање простор во кој дехуманизацијата на одредена популација станува нормална, а насилството замисливо, па дури и оправдано.
Нападите врз транс луѓето затоа никогаш не се само „маргинални“ прашања. Oпасноста започнува во моментот кога општеството ќе почне да ги третира како такви.
Кога едно општество ќе се навикне одредени луѓе да ги гледа како маргинални, опасни или помалку вредни, границите на прифатливото насилство постепено почнуваат да се поместуваат. Таа логика не останува ограничена само на една група или еден контекст. Ја гледаме и во начинот на кој светот реагира на масовното погубување на палестинскиот народ. Сразмерот не е ист, но логиката дека некои животи се помалку вредни е, секако, иста.
Палестина денес е еден од највидливите и најдокументирани примери на насилство што се одвива во реално време, пред нашите очи. И покрај тоа, колективната реакција останува несразмерно мала. И покрај десетиците, ако не и стотиците, илјади убиени палестински мажи, жени и деца, блокадите на хуманитарна помош, апсењата на активисти и таргетираните напади врз новинари и медицински персонал, што ги гледаме директно пренесени на нашите мали екрани што ги носиме во џеб.
Скоро и да нема кој не го слушнал името на малата Хинд Раџаб. Нејзиниот повик за помош, кој траеше со часови, стана симбол на една реалност во која спасот не доаѓа навреме — или не доаѓа воопшто. Нејзиниот глас ни е врежан во мозокот, во срцето, до крајот на животот, како потсетник за хоророт на кој сведочиме и што овозможуваме да продолжи. Приказна на Hind Rajab не е само лична трагедија на едно девојче; тоа е запис, сведоштво — Дневникот на Ана Франк на денешното време.
Палестина стана тест за тоа до каде стигнала човечноста. И на тој тест, колективно, потфрлуваме. Кога насилството е толку видливо, а сепак не предизвикува масовна реакција, што станува со она насилство што не е толку видливо и документирано? Што станува со Јемен, Судан, Конго? Што станува со сите животи што исчезнуваат надвор од вниманието на светот?
Сведувањето на цели народи на статистика или безбедносни наративи овозможува насилството да продолжи. Кога човечкиот живот се губи во апстрактна реторика, станува полесно да се игнорира неговата загуба. Џудит Батлер пишува за тоа чии животи се сметаат за вредни за жалење, односно чие страдање воопшто се препознава како загуба. Тоа е нешто што многу маргинализирани луѓе го препознаваат од сопственото искуство. Додека за едни веднаш се активира сочувство и солидарност, други најпрво мора да поминат тест на политичка „прифатливост.“
Во книгата Совршените жртви и политиката на прифатливост (Perfect Victims and the Politics of Appeal), Мухамед ел-Курдпишува за притисокот врз Палестинците да бидат „совршени жртви,“ доволно тивки, доволно „прифатливи,“ доволно ненасилни. Но дури и тогаш, тоа признавање никогаш не е целосно.
Тој опишува како сведоштвото на Палестинците често се прифаќа како веродостојно само ако се вклопува во веќе постоечка приказна за нив. Нивните емоции, гнев или политичките ставови лесно се користат против нив, како дополнителен тест за тоа дали нивната болка е „легитимна.“ Во тој контекст, барањето да се зборува „смирено“ или „разумно“ за сопственото страдање станува товар што им се наметнува на оние што веќе живеат под насилство. Болката мора да биде претставена на прифатлив начин за да биде слушната.
Во својата книга, Мухамед Ел-Курд пишува и за начинот на кој палестинската болка често се претвора во нешто што светот пасивно го консумира, спектакл што тој го нарекува „trauma-porn,“ кој привремено предизвикува емпатија, но само кога страдањето е доволно шокантно, а жртвите изгледаат доволно беспомошно и политички „невино“ и подобно. Ел-Курд предупредува дека човечноста не им се признава на сите подеднакво, туку често зависи од тоа колку некој се доближува до идејата за „невиност“ што доминантниот систем ја препознава и прифаќа:
Ние не сме луѓе автоматски, само поради тоа што сме луѓе — треба да бидеме хуманизирани преку нашата близина до невиноста: белина, цивилизираност, богатство, компромис, соработливост, неврзаност, ненасилство, беспомошност, намење иднина.
„Палестинецот е роден виновен“ и за да се искупи од овој грев, мора да го отфрли и да се одрекне од Палестинецот во себе. Но тоа напуштање не е направено своеволно, туку му е наметнато; таквиот чин не е негово сопствено дело, туку дело извршено во негово име. Кога познатата палестинска новинарка Ширин Абу Аклех беше убиена, Ел-Курд очекуваше светот да застане, да се потресе од нејзината смрт. Наместо тоа, доби кратка порака од колега новинар со итен повик да извести дека Ширин била Американка бидејќи поседувала американски пасош. Фактот дека таа била Палестинка, политичката реалност во која живеела и условите под кои известувала стануваат секундарни, неважни за веста, во корист на една поудобна и попрепознатлива идентификација, како убивањето новинари да е поскандалозно и полесно за осуда ако жртвите се Европејци или Американци. Така, идентитетот не само што ѝ е одземен постфактум, туку е и заменет во нејзино име и без нејзина согласност.
Кога пасошот станува политичка алатка за „хуманизација,“ изговорот е да се наговорат западните влади да „бараат правда“ за своите граѓани. Но пораката што со тоа се испраќа, подлабока, поопасна и поомаловажувачка, е продавање на наратив на невиност, наратив што ги прифаќа, па дури и ги потврдува, расните и ксенофобни гледишта на публиката што оваа вест наводно се обидува да ја разубеди.
Ел-Курд се осврнува и на двојните стандарди во западните медиуми при известувањето за Украина и Палестина. Тој посочува примери во кои западните медиуми отворено го поддржуваат украинскиот отпор, прикажувајќи цивили како подготвуваат молотови коктели и ги глорифицираат украинските борци, додека во исто време целосно отсуствуваат разбирање, контекст или емпатија кога станува збор за палестинскиот отпор. Новинарите и политичките коментатори кои без двоумење ја препознаваат окупацијата и легитимноста на отпорот во Украина, одбиваат да го применат истото разбирање во случајот со Палестина. Ел-Курд нагласува дека ваквиот пристап не може да се сведе исклучиво на расно прашање, потсетувајќи и на односот кон Ирската републиканска армија. Наместо тоа, начинот на кој се известува за Палестина, според него, е тесно поврзан со стратешките интереси на Западот. Додека Израел претставува клучен сојузник на САД во регионот, на Русија се гледа како на „егзистенцијална“ закана за Западот. Во таков контекст, не е изненадувачки што западните медиуми го делегитимираат палестинскиот отпор на истите страници на кои го слават украинскиот. За да се одржи таквиот наратив, палестинскиот отпор мора да биде претставен како нелегитимен, насилен и опасен, а Палестинците како луѓе чие страдање автоматски не заслужува сочувство, туку мора постојано да ја докажуваат сопствената невиност, човечност и „прифатливост“ за нивната болка воопшто да биде признаена како легитимна.
Во таква логика, „совршената жртва“ мора да биде доволно повредена за да не пружа отпор, доволно тивка за да не покаже лутина и доволно безопасна за нејзината болка лесно да биде прифатена од пошироките маси. Секој знак на гнев, отпор или политичка припадност брзо се користи за да ѝ се одземе човечноста и повторно да се смести во однапред подготвената категорија на закана или виновник.
Ел-Курд го одбива овој услов. Тој инсистира дека насилството не треба да се релативизира преку прашања за тоа колку е „совршена“ жртвата. Дури и кога постои гнев, отпор или несовршеност, тоа не го менува фактот на насилството. Поентата што ја истакнува е да се прекине моралното преиспитување на угнетените и да се отфрли логиката во која Палестинците се третираат како „виновни додека не се докаже спротивното.“
Една од неговите најсилни реченици гласи:
Нашите масакри се прекинуваат само со паузи за реклами. Судиите ги легализираат. Новинарите нè убиваат со пасивен глас.
Тоа и е најголемиот проблем, насилството станува вест што само се консумира, наместо да е повик за отпор.
Системот што го овозможува насилството во Газа е системот што ги создава и одржува екстремната сиромаштија, уништувањето на животната средина, општествената поларизација и секоја реалност во која некои животи се третираат како помалку вредни и полесно потрошни од други.
Во едно интервју, Елиф Шафак предупредува дека најголемата опасност е рамнодушноста — моментот кога болката на другите престанува да нѐ допира и полека станува дел од секојдневната нормалност. А кога насилството ќе почне да ни изгледа нормално, тогаш рамнодушноста повеќе не е само лична состојба, туку и политичка алтка што овозможува таквите системи да опстојуваат.
Токму затоа, солидарноста не треба да е само чувство или морална позиција, туку и политички избор. Избор да се остане присутен, дури и кога е полесно да се молчи или да се сврти погледот на друга страна. Таа не треба да зависи од тоа колку ни е некој близок, познат или „разбирлив“. Солидарноста значи одбивање да се прифати логиката дека некои животи се потрошни, а други вредни за заштита. Да се зборува за Палестина денес значи да се одбие логиката што одредува чие страдање заслужува внимание, а чие може да биде игнорирано.
Во истото интервју, Шафак зборува и за тоа дека кога ја губиме способноста вистински да обрнеме внимание на другите и да сочувствуваме со нив, ја губиме и способноста да замислиме поинаков свет. Рамнодушноста не само што нѐ оддалечува едни од други, туку постепено го стеснува и просторот на она што воопшто можеме да го замислиме како возможно. атоа солидарноста e и начин на светоглед, и одбивање да се прифати неговото стеснување. Таа е одговор на прашањето за чии животи сме подготвени да се залагаме, дури и кога тоа е непопуларно, политички ризично или кога станува збор за „комплексно прашање.“
Солидарноста значи да не молчиме кога масовното уништување на палестински животи се сведува на геополитичка дебата, статистика или нешто на што светот треба едноставно да се „навикне“. Да не молчиме ниту кога транс луѓето се напаѓани, избришани од јавниот простор или претворени во алатка за политички пресметки. Да се вклучиме во разговорите што многумина сакаат да ги избегнат — на улица, во јавниот простор, и во секој момент кога од нас системот очекува рамнодушност.
Бидејќи насилството не започнува со масовно погубување. Тоа започнува многу порано, во моментот кога ќе прифатиме дека некои животи можат полесно да бидат игнорирани, избришани или сметани за потрошни.
Затоа што молкот никогаш не е неутрален. Тој секогаш зазема страна, и тоа е секогаш страната на угнетувачот.
изворно објавено во ТРАНЗИН#2 (уред. Мања Величковска и Јован Јосифовски), во издание на ТрансФормА, 2026.