#10 Сушуд Хусеин
11.11.2024
Судбината на луѓето од Газа е исцрпеност и страдање, нивните денови се долги и тешки. И покрај сè, се обидуваат да создадат привид на нормалност, надевајќи се на еден мирен миг на крајот — миг кој беше уништен од брутална војна што не прави разлика помеѓу камен и човек. Во средината на октомври 2023 година, повеќето жители на Газа беа принудени да ги напуштат своите домови и да се упатат кон областите означени како „безбедни зони“ од окупаторската армија. Јас и семејството, заедно со чичковците и тетките, се упативме кон Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, коцкајќи се со сопствените животи среде воздушните напади, напредувањето на воени возила, непрекинатата бучава на авионите, па дури и бомбардирањето на засолништата.
Немавме средства за живот — баравме само безбедност. Во тие рани денови постојано си повторувавме: „Утре ќе се вратиме“. Кога ни требаше нешто суштинско — облека, храна, постелнина — си велевме: „Дома ги имаме сите овие работи; утре ќе се вратиме“. Но, помеѓу стравот, несигурноста и студот поминавме долги ноќи — речиси два месеца — спиејќи на земја, користејќи ќебиња како импровизирани душеци, убедувајќи се дека сето ова е само привремено.
Повеќе од сто члена од моето пошироко семејство ја делеа истата сурова реалност. Се будевме наутро, палевме оган, готвевме храна затемнета од саѓи и ја печевме во глинени печки. Кога за првпат добив можност да спијам на душек од пена, се почувствував како повторно да го открив сонот. Ги заборавив чувствата на мир и тишина, а немав ниту миг приватност за да тагувам по сè што изгубивме. Немавме луксуз да протестираме против нашите околности. Го преживеавме она што нашите баби и дедовци ни го раскажуваа за нивната Накба, ја вкусивме горчината на самото постоење. Се тешевме со помислата дека сето ова страдање ќе помине.
Но, по само неколку дена, окупаторот им нареди на сите раселени лица во засолништето да го напуштат Кан Јунис и да се упатат кон Рафа, прогласувајќи го градот за опасна борбена зона. Поминавме низ т.н. „безбедни коридори“, трпејќи неописливо понижување. Теророт кога одевме меѓу тенковите, подбивните погледи на војниците, стравот дека ќе се одвоиме од семејството или дека ќе го загубиме она малку што го носевме со себе — сето тоа беа мигови на тотален очај. Го напуштивме Кан Јунис со солзи. Плачев сè додека тагата не ми го проголта срцето. Се преселивме во шатор. Првата ноќ не се опишува со зборови. Врнеше, а јас цела ноќ замислував како шаторот се поплавува и се прашував што ќе правиме.
Око не склопив цела ноќ. По толку исцрпувачки денови, копнеев по мирен сон, но мислите не ме поштедија, а ни тагата.
Умот ми беше растргнат помеѓу две подеднакво горчливи опции: дали да се спасам и да заминам или да останам со моето семејство среде оваа војна и да ја одложам мојата свадба додека војната не заврши? Верував дека заминувањето ќе донесе спас зашто сè околу нас изгледаше како јасен сигнал за пропаст.
По многу долги месеци, во март 2024 година, ја напуштив Газа, со образите сè уште влажни од солзи. Се збогував со мајка ми — таа дарежлива и љубезна жена што ја посвети младоста на нашето воспитување по смртта на татко ми, пркосејќи им на сите животни тешкотии за да види како стануваме подобри луѓе. Токму кога очите почнаа да ѝ светат од гордост за нашите достигнувања, војната ја изгасна таа светлина, проголтувајќи ѝ ја силата и врежувајќи ѝ линии од болка на лицето — линии што нема никогаш да исчезнат. Се збогував со неа, посакувајќи да можам да се стопам во нејзините раце и никогаш повеќе да не се вратам на овој суров свет.
Се упатив кон Египет, носејќи ја во сеќавањата Газа што ја сакав цел живот. Кога влегов во Египет со возач кој пушташе песни од Ум Култум и ги здогледав силно осветлените улици на Каиро, пред очи ми блеснаа сликите од Газа — Газа, поубава и повеличествена од кој било град. Како стана толку сива? Гласот на Ум Култум ми ги насолзи очите, а сеќавањата навираа. Нејзините песни отсекогаш ни биле дел од разговорите со пријателите — музиката ја заменувавме со приказни, ги слушав нивните, ги споделував моите.
Ја напуштив Газа без да се збогувам со пријателите, оние што ги гледав секојдневно. Војната го попречи моето заминување што го планиравме со години. Често се прашувавме како ќе се збогуваме и како повторно ќе се сретнеме. Војната ги избриша тие визии, ги направи невозможни. Сега си мислам колку ми недостасуваат пријателите, колку копнеам да ги видам. Го разбира ли светот копнежот по мајка, по сестри, по пријатели — по спомени?
Плачам гледајќи фотографии на телефонот, па се смеам. Тие слики се сè што имам сега — спомени зачувани во меморијата на еден уред. Се сеќавам на секој детаљ: зошто се сретнавме токму таму, за што се смеевме или плачевме и како животот ни наметна тешкотии што на светот му изгледаа непремостливи. Зошто не можевме да се соочиме со тривијални кризи, наместо да ја носиме преголемата облека на војната? Зошто ни беше одземен изборот да одбиеме?
Си велам дека сè уште сум млад и дека сум го запознал и живеел животот. Но, има деца што ги отвориле очите директно кон војната, кои никогаш не ја запознале прекрасната Газа или животот исполнет со можности. Јас барем тоа го доживеав — си велам со горчлива иронија — каков „благослов“ ми подари животот за да се фалам!
Целиот свет живее со повеќе од она што го имавме ние, а, сепак, светот одлучи дека и нашето малку е премногу за нас. Овие деца имаат право на достоинствен живот, образование, здравје, радост и патувања. Тие не се ништо помалку вредни од децата на кое било друго место — тие се суштината на оваа генерација која стои исправена наспроти сите пречки. За мене, Газа — со својата младина, своите деца и своите жени — останува кралица на светот, убава и покрај сè.
Сега живеам сам со своите прашања, стравови, вознемиреност и осаменост, далеку од семејството и пријателите. Научив дека преживувањето е илузија, бидејќи стравот е чудовиште не помалку страшно од самата војна. Се плашам од вестите, од звуците, од неможноста да добијам одговор од моето семејство или од итна вест за бомбардирање во нивна близина. Се плашам од долгите часови кога моите пријатели се офлајн — состојба што е нормална во Газа поради недостигот на комуникациски средства. Овие тешки и вознемирувачки околности му се туѓи на светот. Понекогаш си мислам дека моето искуство е ништо во споредба со она што мајка ми ми раскажува дека го издржуваат. Кога ја замислувам како се носи со сето тоа, ме обзема лутина и срцето ми се стега.
Овие стравови и спомените за тешките ноќи во Газа ме обликуваа во поинаква личност — лута, со остар јазик, нетолерантна кон спротивставените ставови. Не можам да го поднесам зборот ‘Газа’ ако не е изговорен со гордост и восхит. Ги отфрлам несогласните гласови, што е спротивно на личноста што некогаш бев — онаа што ги прифаќаше сите мислења и ја поздравуваше секоја перспектива. Војната ме промени; ја уништи личноста што бев некогаш.
Она што го проживеавме, она за што размислувавме и она што го видовме е тешко да се објасни, без разлика колку зборови ќе потрошиме. Тоа е единственото искуство на еден човек од Газа — отфрлен од светот, оставен сам да се соочи со монструозната окупација, обликуван во мит за да ја задоволи нечовечноста на другите. Еден ден, човекот од Газа ќе извика кон целиот свет, барајќи само едно: враќање на мирот. Кога ќе дојде тој ден, светот мора да биде подготвен и не смее да го обвинува човекот од Газа за последиците од неговата долготрајна осаменост.
#17 Јасмин Џарур
13.11.2024
Годишните времиња поминаа, а ние не го искусивме она по што ни се препознатливи. Зиме не јадевме портокали, ниту, пак, си купивме кочан печена пченка на пристаништето на лето. Дури и маслинките останаа ненабрани; нив ги притиснаа вземи тенковските гасеници. Земјата не процвета на гробот на мајка ми, бидејќи пролетта од страв се скри и беше закопана под урнатините.
„Сите се добро, не се секирај. Ги извлековме живи. Сега се во училиштетото во шелтерот. Смири се, само Салман, Наџах, маж ѝ Махмуд, нивниот син Луај, нивните ќерки Варда, Асил, синовите Анас, Бакр, Абу Анас, Абу Џалал, Ум Џалал, Ахмад, неговото синче Усама, Али, Абу Хасан, Хасан, Закија, Манал и нејзиното синче Амир се издигнаа како маченици.“
„Сите се добро“ – лага за да ги потсмирам жената на Салман, децата на Наџах и Махмуд, родителите на Анас и…
Ќешки да беа добро. Но, од под урнатините излегоа на делови, закопани во привремени гробови. Да, привремени гробови!
Изненадени сте?
Да објаснам: не можеме да појдеме на гробишта за да ги погребаме. Луѓе се погребуваат во училишни дворови, болнички градини, по улични ќошиња, низ сокаци.
Ќе ги откопаме кога на опресијата и темнината ќе им дојде крајот. Ќе ги извадиме од земјата и ќе ги обновиме јадот од нашата разделба, тагата во нашите срца и смртта на нашата пуста надеж дека ќе се вратат и повторно ќе ги видиме. Камо да можеше болката да престане со нивното заминување и да си продолжи понатаму.
И после што?
Гладни на север, жедни на југ, прогонети без засолниште, стварност како ниедна друга:
Раштркани ваму-таму.
Нема сигурност, нема мир.
Раселени насекаде.
Колку долго ќе трае ова?
Не е ли возможна промена?
И после што?
Ќе продолжиме ли секоја ноќ да легнуваме врз перниците натежнати од бреме, исфлекани со мрачни грижи и кошмари што ги сониме јаве?
И после што?
Не е ли возможна промена или е трајноста неизбежна?
Се превртуваме меѓу горки вистини, заглавени од мисли што не нè оставаат намира, обременети со тежината на денот и ноќта.
О водачи, душите ни остареа, а мирисот на нашата младост испари. Лицата ни станаа бледи и загрижени.
Пред Бога се молиме за нашата беда и очај.
Пред Бога се жалиме за нашата слабост и умор.
Пред Бога крикнуваме против тиранијата и неправдата.
Нему му ги предаваме нашите грижи и нивните исходи.
И после што?
Срцето веќе не сака да ми живее; неговите желби згаснаа. Копнееме само по тоа да се крене маглата, да ја видиме скриената светлина од која очите ќе нè печат поради нејзиното долго отсуство – подолго од година. Душата ќе нè боли од она што ќе го видиме тогаш.
Секој од нас во себе носи приказна што е преголема за да ја збере на страниците на книжевноста, приказна за тоа како живеевме, што видовме и како преживеавме. На секој од нас животот му се преврте наопаку. Но, војната ќе заврши и деновите одново ќе нè спојат – ако дотогаш не заминеме како маченици. Ова е вистината на нашата верба во Бога и непоколебливоста на нашите уверувања.