Малечката четирикатна зграда во која живееме е прекрасна. Има крив под, скали со различна големина и стара неизбришана пајажина. Таа е нашиот мал готик замок, заграден со темна драматична ограда и обиколен со дрвја од сите страни. Или барем дрвјата ги имаше порано.
Се преселивме во неа пред точно дваесет години. Тогаш, таа беше една од трите мали зградички на овој дел од улицата. Друго сѐ беше куќа со двор. Сега, наместо дрвја, гледам сенки. Пред прозорот веќе не ми се извива бор, туку цемент.
Колку темјани и да запалам по дома, нема да ги избркам мајсторите кои на само три метри од мојот прозорец градат уште една десеткатница.
Денес, на Денот на поезијата (21 март), дознав интересна вест – малиот интимен заграден паркинг пред истата мала интимна зграда не смее да се користи од станарите. Што се случи?
Сцена I
Локалниот тренеркаџија, кој ги извршува сите чудни обврски во маалото во име на „невидливите моќници“, ѝ се приближил на мојата сосетка и отсечно ѝ рекол: „Не паркирај“. Локација на дејството? На паркингот пред нејзината (нашата) зграда. Паркинг кој таа почна да го користи пред само неколку месеци, откако по долги години работа конечно си купи автомобил.
„Утре почнуваат“, додал мистериозно тој. А таа, прашувајќи се дали ѝ се измешале сонот и јавето, се заплеткала во зборовите и збунето прашала: „Да си одат?“. Откако дознала за вистинската причина и апсурдната ситуација, ѝ се јавила на мајка ми, која по десет минути го заврти мојот број и во истиот манир (мистериозно) го започна разговорот со „Премести ја колата“.
Како никој од нас да нема способност за расудување, само ги пренесуваме пораките бидејќи мораме, колку и да се бесмислени.
Оддалечена 2,5 км од дома, колата и чудесниот паркинг-простор, се запрашав дали конечно измислиле телекинеза. Очекував следно да ми каже: „Крени го пенкалото од маса со поглед“, и искрено се обидував додека ја распрашував за деталите. Но, како што дознавав повеќе, посакав да си го збрцам пенкалото во тил.
„Од утре градат зграда“, конечно објасни. „Не смееме веќе да го користиме просторот“.
Супер, ако јас немам телекинеза, барем некој друг има.
Гледаш парче земја и посочуваш со прст кон неа шепотејќи „Сакам овде пари“, и оп – зграда со прескапи станови, изградена без никакви правила, се клати од самата помисла на сопствената скица.
Потпрашање: За колку време ќе паднат сите овие нови згради?
Сцена II
Следната слика што ја паметам е обидот да го замислам својот гнев. Сакав да го скротам со креативни визуализации. Но пред мене, дури и кога силно ги стискав клепките, гледав само квазимодерни кичерајски згради.
Се прашував дали воопшто имаме некакви права? Нели треба да бидеме прашани пред да одлучат да ни го претворат малиот интимен тревник-паркинг во зграда, пред да бидеме изложени на уште еден макотрпен процес на градење? Нели имаме некакво основно право на спокој?
Важен факт: Од пандемијата па наваму, не поминал ден а да не се гради нешто ново околу нас. Наместо птици слушам багери, наместо тишината на сопствениот ум, довикувања од мајстори. За време на тој процес, нема никаква грижа за благосостојбата на жителите. На пример, нам ни ја скршија шофершајбната на колата и целата кола ја попрскаа со цемент. Мајка ми за малку и ќе настрадаше од греда што едно утро ненадејно падна од градежната зона.
Сцена III
Откако збунето пристигнав дома, седнав со комшиката и со две шолји кафе, спремни да ги разгледуваме законите, катастарот и сличните глупости кои навистина никогаш нема да можам да ги разберам.
Откривме дека сопственичката на зградата (а и на паркингот) го продала земјиштето на некоја фирма што планира да ни го узурпира целиот слободен простор околу нас со градење уште една огромна зграда. Нормално, без воопшто да нѐ праша. Таа тајно го оркестрирала целиот процес под нашите збунети носеви. Сфативме и дека си има конекции со познати политичари. Што фино! Веројатно поради тоа може тукутака да изгради цела зграда на најнепрактичната локација во Скопје – не ни преувеличувам – а притоа да ги занемари правата и благосостојбата на локалците.
Поради ваквиот недостаток на грижа си отидоа дрвјата, отиде паркингот, отиде и тревната површина каде што си играа локалните мачиња и кучиња за кои колективно се грижиме. А на нас две на 21 март, збунети и стуткани во ноќта, седнати пред правливиот лаптоп, гледајќи како шундот одлучува за нашите тела и нивното движење во просторот, ни преостана само да се смееме. По две-три цигари, дојде време и да ја прифатиме реалноста.
„Каде што има сила, нема правда“, ми рече комшиката додека го пречекоруваше прагот од мојот стан кон влезот на зградата за чија сопственост веќе не ни сакам да размислувам.
Во свет што се стреми да исцица и искористи сѐ (на сметка на што, побогу?), дури ни ходниците во зградите не се сигурни места. Можеби некој ден ќе решат да изградат мини фудбалско игралиште на трети и лунапарк на втори кат.
Реалноста ни станува возбудливо научнофантастична.
Предлог за единаесетта божја заповед: Искористете го секој ебан дел од овој град, небаре земјата ќе ни исчезне од под нозете, како агресивно влечено чергиче од некој пакосен враг.
Епилог – драматичен монолог
Која им е целта на оние што градат без трошка совест? За една вечер, по петстотини нелегални активности и неморални одлуки кои ги однеле до некакво си излишно богатство (бидејќи, да не забораваме, предметите не се вечни), конечно да си речат пред да заспијат: „Јас сум“.
Но ќе згрешат. Ние сме. Како што вика народот, а и „Бернајс пропаганда“: „Под земја сите тела исто заспиваат“, само што оваа земја, под која ќе треба да ги уживаме нашите подземни сништа, ќе има асфалтни столбови. Ќе бидеме осудени и по смртта да се туткаме со вас рамо до рамо, да ви прдиме во фаца и да ви ги кубеме косите. Не за друго, едноставно во овој град веќе нема доволно место ни за мртвите.
Да, дрвото пред мојот прозорец е само дрво. Да, тревникот каде што спијат мачиња е само уште еден тревник. Не е толкав проблем, особено кога ќе споредиш со сѐ што се случува во светот. Но зошто да споредувам? За да релативизирам и да се утешам дека може да биде полошо? Да, може. Со таков став и ќе дојде тоа страшно полошо. Денес е моето маало, но утре може да биде сечие. Градежниот цут веќе почнува да расте и во другите градови.
Црешата на шлагот – или евтина боја на крива ќерамида, ако сакате – е што сѐ ова се случува во време на светска климатска криза. Кога „развиените“ апелираат да зазелениме и да се вратиме кон природата, скопјани одлучуваат да направат бум во градежната индустрија. Уште еден доказ дека доцниме со децении.
Зошто глумиме Њујорк во време кога и Њујорк се срами од себеси? Во свет кој умира од уништување на зеленило, како алчниве не сфаќаат дека стварно не е веќе „кул“ да градиш?
Постојат толку многу архитекти кои имаат темелни познавања од урбанистичко планирање, како и порив и идеи за промени. Замислете каков ќе беше градов ако тие беа на одлучувачки позиции, а не кичот и простодушната гласност.
Неочекуван пресврт
Од друга страна, пак, и среќна сум што живеам во Македонија. Настанот се случи пред пет месеци, а зградата сѐ уште не почнала да се гради. Се смени власта, процесот е стопиран, а ние уште си го користиме паркингот. Како доказ стои само еден пречкртан хамер, наденат на оградата, опколен со пајажина и пркосни растенија, кој на сите им препорачува: „Не паркирај!“.
Среќа, тука и криминалот и глупавоста доцнат. Имаме уште неколку месеци мир пред да засвират багерите. Дотогаш ќе ги гледам дрвјата зад мојата зграда и ќе воздивнувам.
Сепак, иако изградбата не започнала, во мене тлее тоа горко чувство на немање контрола врз јавниот простор, на ненадејното менување на пејзажите кои ги знам од дете, на губењето на идентитетот и стравот од градежна неизвесност.
Есејот е објавен во нашата печатена публикација, „Без здив“ (2024)