Несреќните млади е наслов на еден есеј на Пјер Паоло Пазолини, објавен во збирката Лутерански писма (1976), под оригиналниот наслов “I giovani infelici”. Во есејот, Пазолини со ноншалантна впереност ја препознава историчноста, односно, граматичките времиња на секојдневието на фашизмот. Па така, тој зборува за секојдневието и дребните животи што се сместени во него – на синовите и сегашноста, придружени од татковците и минатото на фашизмот.
Разликата, или развојната разлика, која во секој случај еволвира околу (историска) вина, помеѓу татковците и синовите би можело да се исчита во следните неколку одломки:
Под надворешната фасада на општата школска наобразба и подобрените услови за живот, [синовите се] сведени на примитивна обичност. / Втолпувањето не е морален проблем, а револтот е кодифициран. / Синовите кои не се ослободуваат од вината на нивните татковци се несреќни: не постои поодлучувачки и понепростлив знак за вина – од несреќата. / Оттаму, вината на татковците не се однесува само на насилството што може да произлезе од моќта, од фашизмот. Туку таа се содржи: прво, во отстранување на свеста…за фашизмот, и со толку лагодно однесување се ослободивме од нашата клучна интимност со него (со тоа што за фашистите почнавме да мислиме како за наши „браќа-кретени“); второ и поважно, во – толку повеќе погрешното, колку несвесно – прифаќање на разорното насилство, како и на новите, безгранични геноциди на новиот фашизам.
И покрај впечатокот што може да се добие од овие одбрани делови, есејот на Пазолини не е манифестно структуиран. Напротив, понира и се спушта во секојдневниот израз и културолошката средина на поединечните и колективните животи во модерното доба, каде што ја препознава несреќата на младите како знак на времето во кое живееме. Оваа аналитичка точка, понатаму, се проширува тангенцијално кон допирање на интимната подобност за живеење на (не-)фашистички живот и колективните шанси за реалност во која доминацијата и грабливоста нема да бидат основен принцип.
Немам намера да ги следам историските синхроницитети на еден и друг фашизам, односно со помош на медитеранскиот да ги разгледам неговите балкански форми. Ја набљудував како пригодна тропа, токму, несреќата на младите, кога се обидувам да го воспоставам сопствениот мисловен и чувствен ред за нашата реалност, во која историската вина го напуштила својот кожурец и сега е во сила како идентитетска агонија. Помалку трагичарски, несреќата на младите во јавниот дискурс се препознава кога се зборува за нивниот молк или воопшто незапрашаност, односно за нивната невидливост или секаква друга не- во смисла на впрегнатост на сетилата во политиката и јавниот живот. Комплицирана и видно взаемно-определувачка е врската на младите со нивното опкружување, односно – како тие влијаат на средината со напати фрапантни позиции кон (на пример) улогата на жената во општеството или ЛГБТИ врските или индиферентноста кон политичкото учество и поимање на одговорноста воопшто; и како, повратно, опкружувањето ги тероризира нивните мисловни и сетилни капацитети низ образовниот процес; претходно веќе носат изгореници на нивните кожи од домашното огниште, а урбаната делница на пат од дома до школо им е игра на среќа.


Помеѓу едно и друго „не можам, ќе се отселам од тука“ на крајот на 2014 и во првите месеци од 2015та година, во македонскиот јавен етер, за прв пат во независната држава видливоста на младите и нивното политичко учество беше главното плато за средба, за акција, за изразување. Студентскиот пленум се оформи и се мобилизираше во врска со измените на Законот за високо образование, под владеењето на ВМРО ДПМНЕ и Никола Тодоров (тој, ресорен касап). Покрај организирањето на емблематичните студентски маршеви и протести, студентите воведоа и важна граѓанска новина со внатрешната пленумска структура, нудејќи поинаква можност за делиберација под факултетските неонки: тие што трепкаат секогаш, и никогаш не се доволно смели да останат вклучени и да осветлуваат доволно за знаењето и продукцијата на знаење, кај нас, да си ја признае сопствената еманципаторска моќ. Никогаш претходно, до раната пролет во 2015 година, во Северна Македонија, студентите не се мобилизирале. Освен еднаш, на почетокот на 90тите, кога под водство на Влатко Ѓорчев, Филип Петковски, Илија Димовски и други синови, студентите се организираа и кампуваа пред Собранието, со цел да го изразазат својот револт против можноста што државата сака да им ја даде на албанската малцинска заедница – да се образуваат на својот јазик.
Во овој текст, кој не е систематски преглед на сите акции и развојната динамика на Студентскиот пленум, ќе се задржам само на Автономната зона како разорен настан и за самиот пленум и воопшто како политички каршилак во македонската современа историја, што траеше доволно долго или кратко за да биде именувана во ехо на Крушевската република.
Одлуката да продолжи Студентскиот пленум со нови акции, што ќе бидат отаде протестите против измените на Законот за високо образование, односно специфичната одлука да се окупираат факултетите беше донесена во еден амфитеатар на Архитектонски факултет на 3 февруари 2015 година. И покрај јадрата подготвеност, како што веројатно налага историската иронија, оваа одлука беше донесена тешко и рабно. Само уште едно грлато ‘процедурално’, на тие што меѓу нас, сакаа само да го спастрат своето постоење во светот и векот (доминантно, студентите од СП на Правен Факултет), не само што немаше да има окупација на факултетите, туку протестите полека ќе беа принудени на една опасна форма на учество, како што сега го гледаме вршењето притисок во Србија, а тоа се преговори со монструозни политичари.
Наспроти сè, на 11 февруари, после собирот на платото на УКИМ, го окупиравме Филозофскиот факултет и ја воспоставивме 13-дневната автономна зона. Помеѓу пладне и 14 часот, веќе бевме внатре во аулата на Филозофски и Филолошки, веројатно тука природно доаѓа да се рече – никогаш нема да заборавам – и младите вклучени, видливи, гласни и одговорни го презедоа универзитетското плато како поле на акција. Автономната зона претставуваше една политички мноштвена реалност, која имаше две врвни карактеристики: 1) хоризонтално замислување и спроведување на критички курикулум, и 2) многу забава. Последново, важно е да се напомене, не треба да се увиди како младо ден-губење. Туку, како важен политички напор кон чувствување добро, радосно и измолкнување од нешто што е дневно-политички целисходно, што ја крши логиката на средства и цел, туку ја ослободува кон средства без цел. Критичкиот курикулум е очекувана, цивилизациска сцена на автономната зона.
Но тоа што афективно нè погоди и подготви за други светови и поврзувања, што се можни, беа токму добрите чувства. Како што Пазолини пишува во споменатиот есеј: „А чувствата не може да се променат. Токму тие се историски.“ Зошто е ова важно? Затоа што политичката мобилизација, кога е мерлива и дури е сведена на метрика, најчесто претендира да биде тотализирачка – броењето, индивидуализацијата е гест на политички групи и најчесто авторитарни партии кои под теророт на изброена толпа наоѓаат основа за сопствениот тоталитаризам. Автономната зона како мобилизирачка целина, во оваа смисла, имаше верба во самиот настан на средбата, не на бројките. Големите внатре-пленумски судири, меѓу другото, и произлегуваа од недофатливоста на тоа што стана афективна предност на Студентскиот пленум наспроти другите јавни чинители.


Пред да ги именувам овие судири, во светло на тековните студентски собири во Србија, сакам да ја заокружам поентата околу афективната предност на Автономната зона. Тие неполни две недели, во преиначениот факултетски простор, тоа што беше важно, како што е важно сега во Србија, се самите отстапувања од дневните втолпени навики, прекинот на големата шема на добивка и ситните попатни дневни калкулации, дарежливото изземање од поединечните стокмени животи за да се остави простор за настанот на политичкото, што го содржи потенцијалот за промени. И конечно, распуштање на строго рацио што бара и добива, и токму така се дисциплинира, кон афективна доволност на средбата. Политичката мобилизација, во таа смисла, понекогаш има форма што не е само фронт туку и итна и веќе населена потреба за друга реалност и поврзувања. Во овој случај, различните интензитети како оние на солидарноста, желбите за слобода, градењето алијанси се доволни сами по себе, имено го издржуваат судирот на својата кревкост (без која ниту една сила не е доволно политички релевантна) со метриката на рационалните барања.
Во овој момент, токму во тоа се содржи големата импресија од српските студенти. Нивната видливост и гласност, нивните собири и средби, нивната радосна упорност опстојуваат и привлекуваат различни сектори, групи и чинители во различни области, градејќи неочекувани алијанси, токму под знакот на афективните поврзувања, и отаде формалистичката рамка на четирите главни барања поврзани со корупција, несреќата во Нови Сад, притворените студенти и зголемување на јавните средства за високо образование. За разлика од Студентски пленум, денес, српските студенти подобро го разбираат местото на јуридичкиот ѓавол во барањата. И покрај тоа што српските студенти имаат барања, тие одбиваат да преговараат и одлуката е конечна. Нивните барања се упатени до институции кои наместо да го сервисираат колективниот живот, тие го заробуваат јавното и доброто. Имено, во оваа двојна вклештеност, српските студенти не очајуваат, туку сопствената сила и упорните собири ги дистанцираат од олицетворените институции во корумпирани татковци на фашизмот. Во овој момент не е важна целисходноста на политичката мобилизација, фронтот против е секундарен, но тоа што навистина изгледа живо и возможно е поврзувањето и солидарноста, инаквиот јазик и стил, што е сигурно помалку владлив, а повеќе демократски.
Во овој дел, би сакала да ја потенцирам клучната разлика помеѓу тоа што сега го следиме во Белград и низ цела Србија и тоа што се случуваше со Студентскиот пленум во Скопје, во 2015 година. На Автономната зона, покрај останатата културна уреденост на колективниот живот, и понатаму се одвиваа генералните пленуми. Две долги вечери, бевме придружени од таа „врескачка мака“ дека навистина, ние тука, сме родени во „згазено племе“ – како што пишуваше Блаже Конески. И во име на историските анали, ќе се спомене тука врескањето на претприемачи-студенти од правничкиот пленум на тие два состаноци на Генералниот пленум, каде на некој начин се определи како контаминирана судбината на Студентскиот пленум во периодот што следуваше.
Се одлучуваше за тоа дали воопшто да се преговора со Никола Груевски, и во случај на преговори, да се инсистира тие да се одвиваат академско тло, во Ректорат. Ниту една од двете одлуки не беше ниту донесена смело, ниту почитувана, бидејќи беше пресретната од казнетите синови. Некои студенти, со заденати копчиња за манжетни, во матни утра поитаа кај Никола Груевски, и одоброволените преговори за Законот за високо образование го пречкртнаа 13тиот и последен ден на Автономната зона. Важно е да се напомене дека тоа што се разликува од српските професори денес, кај нас тогаш, е дека историската врска на татковците со синовите и на мајките со ќерките, инаку нужна врска на доминирачко минато, ја протера сегашноста на афективните поврзувања и желби за слобода, најнапред од несреќа, а потоа и за правда и еднаквост. Под водство на извесни професори, мобилизацијата не само на маси луѓе по улиците туку воопшто на замислата за други форми на општествено уредување, што успеа да ја направи Студентскиот пленум, се исцрпи со преговори со корумпирани политичари. Но дури и контаминирана, Автономната зона беше знак за можноста за трасформација и дека токму трансформацијата како жива политичка динамика може да биде и дом и идентитет.


Во еден редок и дотолку вреден труд, докторската дисертација Меланхолија и политика: меланхолија на маргинализираниот субјект и заедници во Р. Македонија на Ана Блажева (2016), случувањата со Студентскиот пленум, од крајот на 2014 година и долж раната пролет во 2015 година, се набљудуваат од аспект на меланхоличниот политички субјект. Блажева ја зацврстува позицијата дека: „Можноста за надминување на маргинализацијата на субјектите и социјалните групи е можно, но важно е тоа да се постигне низ истражување на искуствата, условите и процесите кои го овозможуваат нејзино надминување“.
Меланхоличните трансформации како социјални трансформации, несомнено се можни и тоа го сведочиме сега во Србија, а трагите на наследство на Автономната зона нè поттикнуваат да не ја напуштаме безнадежната храброст за политичко учество и инакви колективни стварности и поврзувања. Јасната насока, што почесто се здогледува од дистанца, кога веќе еднаш е промашена е инсистирањето на искуство и преживеаното отколку на декларациите, на стабилност на средствата отколку следење на динамиката на авторитетите и целите, што повторно, секогаш дисциплинираат. Можноста да се разработат инакви политички реалности и инакви поврзувања, понекогаш принудува на секојдневие без победа и успех. Но тоа секојдневие, може да биде и такво на помала завладеаност и помала отуѓеност.
Борбата продолжува, засекогаш.
Фотографии на Ванчо Џамбаски: 1, 2, 3