Ставот денес претставува естетика и јавен перформанс. Која објава на социјалните мрежи ќе го заслужи копчето repost зависи од тоа колку таа содржина визуелно одговара на нашиот профил. Од „yearning for Kazakhstan”, сцени од култни филмови, масло на платно, повици за активизам, романтизација на слушање музика со слушалки со кабел, до квази уметност и естрадни ликови. Денес, да се појавиш, да фотографираш и да споделиш е доволно за лесно и едноставно да се здобиеш со морален капитал. Денес речиси секој чин е потенцијално јавен и токму затоа перформативноста станува јазик на секојдневието. Не е важно што се живее, туку како тоа изгледа од страна. И не само што објавуваме, туку постојано анализираме.
Животот сè повеќе наликува на театарска сцена. Основата е дрвен под што под тежината на чекорите тивко крцка, нестабилен е, потрошен од забот на времето, со слоеви боја што со годините почнале да се лупат. Внатре, невидлив трулеж полека го нагризува, сè до мигот кога конечно ќе попушти. Над него, рефлектори блескаат немилосрдно, ја разголуваат секоја несовршеност, заморот скриен под кожата, линиите на лицето што младоста не успева сосема да ги прикрие, нерамномерниот слој шминка, евтиниот сјај на синтетичкиот костум, секој детал што инаку би останал сокриен зад тежината на завесата, а завесата е секогаш таму – густа, тешка, создадена токму за да го одржи привидот на совршенство. Но, современата доба не трпи несовршености. За секој недостаток постои корекција, за претплата од само дваесет долари месечно може да се купи ново лице, нова боја, нов изглед, нова верзија од себе, доволно уверлива за повторно да излезе под светлината.
Перформативноста станува нова форма на идентитетско самообликување. Идентитетот сè помалку се живее, а сè повеќе се уредува. Убедувањата ретко произлегуваат од внатрешната етичка позиција, туку се изложуваат како препознатливи знаци на припадност кон одреден вредносен код. Ставот повеќе не е само мисла. Тој е дел од личен профил што бара да биде препознаен. Тоа се постигнува преку облеката, гестовите, изборот на теми за разговор, јавните реакции и дигиталните сигнали што треба да покажат свесност, чувствителност и идеолошка коректност. Наместо прашањето: Во што навистина верувам?, современиот субјект сè почесто се соочува со прашањето: Каков впечаток оставам ако го кажам ова? Така, секоја мисла, став или впечаток се оценуваат не според својата вредност, туку според реакцијата што ќе ја предизвикаат. Јавниот настап станува поважен од внатрешната доследност, а моралната позиција често се избира според видливоста. Оттука, перформативноста не останува ограничена само на изгледот, туку продира и во политичките ставови, активизмот и јазикот на солидарноста. Сè до точка кога и самото уверување почнува да наликува на улога што мора успешно да се одигра. Денешниот живот ни е исполнет со информации што доаѓаат од крајностите на човечкото искуство, затоа што токму тоа привлекува внимание. Но, најголемиот дел од животот всушност се случува во тивка, секојдневна средина. Поголемиот дел од животот не е спектакуларен, туку сосема просечен.
Во таков амбиент, активизмот се трансформира во уште една форма на јавен настап. Кога отпорот станува фотогеничен, системот не се плаши од него. Во мигот кога протестот е сведен на естетски препознатлив гест, без трајна структура и без подготвеност за издржување на последиците, тој лесно ја губи улогата на инструмент за промена. Активизмот тогаш останува ограничен на симболичен чин, објава, хаштаг, краткотрајна сензација што брзо исчезнува штом јавниот интерес се пренасочи кон следната атракција.
Секако, проблемот не е во самиот протест. Секоја јавна реакција има своја вредност кога е искрена и кога претставува основа за политичка свест. Но прашањето станува посуштинско тогаш кога јавниот ангажман кај дел од поединците почнува да функционира како средство за лична афирмација. Тука често се открива границата меѓу перформансот и одговорноста. Позицијата што бара конкретна интервенција, институционална упорност и секојдневно носење, честопати тешки одлуки, не нуди иста видливост како улицата. Да се биде на протест е видлив акт. Да се остане доследен во институција е многу потежок и помалку романтичен облик на отпор. Селфито од улицата не е доказ за совест, ако таа совест молчи кога ќе се најде во канцеларија. Во такви услови, идеализмот лесно останува на ниво на став, без да се претвори во трајна практика што менува нешто надвор од кажаниот или пишаниот збор.
Сепак, ограничениот дострел на прогресивната мисла не може целосно да се објасни преку перформативноста или недостигот од доследност. Дел од проблемот лежи и во начинот на кој самиот прогресивен дискурс често се обликува и комуницира. Наместо да биде јазик на приближување, тој понекогаш станува затворен систем на поими, фрази и морални кодови разбирливи пред сѐ за оние што веќе припаѓаат на одреден културен круг. Во таква форма, јазикот на еднаквоста лесно добива елитистички тон кој не убедува, туку создава чувство на дистанца кај оние што не го препознаваат како свој. Идејата што сака да биде општествено трансформативна не може да опстане ако звучи како културен испит што мнозинството однапред го паѓа.
Сите овие појави: перформативниот активизам, декларативниот идеализам, селективната солидарност и ограничениот дострел на прогресивната идеја не се изолирани симптоми, туку дел од пошироката патологија на современото општество. Поединецот постојано се набљудува себеси. Го коригира впечатокот што го остава и ја мери сопствената вредност преку видливоста на сопствената позиција. Дури и грижата за другите мора да биде јавно препознаена и одобрена за да добие некаква вредност. Најголемата опасност не е во тоа што луѓето престанаа да веруваат во вредности, туку во фактот што научија совршено да ги изведуваат без да ги живеат.
Во општество во кое речиси сè може да биде покажано, именувано и објавено, искреноста станува речиси субверзивен чин. Таа не бара публика, туку внатрешна доследност. Можеби вистинскиот отпор денес не започнува со тоа да се биде виден, туку со тоа да се остане доследен и кога никој не гледа.