Не пишувам често, впрочем веќе две години не можам да пишувам како порано, па речникот на моменти можеби ми звучи несоодветно, но гледам да е искрен и јасен. Со мојата пријателка и колешка Ума Зубан се запознавме лани кога се обидувавме да влеземе на филмска и телевизиска режија во Белград, каде сега и студира и таа. Не зборувавме многу. Откако повторно се видовме годинава, разменивме неколку збора и сфативме дека иако доаѓаме од различни држави и средини, сепак се пресретнуваме околу одредени размислувања и идеали. Па без одолговлекување, би сакала да ви го претставам проблемот со кој се соочуваме сите, а со кој тие се борат на прва линија.
Пред некоја недела, односно на први ноември, настрешницата на Железничката станица во Нови Сад се сруши и зеде 14 жртви. Наместо да преземат одговорност, надлежните продолжија со нејасни одговори и замачкување на трагедијата. Граѓаните излегоа на протест знаејќи дека она што ја предизвика трагедијата е крадењето пари и тендери, неквалитетно завршената работа и неиздржливите материјали. Дивоградби, сунгереста фасада, ви звучи познато? По тоа што ми го пренесоа, железничката станица повеќепати претрпела реновирање во последниве неколку години. Се претпоставува дека настрешницата се срушила откако ги тргнале помошните скелиња и држачи, па тешките бетонски и железни греди останале без потпора, што резултирало со рушење.
Граѓаните излегоа на протест. Јасно и гласно, сплотени во гнев и болка, излегоа да бараат одговори и да ја покажат својата сила во бројноста. Токму тогаш се случува и инцидентот за кој ви пишувам. На самиот протест организиран од граѓаните и студентите, неправедно се уапсени 14 луѓе, меѓу кои и Реља Станојевиќ, уметник , студент и слободен граѓанин. На профилот на Ума видов пост од протестот и нејзин коментар дека биле нападнати две студентки од ФДУ, па ја прашав дали била една од нив? Кога ми потврди, гневот и лутината што ги почувствував ме натераа да преземам нешто и така започна нашата преписка која прерасна во овој текст.

Фотографија од Ума и Реља
Леона: Кој го почна протестот и како се организиравте?
Ума: Протестот го организиравме ние, како директен одговор на настаните. Сите граѓани, студенти, едногласно излеговме на улица да протестираме. Никој од одговорните не презеде мерки, па затоа бараме одговорност, поднесување оставки и одговорните да седат зад решетки. Разберете, исплашени сме, таа настрешница не беше играчка, можеше било кој да настрада.
Леона: За жал, ваквите инциденти знаат да нѐ зближат и сплотат како народ. Дали верувате во потенцијалот на оваа иницијатива и движење?
Ума: Да, верувам, односно веруваме. Никогаш досега не се собрала толкава толпа по нашите улици, во нашиот мал и мирен град. Преку 22.000 луѓе излегоа да маршираат еден до друг барајќи правда. Сложни сме, за првпат се чувствува промената во воздухот и нема да седиме мирни додека не добиеме правда – во тоа верувам!
Леона: Колку мислите дека е важно како студенти да бидеме општествено свесни и да се приклучуваме на протести и останати настани каде ќе го изразиме нашето незадоволство од системот?
Ума: Студентите се најважниот учесник во секоја општествена промена. Кој ќе се бори за својата држава ако не младите? Кој ако не учените луѓе кои потоа треба да останат и да живеат во истата таа држава? Студентите мора да се држат заедно и да се борат заедно, мора да бидат сложни, затоа што мојата баба нема да стане и да оди на протест и да се бори за нашата држава.
Леона: Дали се плашите од можните последици поради јасното и гласно изразување на вашите ставови како студенти, а и како културни работници? Што ве охрабрува и покрај сѐ цврсто да стоите на вашиот став?
Ума: Секој ден стравуваме дека ќе бидеме следните уапсени затоа што ете, живееме во теократија и сѐ што ќе кажеме што е против оние на власт го користат како оружје против нас. Ама тоа е наше граѓанско право, да го изнесеме нашиот став и ќе продолжиме така. Било кој може да заврши во полициска станица, ама едно е сигурно – не можат сите да не уапсат и замолчат!
Леоана: Дали може да ни кажете повеќе за инцидентот со Реља? Зошто е уапсен, како се случи апсењето и кога? Официјално за што е обвинет Реља и дали доби можност да се одбрани или да излезе по брза постапка? Дали сѐ уште е во притвор?
Ума: Реља ми е дечко. Бевме заедно на протестот со него и другарка ми Хана. Јас и Хана се упативме кон тоалетот кога видовме како неколку непознати лица облечени во црно тепаат луѓе во толпата. Потрчавме да им помогнеме, но непознатите се свртија кон нас и нѐ нападнаа. Нѐ влечеа и туркаа по земја. Реља нѐ здогледа и истрча да ни помогне. Во тој момент, се префрлија врз него, сите 6 против 1 и го извлечкаа некаде на страна. Малку подоцна се појави Горан Јесиќ, бившиот градоначалник на Инџија и го спаси Реља, туркајќи настрана двајца од напаѓачите. Еден од тие двајца извади значка и Реља почна да бега. Дојдоа новинари и протестот продолжи. Следното утро, Реља го уапсија во сопствениот дом. Додека нѐ напаѓаа и влечкаа, ниту еден од тие лица не извади значка или легитимација за да се идентификува, а сега нѐ апсат на основа – напад на службено лице. Реља само се стрча за да нѐ одбрани. Што требаше да прави, да седи и да гледа како нѐ тепаат? На 8-ми ноември му беше одреден притвор од 30 дена, поднесовме жалби и протестиравме, направивме петиција (апелираме да се потпишете <3). Сега чекаме да видиме дали ќе нѐ ислуша судот. Ние, студентите, нашите родители и професори, сите се трудиме ова да се распространи по сите медиуми и да добиеме правда. Апсат невини луѓе, ги обвинуваат за дела што не ги направиле, без докази. Зар повеќе не постои слободното право на глас? Важно е тоа што не сме сами и добивме голема поддршка.


* * *
Ума е во право. Низ историјата, студентите и студентските протести биле оние што ги туркале промените во нашиов модерен свет (сетете се само на Автономната зона што ја поставија нашите студенти во 2015). Често мислам на Шпанската револуција, каде поети, писатели и сликари своеволно оделе да се борат против неправдите, во ровови, со стихови, со стапови против тенкови и камиони. Размислувам за 60-тите и 70-тите години на минатиот век, за движењата на ослободување, размислувам дали и јас ќе бев на тие протести ако живеев во таа доба? Дали ќе им помагав на Црните пантери во нивната борба за еднаквост и мир? Тие што започнаа во универзитетските клупи, а завршуваа на црните листи на ЦИА и FBI агенциите.
Од што се плашат нашите влади? Од таа сплотеност и мнозинство, од нашата свест, од нашето дрзнување да не им се плашиме на плитките закани? Тие се на власт затоа што ние сме ги поставиле таму, сега е време да ги тргнеме. Им полагам венец и им се поклонувам на сите храбри млади кои ги имаат изгубено своите слобода и живот во знак на протест, немир, обесправеност. На Махса Амини, на Фред Хамптон, на сите студенти кои ќе останат без дипломи бидејќи протестираат против војната во Палестина, на сите наши кои изгнија на мувлосани душеци и прокиснати кровови, на децата кои оставија трага на улицата, на полицајците кои им ги исцртаа телата со бела линија.
Ќе дозволиме да нѐ прогонуваат и плашат? Не! Каде сте? ве прашувам и ви се обраќам. Моќта е само во нашите раце и памет и штом сме сплотени, веднаш сме посилни. Не се лажете дека вакво нешто нема да се случи и кај нас, дека ние немаме зошто да протестираме, дека ние немаме причини да се бориме и да сме гневни. Што е со загадениот воздух? Со јавниот превоз, образованието, реформите? Сите овие теми нѐ засегаат дирекнто нас како граѓани и поединци. Следен пат кога ќе организирате протест, не гледајте да сте мирни и од испомош на власта, не гледајте дали членувањето во студентските организации ќе ви донесе по некој поен во портфолиото, туку погледнете се себе и погледнете го светот. Или толку, веќе не верувате во промена?


Фотографии: Марко Дејковиќ
За авторката: Се викам Леона, правам филмови, одам на филмови, журки, фестивали, изложби, концерти. Живееам во Скопје, сака да го прошетам светот. Моментално сум студент на ФДУ на ФТВ режија. Не знам што друго да кажам за себе во ова кратко био, можеби дека не сакам кога е ладно надвор.