Да се зборува за разликите помеѓу мажите и жените, често значи да ставиме под знак прашалник нешто што ни е претставено како природно. Сите живееме според претходно утврдени родови улоги, кои ни го определуваат животот. Научени сме како треба да се однесуваме. Но кога темата ќе почне да се развива кон дискриминација, прашањето станува покомплексно: може ли навистина да се разбере искуство кое не е наше? Разликата не е само биолошка или социјална категорија, туку и разлика во позиција на моќ, пристап и ранливост.
Разбирањето на туѓото искуство не е автоматско, ниту целосно, но може да се овозможи низ процес: преку слушање, читање, сведочење и саморефлексија. Не како присвојување, туку како етичка практика. Во сопственото искуство, сум забележала колку лесно можам да претпоставам дека нешто „не е толку сериозно“ ако не ме допира директно. Токму таму се открива ограниченоста на мојата перспектива. Разбирањето почнува кога ќе ја признам таа ограниченост. Но како и дали можеме да ја растегнеме и отвориме перспективата?
Покрај институционалните и јавните форми на знаење, постои и една поинаква, потивка и поинтимна линија на пренесување искуства, која е еднакво значајна. Особено меѓу жените, знаењето често се пренесува низ приказни, гестови, предупредувања и совети што ретко се запишани, но длабоко се паметат. Овие приказни не се секогаш артикулирани како искуства на дискриминација, но ја носат нивната суштина: како да се заштитиш, кога да молчиш, кога да бидеш внимателна, што да очекуваш или не во одредени простори.
Во моето семејство, најголемиот дел од знаењето ми беше пренесено од жените. Пораснав во фамилија полна феминистки, па од мала бев изложена на различни искуства и перспективи кои сè уште ги носам со себеси. Тоа не беа само разговори за еднаквост или права, туку секојдневни ситуации во кои се анализираше неправдата, се препознаваше дискриминацијата и се именуваше она што инаку би останало премолчено. Тие жени не ми наметнаа подготвени ставови, туку ми поставија корења и начин на размислување што подоцна го развив во лична мотивација самата да продолжам да го продлабочувам тоа знаење. Од мојата мајка, како и моите тетки и братучетки, научив дека искуството се гради и пренесува, и дека свесноста се негува.
Во „Теорија на торбата во фикцијата“, Урсула ле Гвин пишува за раскажувањето како собирање, а не како освојување. Наместо херој што победува, таа предлага торба што собира фрагменти од искуства. Овој пристап може да се користи и кога зборуваме за дискриминација. Наместо да се поставиме како херои што разбираат сè, можеме да бидеме собирачи на приказни. Емпатијата не значи дека целосно ги разбираме другите. Таа значи дека веруваме дека искуствата на другите се реални. Според бројни истражувања (Stel, M., van den Bos, K. & Bal, M., 2012) изложеноста на лични сведоштва ја зголемува способноста за емпатиско реагирање и ја намалува тенденцијата кон обвинување на жртвата.
Со други зборови, не можам да тврдам дека знам како е да се биде некој друг. Не можам да ја преземам туѓата болка како своја. Но можам да ја слушнам. Можам да ја признам. И можам да се воздржам од релативизирање.
Сепак, постои граница. Ниедна количина на читање или активно слушање не може да ја замени директната изложеност на дискриминација. Лицето што никогаш не било предмет на сексуално вознемирување нема телесна меморија на тој страв. Лицето што никогаш не било исмеано поради својот родов израз нема рефлекс на самоконтрола во јавен простор. Да се признае оваа граница е важно. Во спротивно, ризикуваме присвојување т.е. зборување во име на другите, како ние да сме авторитет во нивниот живот. Разбирањето, ако сака(ме) да е етичко, мора да ја почитува разликата.
Родовите разлики не постојат изолирано. Тие се вкрстуваат со класа, етничка припадност, сексуалност, попреченост. Жена од рурална средина нема исто искуство како жена од урбан центар; транс жена нема исто искуство како цис жена. Интерсекционалниот пристап, развиен во феминистичката теорија, ни помага да разбереме дека дискриминацијата не е еднодимензионална. Ако сакаме да разбереме туѓо искуство, мора да ги земеме предвид овие слоеви. Во спротивно, ризикуваме да ја поедноставиме реалноста.
Според Кимберли Креншоу, многу феминистички и антирасистички разговори не успеваат да ги земат предвид интерсекционалните идентитети на обоените жени, чии преплетени искуства најчесто се игнорираат и не се дискутираат, иако се една од најранливите групи на дискриминација, ранливост и насилство. Овој пропуст има конкретни последици. Кога искуството на жените кои не се бели не се вклопува во ниту еден дискурс, тие остануваат на маргините на аспектите на родот и расата. Креншоу покажува дека дискриминацијата не функционира како збир од одделени категории, туку како нивно истовремено преплетување. Ако ги разгледуваме родот и расата одделено, го губиме она што се случува на нивниот пресек.
Ова е особено релевантно за прашањето на разбирањето. Кога некое искуство е повеќеслојно, уште потешко е да се согледа однадвор. Лице што искусило само родова дискриминација можеби нема да ја препознае специфичноста на расната дискриминација; и обратно; лице што се соочува само со расизам можеби нема целосно да ја разбере родовата димензија на одредена неправда. Оттука произлегува важноста на еластичноста на перспективата зашто разбирањето бара повеќе од едноставно сочувство. Бара подготвеност да се прифати фактот дека нашето искуство не е центарот од кој се мери реалноста.
Ако не можеме целосно да го доживееме искуството на другите, тоа не значи дека сме ослободени од одговорност. Напротив, значи дека нашата позиција е дел од поширока историја на борби, гласови и изборени права. Многу од слободите што денеска ги имаме не се природни, туку резултат на туѓ труд, туѓа ранливост и туѓа истрајност. Некој пред нас зборувал, протестирал, пишувал и ризикувал за да може одредена неправда да стане видлива.
Но истовремено, постојат групи чии искуства сè уште остануваат маргинализирани: транс лица, лица со попреченост, луѓе од сиромашни или етнички маргинализирани заедници. Надминувањето на разликите не значи бришење на различноста. Значи создавање на услови во кои таа различност нема да биде основа на понижување или исклучување. Ако можеме да научиме нешто од претходните генерации, тоа е дека општествените промени се можни, но не се автоматски. Тие се резултат на колективна упорност.
Можеби токму во тоа лежи смислата на разбирањето. Ако целосното поистоветување со туѓото искуство не е можно, тогаш можно е препознавањето дека сме дел од континуитет и колектив. Дека правата што ги уживаме се наследство, а идните подвизи зависат од тоа дали ќе бидеме подготвени да ги слушаме и поддржуваме оние чии гласови сè уште се на маргините на перспективата.