Би сакала да живеам во земја во која месецот март навистина ќе ме асоцира на цвеќе, наместо на смрт.
Би сакала да живеам во земја која нема да ме учи дека мојата единствена цел е да родам деца, за потоа истата таа земја да ги убие.
Би сакала да живеам во земја која нема да ме тера да му слугувам на домот, за токму во тој дом да ми пресуди некој маж кого истата таа земја го научила дека мојот живот е во негова сопственост и дека има право и слобода да ми го одземе.
По не знам кој пат стојам во Парк Жена Борец, стојам на работ на надежта, единствено зашто одбивам да прифатам дека ова е најдобро што можеме и дека насилството е јазикот кој ќе ги обележи нашите животи. Тука сум зашто одбивам да ги пуштам во заборав сите жени кои беа брутално убиени од своите партнери – и чијшто спомен земјава го сквернави – зашто наместо да работи на превенција на насилство, заштита на жртвите и правда за настраданите, државата работи на страната на насилниците и убијците.
Ќе бидам кратка – имам три пораки.

До институциите, премиерот и министерот за внатрешни работи:
Како не ви срам да се појавите на говорница после рекорден број на убиства на жени на кои им претходело пријавувано насилство по кое не се постапувало соодветно и да ни порачате да пријавуваме и да не ги повлекуваме пријавите?! Премиере, нели ги знаете законите на земјата која ја водите?! Институциите имаат службена должност да постапуваат и да ги заштитат жените жртви на насилство, особено оние кои живеат во висок ризик! Министре, Росица директно ве контактираше очајно барајќи заштита додека животот ѝ висел на конец. Како не ви е срам да продолжите со вашите денови, говори и функции, да не изразите сочувство и да не им се извините на сите жени во државава кои живеат во постојан страв и стрес зашто заради вашата негрижа буквално никаде не сме безбедни, ниту дома, ниту по улици, ниту по институции и болници, а верувајте, најмалку по полициски станици!
И дали воопшто сте слушнале за примарна превенција?! Насилството не паѓа од небо кај одредени девијантни поединци – насилството се раѓа во колективната мисла, во јазикот, во системот на вредности кои заедно како колектив се договараме дека ги градиме – преку образование, култура, медиуми, пораки и обележја во јавниот простор. Насилството се раѓа во шалите за шамарчиња и понижување на жените, во нормализирање и поттикнување на родовите позиции кои ги учат жените на покорност, а мажите на надмоќ. Денес, Македонија е една језива, агресивна, исфрустрирана средина која активно, свесно и системски создава култура на насилство и е на поход да ги убие своите жени. Ако нешто итно не промените во образованието и политичката култура, ситуацијата од година во година ќе ескалира и вие ќе бидете виновни.


До мажите:
Писателката Маргарет Атвуд има напишано: „Најголемиот страв на мажите е дека ќе бидат исмеани од жена. Најголемиот страв на жените е дека ќе бидат убиени од маж.“
Јасно ми е дека не можете докрај да разберете како е да се расте како девојче во ваква средина. Какво е чувството да бидеш редуцирана на специфични делови од телото и да бидеш третирана како парче место, наместо како човек. Како е да си прерано сексуализирана, изложена на секакви погледи, коментари и допири. Тоа не беа само „манијаците“ по грмушките. Тоа беа и нашите другари и врсници. Тоа бевте и вие. Јасно ми е дека не можете да осетите како е да се движиш по темна улица, да го стискаш клучот меѓу дланките и постојано да погледнуваш зад себе. Јасно ми е дека не можете да почувствувате како е да се живее со простиот факт дека кога влегуваме во комуникација со маж, ние статистички се впуштаме во ризична ситуација. Но не ми е јасно како не можете да почувствувате доволно емпатија за да почнете и вие да правите нешто во врска со ова. Кога ви кажуваме дека не се чувствуваме безбедно, а вашиот прв одговор е дека не сите мажи се насилни, практично ни кажувате дека сте индиферентни кон нашите животи. Знаеме дека не-сите-мажи се насилни, но како да знаеме кои? Како да знаеме кои се со нас ако тоа не е јасно и јавно кажано и покажано? Што треба да се случи за да се почувствувате засегнати од оваа вонредна состојба на насилство со која живееме ние жените? Како е можно сите ние да имаме барем неколку другарки кои биле вознемирувани, демнени, уценувани, силувани или тепани, а ниеден маж да нема другар кој е силувач или насилник? Како не сфаќате дека ако вие не сте проблемот директно, тогаш тоа се вашите браќа, братучеди, татковци, дедовци, другари, пријатели или познаници. Не ли сметате дека имате моќ да направите нешто во врска со тоа? Поштедете не од вашите фантазии за крвави освети – едноставно почнете да разговарате меѓу себе!
Не е доволно што не сте сексисти и не сте насилни. Не е ни доволно да се појавите на женски марш, ниту пак да бидете добри дечковци, сопрузи, браќа и другари. Направете нешто повеќе! Организирајте се! Бидете доволно доблесни да сфатите и признаете дека проблемот на партнерско и семејно насилство не е женски, туку е машки проблем! И вие мора да сте дел од репарацијата и решението.

И конечно, до жените:
Не се осмелувам да ви кажам дека не сте сами, запто знам дека кога си заглавена во врска со токсичен, насилен маж, чувството е како да си сама на светот. И знам дека државата со своето непостапување само додава на тоа чувство. Но се осмелувам да ви кажам да не се изолирате дополнително. Не паѓајте на приказната дека некој маж ќе ве заштити и спаси, не го редуцирајте животот на таа една романтична врска, не го ставајте мажот во центарот на вашиот универзум. Не е тој човек целта на вашето постоење, не дозволувајте никој да ви кажува поинаку. На првите обиди за контрола и знаци на насилство – заминувајте! Одржувајте ги живи и активни пријателствата, контактите со вашите блиски, вашите другарки, комшивки, зборувајте една со друга, верувајте дека повеќето од нас или поминуваме или сме поминале низ нешто слично. Така, полесно ќе ви биде да ставите крај, ќе имате заштитна мрежа и непосредна грижа и заштита, особено ако се решите да пријавите. Не верувајте на приказните дека жена на жена ѝ е волк. Женските врски и пријателства спасуваат животи! И токму затоа се надевам дека и жените во позиција на моќ и привилегија, а особено почитичарките и пратеничките, ќе се потсетат дека оваа борба е и нивна и имаат одговорност кон женскиот народ на оваа земја да го направат ова прашање итен политички приоритет!
Знам и чувствувам колку сте сите гневни и скршени. Знам дека во себе си велите „што со овој собир“ кога сѐ ќе продолжи да биде исто. И дел од мене се чувствува така. Но сепак важно е што сме тука, зашто покажуваме дека сме луѓе – дека имаме чувства и се грижиме едни за други. И единствено вака, заеднички, можеме да се договориме и согласиме дека условите во кои живееме се страшни, понижувачки и неприфатливи и да си ветиме јавно, да си дадеме чесен збор, дека не застануваме сѐ додека овој хорор не заврши.
Во име на сите паднати борки, слава им.
фотографии: Ивана Батев