превод: Александра Спасевска
На првата годишнина од војната во Судан, се соочувам со трнливите болки кои го придружуваат секој чин на сеќавање. Се сеќавам на почетокот на војната и сè што ѝ претходеше: револуцијата во 2018 година, демонстрантите кои го окупираа главниот штаб на војската, масакрот во Картум на 3 јуни, државниот удар на 25 октомври и масовното востание кое траеше до последниот ден пред да избие војната.
Се сеќавам како луѓето на овој револуционерен Судан, од секое ќоше на земјата, од центарот до периферијата, го раскинуваа нормативниот простор и темпоралноста замислувајќи паралелни иднини надвор од оние што сме ги наследиле – бодри субјективности кои ѝ се спротивставуваа на согласноста да бидат управувани од замислите на системското обесправување и фашизам.
Пред војната да стане одлучувачка за Судан, постоеше револуција; невиден колективен бунт против сиромаштијата, понижувањето и повеќегенерацискиот стисок на воениот фашизам. Револуцијата од 2018-19 ја запозна мојата генерација со моќта на радикалната имагинација, не како неопислива, небулозна терминологија расфрлена на прогресивните простори, туку како материјална, колективна реалност што беше на наш дофат. Носители и изведувачи на оваа имагинативна пракса беа Одборите на отпорот: хоризонтални, грас рут единици организирани низ населбите кои подоцна станаа центар на револуционерната и колективна борба во Судан.
Од ерупцијата на војната, тоа саботно утро на 15 април 2023 година, анализата на популарните медиуми за војната ја сведе истата на обична борба за моќ меѓу два ентитети, вооружените сили на Судан (SAF), под водство на Абдел-Фатах Ал-Бурхан и милициите Џанџавид или Силите за брза поддршка (RSF), под команда на Мохамед Хамдан Дагало (Хемедти).
Оваа анализа, сепак, затскрива многу повеќе отколку што открива. Ја прикажува војната како непредвиден, самостоен настан, а не како пресметан потфат што со децении се крчкал под неолиберална воена економија. Таа ја прикажува војната како обична битка за ресурси меѓу SAF и RSF, наместо како најефективниот реакционерен маневар што било кој од таборите можел да го изведе уште од 2018 година.
Една година подоцна, војната се покажа како повеќеслоен, империјалистички, контрареволуционерен напор против суданскиот народ и неговиот отпор. Цивилите не се обична колатерална штета меѓу воздушните напади и куршумите. Народот кој продолжува да го носи етосот на отпорот и покрај масовното раселување, геноцидното етничко чистење и неизбежниот глад е заедничкиот непријател на Ал-Бурхан и Хемедти. RSF и SAF се обидуваат да ги соголат цивилите од нивните сеќавања, радикална имагинација и револуционерен жар додека ги принудуваат да се вклучат во истото насилство против кое се мобилизираа пред шест години.
Лекција по применета имагинација
Радикалната имагинација е еден од оние аспиративни концепти за кои слушаме, но ретко ги гледаме на дело. На површинско ниво, тоа е нашата способност е да замислиме поинаков свет од оној во кој живееме, свет направен од нас и за нас. Способност да се организираме колективно, со критичко расудување, и да се препознае дека светот може и треба да се промени – бидејќи сè што луѓето можат да замислат, можат и да направат. Одборите на отпорот беа песочник за суданската револуција во 2018 година и пошироко. Нивниот нов состав на анархични, хоризонтални единици кои работат долж социјалните, политичките и расните слоеви на суданското општество за да ги оживеат аспирациите на луѓето, ги претвори во пример за народен бунт на левичарското организирање на глобално ниво.
Тие не само што организираа протести и рутинска граѓанска непослушност, туку делуваа како веродостојни медиумски извори, спроведуваа ресурси неопходни за да се направи уличната мобилизација достапна за сите и се пробија низ материјално-политичката бинарност на рурално наспроти урбано што го подели суданскиот народ, како намерен обид да се стесни нивниот бунтовнички потенцијал. Ако сакаме да ја разбереме радикалната имагинација како простор за формулирање на нови солидарности и сојузи неопходни за реализација на револуција, тогаш не треба да гледаме подалеку од начинот на кој Одборите на отпорот го направија тоа и како тие станаа современи инкубатори на ново знаење и пракса.
Бескомпромисното противење на Одборите на отпорот да влезат во нормативните сфери на политички преговори ја спаси револуцијата од тоа да биде преземена од реакционерите во „длабоката држава“ и либералната буржоазија. Прекарните работници, чистачите на улици, невработените и несоодветно вработените дипломци, занаетчиите, осиромашените индустриски работници и улични трговци кои живеат под контролата на воениот фашизам и задушувачкото осиромашување се организираа преку скандирања, протести со седење, градење барикади, уметност и поезија.
Одборите се појавија во малите градови низ Судан, како оние во Ум Дар Хаџ Ахмед во североисточен Кордофан, каде што илјадници мажи и жени ефективно извршија притисок врз телекомуникацискиот гигант Sudani да плати кирија за земјиштето што го присвои и можеа да финансираат локален спортски клуб. Во Ал Џезира, земјоделското срце на Судан, каде државјанството е врзано со сопственост на земјиште,земјоделските работници пронајдоа нови организациски конфигурации за да ги бараат своите права заземјиштето, на големо жалење на локалните земјопоседници. И во Нертити во Централен Дарфур, организаторите на Одборите на отпорот мобилизираа еднонеделен протест со седење барајќи заштита за нивната земја и добиток од насилните рации на милициите.
Во главниот град Картум, комуналците организираа штрајкови во септември 2022 година против нивнитепрекарни краткорочни договори и побараа да бидат вклучени во владиниот план за скалесто одредување на платите преку трајни договори. Во Гедариф, суданскиот центар за сезонска земјоделска работа, пролетаријатските демонстранти упаднаа и го запалија седиштето на NCP (владејачката партија) со цел да извршат рација во коморите на Закат и да ги прераспределат средствата и житото на масите. Не случајно искрата што ја разгори револуцијата во сите покраини дојде од Атбара, мал град во Источен Судан со моќна историја на пркосење на работничката класа.
Она што го направи овој момент во историјата толку моќен, покрај очигледните победи, е начинот на кој ги исполни основните начела на една радикално имагинативна пракса: ги оживеа тие можни иднини во сегашноста, инспирираше нови форми на солидарност отаде границите и ограничувањата, и пред сè, им јасоблече царската облека на крвавите институции на осиромашување и милитантен фашизам што ја користеа за да се преправат дека се непогрешливи и неуништливи. Кога демонстрантите го преплавија и окупираа воениот штаб со тоа што го претворија во простор на уметност, музика и раскажување за борбите, беше разоткриено вистинското лице на угнетувањето што го беше зафатило суданското општество повеќе од три децении: како производ на имагинацијата на моќните.
Радикалната имагинација е простор во кој свесноста за различноста може да доведе до нови иднини, идеи и можности, простор каде колективната мобилизација може да доведе до она што Дејвид Гребер го нарекува „востанички моменти“ (англ. insurrectionary moments), а Одборите на отпорот се нов експеримент во оживувањето на пракса која е премногу често исмејувана поради тоа што е премногу ефемерна, неопиплива, сентиментална.
Денес, членовите на Одборите на отпорот и нивните повоени ограноци продолжуваат да делуваат како сурогат држава што ги обезбедува неопходните услуги за здравствена нега, домување и храна на населението под опсада. Покрај системското одбивање на помош и ресурси за локалитетите на Одборите, безбедносните сили и милицијата често ги таргетираат организаторите со произволни апсења, киднапирања и мачења.
Во меѓувреме, револуционерните приоритети се сменија од распуштање на постојниот економско-политички апарат преку штрајкови, протести и граѓанска непослушност во одржување на граѓанското општество во живот на најосновен можен начин. Военото уништување е поголемо од непосредната материјална штета на раселување и лишување – станува збор за насилна офанзива врз чувството за иднина и припадност во светот на суданскиот народ. Што станува со Одборите на отпорот во војната? Дали е оправдано тоа што сметаме дека војната ја порази револуцијата? Што се случува со радикалната имагинација кога просторот што го зазема ќе се претвори во урнатини, а на луѓето кои некогаш ја отелотворувале им се заканува бришење и масовно опустошување?
Политиката на имагинацијата и иднината
Во нејзиното контра-архивско читање на визуелните прикази на востанието од 2018 година, Леена Хабибала нè предупредува да не го анализираме бунтот преку телеолошки, спектакуларизиран објектив што ја претставува револуцијата во вид на животен циклус со момент на избувнување, конфронтација и разрешница. Таквиот пристап, тврди Хабибала, „ќе има последици врз формите на солидарност што се јавуваат како одговор“ бидејќи ќе направи да изгледаат краткотрајни, односно дека лесно ќе се вратат во мирување штом бунтот ќе достигне состојба на перцепирана конечност. „Предвидливите, воодушевувачки слики што ги зајакнуваат анемичните наративи за промени, работат да ги засенат постојните општествени и политички услови кои претерано ја одредуваат и врамуваат реалноста на луѓето“.
Да се претстави сегашната војна како пораз за суданската револуција значи да се наметне ретроспективниот поглед на спектакуларизираната историја која ги демобилизира луѓето и бара од нив целосно да се повлечат од борбата. Наместо тоа, треба да ги гледаме овие очигледни „неуспеси“ како потенцијални места на расцепување и отварање на можности, креирање на нови екологии на истрајност и плурализација на тактиките на отпорот. Ова го видовме кај Одборите на отпорот кои еволуираа во Соби за брзо реагирање, комунални кујни и центри за итна помош. Ако овие изданоци се „неуспешни“, ако не се ниту револуционерниниту подривачки, тогаш зошто воено-безбедносниот апарат и милицијата посветуваат толку голем дел од своите ресурси во обид да ги искоренат?
Идеолошката војна што се води врз имагинативните капацитети на суданскиот народ има намера да го сведе нивното сеќавање за револуцијата на понижувачки пораз или кошмар за минато во заблуда кое не може и нема да ја издржи бруталноста на сегашноста. Сака да ги ограничи на бинарности како успех/неуспех, регрутирање/умирање, индивидуалистичка борба за опстанок/колективна борба. Војната ги поставува условите со кои нечие тело и телесно постоење се зависни од нивната интеграција во убиствена воена економија.
Кога се гледа на војната само како на борба за моќ меѓу двајца генерали, се ризикува да се избришат историските и политички непредвидени состојби во основата на нејзиното избивање и да не можеме да видиме што всушност е: контрареволуција. Неуспехот да се анализира војната како контрареволуција ги брише и минатите и сегашните напори на Одборите на отпорот и суданското население.
Радикалната имагинација не е индивидуална сопственост што треба да се одземе или врати, таа е колективен процес, простор каде, како што вели Робин Д.Г. Кели: „Откриваме многу различни когнитивни мапи на иднината, на еден свет што сè уште не се родил“. Одборите на отпорот, преку грижата и заштитата на цивилите, вложуваат во иднина која сè уште не се родила, но може да се замисли во овој момент; иднина каде издржливоста е исто толку важна како и директниот отпор бидејќи создава нови форми на самоорганизирање и грас рут иницијативи, кои ја прават државата бескорисна и непожелна ако некогаш постоела.
Револуцијата не е комеморативен проект – таа не е настан туку тековен, незавршен процес кој се создава одново против нормативното, просторно и временско дробење на капиталистичката машина на смртта. Не знам каде оттука, ниту тврдам дека целосно ги разбирам живеаните искуства на луѓето на отпорот во Судан, но знам дека најмалку што им должиме е сеќавање и солидарност што не се бришат. Една револуција нема конечен крај, бидејќи револуцијата се движи во круг.
Лина Дохија е авторка од Лондон, заинтересирана за истражување на субјективноста, црнилата и филмската/визуелната култура.
Текстот е скратена и адаптирана верзија на оригинално објавениот текст во The Contrapuntal.
Фотографија на Лина Дохија, Револуционерни графити на улиците на Картум, 25 јануари 2023 година. Превод „Нашите права во целост!