Кога сакав да пишувам за Новите добри времиња, си мислев на тоа како пишувањето еднаш ме извади од една црна дупка и ми даде алатки за креирање надеж. Додека ја пишував својата магистерска теза, се фокусирав на праксата на колективна грижа како алатка за политичка трансформација и реобмислување на иднината, што ме одведе кон надежта како политички концепт. Всушност, самата реимагинација е сама по себе револуционерна. Градејќи ја мојата иднина, потпирајќи се на световите изградени од Лугонес, Анзалдуа, Хемингс…, ми беше полесно да верувам дека овие работи се длабоко поврзани и со моите пракси за градење заедници на грижа.
Мојот другар Гуѕим пред неколку месеци ме замоли да напишам една страница од мојот дневник на македонски, која потоа тој ја преведе на албански, а мојата мајка на босански. Таму најлесно ја споделив апсурдноста за тоа како додека се трудиш да градиш заедница, некој, најчесто во твоето опкружување, константно те потсетува, дисциплинира и замолчува со цел да си го научиш местото. Во превод, полесно ми беше да напишам како секојдневно се справувам со „разместеноста“ (англ. displacement) – она кога чувствуваш дека некаде не припаѓаш, дека претеруваш или не правиш доволно – на друг јазик, мислејќи дека така сум побезбедна од оние што ми го мерат секој збор.
Поврзувањето на овој текст со идејата за подобри времиња и креирање наши простори во кои ќе бидеме безбедни, помага за подобро лоцирање на овие одржувачи на редот или, просто кажано, силеџии. Тие нѐ дисциплинираат нас, кои сме во потрага по подобри иднини, со намера да ни покажат каде ни е местото, за да не го ослободиме просторот што ни припаѓа. Тоа што системската нееднаквост не успеа да го заврши, тие се спремни да го дотолчат. Можеби затоа е полесно на друг јазик некој да ги прочита нашите обиди за справување со секојдневните силеџии додека сакаме да сонуваме за живеење, а не преживување.
Идејата за овој текст е да склопам еден прирачник за тоа како да ја одржиме потрагата по подобри времиња, додека се справуваме со секојдневните силеџии. Прирачник кој сите сме сакале да го имаме уште во средно (па и во градинка, во дигиталниот простор, но најмногу од сѐ на работните места).
Распределба на трудот при справувањето со силеџии
Една другарка ми кажа: Sara bullies her friends’ bullies. Особено кога се соочуваат со привилегирани расисти затскриени зад колонијалистичка љубезност. Секако, полесно е да се справиме со силеџиите на нашите драги личности отколку со своите. Тука не пропагираам одговор со насилство и навреди, туку со поставување граници, реагирање и неотстапување од укажувањето на грешките.
Оваа трансформација од афект во активност има фундаментална улога во разбирањето на политиката на колективна грижа. Ова е особено значајно бидејќи луѓето што активно ја практикуваат политиката на колективна грижа не се монолитна група. Но и покрај нивните различности, тие можат да делат исти цели во барањето општествени промени. Начинот на кој бараме промена не произлегува од општествена позиција базирана на хиерархија, туку претставува критика на постоењето социјален ред кој има цел да ја истисне нашата големина и право на постоење и да ја таргетира нашата ранливост.
Токму оваа феминистичка позиција Хемингс (2012) елегантно ја срочи велејќи дека „не го опишува само маргиналното искуство и критиката на доминантното знаење, туку процесот на движење од афективна дисонанца кон борба за алтернативни вредности, и можеби дури кон заемно признавање и афективна солидарност“. Накратко, Хемингс потенцира дека во самата потрага кон подобри механизми за градење солидарност, треба да се фокусираме кон [подобра] распределба на трудот. Во тој напор за алтернативни вредности и социјални односи, концептот на афективна солидарност не само што го обележува процесот на креирање колективна грижа туку и го објаснува процесот што следи, што е важно за актуелното движење кон феминистички иднини. Процесот на зајакнување и колективно оснажување, наспроти секојдневните обиди за уништување на способноста за сонување.
Заедничарење – колективно спротивставување на секојдневните силеџии
„Заедничарење“ (англ. commoning) е политички акт на здружено дејствување и распределба на ресурси, време, грижа и труд. Преку заедничарењето ние креираме ослободени простори, кои стануваат простори за сонување и системи за редефинирање на тоа што претставува политиката. Преку тие простори може да креираме нови подобри времиња, каде би граделе политика на солидарност и заедница – наспроти политиката на насилство. Во пракса, потпирајќи се на политиката на колективна грижа, во контекст на силеџиите, ова значи заедничко спротивставување, градење мрежи на солидарност, заедници на „фрикови“ каде што полесно и поедноставно постоиме и им пркосиме на одличните ученици на хиерархијата.
Историски, а и во современите напори, заедниците се потпираат врз праксите на колективна грижа, со цел да се борат со структурните нееднаквости (Federici & Linebaugh, 2019). Или, уште подобро, Кети Коен (1996) го гледа радикалниот потенцијал на квир политиката токму во градењето коалиции. Коалиции меѓу нас, оформени врз основа на гневот и уморот кои ги чувствуваме поради силеџиите, но и љубовта и подобрите времиња кои сакаме да ги креираме. На некој начин, заедничарењето ни помага, на индивидуално и на колективно ниво, да се справиме со товарот на силеџиите, но и да креираме отпор, со што веќе не би биле сами.
Затоа нашиот круг на пријатели е безбедниот простор кој го градиме. Споделувањето на товарот е само еден мал чекор на заздравување од секоја форма на силеџиство. Коалицијата што служи како неопходност во повторното замислување на светот може да се развие само од сопствени радикални засолништа и колективно разбирање на нееднаквоста.
Нереагирање/игнорирање (сѐ уште го учам)
Навистина се ежам секојпат кога некој ќе ми каже да си ги бирам битките. Тоа звучи толку патронизирачки, затскриено зад некоја лажна грижа, што никогаш не успевам да сфатам дали станува збор за закана или совет. Можеби „невидливите“ силеџии некогаш се во право кога ни даваат добронамерни насоки. Контрадикторно, во овој текст ем повикувам секогаш да регираме кога има неправда, но и да размислиме во што и кому ги даваме веќе и онака ограничените енергија, време и труд.
Сепак, оваа стратегија на справување со силеџиите може да биде краткотрајна бидејќи нашето нереагирање може да го земат како дозвола за понатамошно силеџиство. Дали ако не нѐ допираат навредите, вербалното насилство и слично, тоа значи дека не треба да реагираме? Иако немам конкретен одговор, би рекла дека во дигиталниот свет можеби понекогаш е подобро да се зашититме од дигиталното насилство со тоа што едноставно нема да реагираме и да пријавиме, макар и за да тестираме колку работи сајбер-заштитата во нашата земја. Овој пристап зависи целосно од ситуацијата (како и секоја друга стратегија за зашита), бидејќи ризикот од понатамошно насилство и силеџиство е во тесна врска со нашите избори и позиционирање кон неправдите. Односно, ризикот е многу поголем за жртвите кога се премолчува, погледнува настрана и игнорира силеџиството. Но, зависно од ситуацијата, некогаш и босанското „pusti budale“ може да заврши работа.
Обид за резонирање и хуманизирање или зошто сакаме нашите силеџии да нѐ сакаат
Во неколку наврати сум имала обиди, откако некој ќе биде силеџиски настроен кон мене, да пробам да им се допаднам. Многу долго ми требаше да сфатам дека без разлика на моите обиди да покажам дека како и тие, така и јас сум човечко суштество со свои борби и потешкотии – тие својот однос никогаш нема да го променат. Иако изворот на силеџиство не (секогаш) може да го индивидуализираме, она што сепак останува е нивната одлука да продолжат да бидат доследни на своето силеџиство, обид за надмоќ и непочит.
Кога го разбираме насилството како дел од еден систем, а не како претставување на самата одлука да се биде силеџија, често се обидуваме да ја промениме ситуацијата – па дури и своето однесување – мислејќи дека ако оставиме простор, работите ќе бидат поразлични. За жал, тоа само нѐ прави дополнително ранливи, без разлика што е интуитивен и сосема човечки пристап. На едноставен начин, тоа е горката насмевка што ќе ја направите кога некој ќе ви каже сексистичка шега, а вие немате сила, простор или безбедност да ја адресирате како олицетворение на „кежуал“ патријархатот. Овој мал компромис со себе е всушност толку голем чекор наназад кога станува збор за како да се заштитиме и си поигрува со нашата непресушна верба во луѓето. Не велам дека некој од нашите силеџии не може да доживее момент на светлост, но сепак разочарувањето што следи е посилно од нашиот обид за поинаков исход од веќе познатото.
И сега ќе се запрашаме: „Зошто токму сега е важна борбата против силеџиите?“ Како остра стрела прелетана низ густа магла – затоа што силеџиите и нивното силеџиство не само што се дел и функционираат туку и процутуваат во систем кој имa трули вредности. Затоа што пркосењето на една „Миленка“, која свесно или несвесно го брани статус квото на патријархатот кога вели „не знаеш кај ти е местото“ значи ем среден прст кон неа ем среден прст кон целиот систем. Затоа што социјалните навики на замижување пред силеџиство водат кон култура на премолчување на болката, а стратегијата на колективна грижа и пркосење водат кон заздравување од неа. И затоа што на крајот на денот, како што „менталитетот на толпата“ може да успокои и пацифизира кога трпиме болка, така истиот тој менталитет може да побуди и заеднички да станеме на нозе и да кажеме „fuck off“.
Креирањето феминистички и квир иднини претставува вечно незавршен проект, секојдневен избор кој мора одново и одново да го правиме и кој бара многу работа. Само сонувањето може да ни биде финален доказ за тоа дека постои свет без хиерархија, насилство и ограничувања.
Користена литература:
Hemmings, C., (2012). “Affective solidarity: Feminist reflex- ivity and political transformation”. In Feminist theory, 13(2), pp.147-161.
Federici S. & Linebaugh P. (2019). Re-enchanting the world: feminism and the politics of the commons. PM Press ; Autono- media.
Cohen, C.J. (1997). “ Punks, Bulldaggers, and Welfare Queens: The Radical Potential of Queer Politics? ” GLQ: A Journal of Lesbian and Gay Studies, 3(4), pp.437–465.