Мажите никогаш не биле значаен процент од публиката на „Медуза“. Од вкупниот број следачи на Инстаграм, само 12.7% се мажи. Горе-долу, тоа би била статистиката и на другите наши канали, а и во рамки на овој процент, веројатно мнозинство се нашите квир пријатели и соборници.
Иако „Медуза“ е пред сѐ простор за креативно и интелектуално изразување на девојки, жени и родови и сексуални малцинства, мажите отсекогаш биле добредојдени да прочитаат, да се информираат, да се вклучат во конструктивна дискусија и да ги поддржат нашите заложби за родова еднаквост.
За жал, од мажите ретко гледаме да се вклучат во дискусиите за родова еднаквост или јавно да споделат информации и поддршка, како на „Медуза“, така и во поширокиот медиумски дискурс и на социјалните мрежи – со чесни, но сериозно малкубројни исклучоци. Недостатокот на интерес за системските проблеми и општата небезбедност со кои се соочуваат жените беше главна мотивација позади текстот на Калиа Димитрова, „Не сите мажи. Но сите мажи молчат“, напишан непосредно oткако групното силување на Французинката Жизел Пелико оркестрирано од нејзиниот сопруг за кое дозна широката јавност го потресе светот. Очигледно не и мажите во Македонија:
Што треба да се случи за мажите да се почувствуваат засегнати од сеприсутното насилство и закани за насилство со кои живееме ние жените? Очигледно, ни овие случаи кои ги набројав не се доволни за да ја размрдаат машката јавност. Велам „како повеќето жени, така и јас“, зашто мажите очигледно постојат во некој паралелен универзум каде повторливото „не сите мажи“ ги лишува од одговорност и заслужуваат орден што не се насилници. Во таа машка глава, очигледно, егото и репутацијата се поважни од животите на жените кои висат на конец.
Можеби македонските мажи се позаинтересирани за локалните проблеми на своите сонароднички? Стварно би сакала да е така, но не видов да се покрене машката јавност кога во ноември беа изречени казни под законскиот минумум за 13-те Велешани осудени за трговија со дете, силување и производство и дистрибуција на детска порнографија. Сепак, минатиот петок, лавина македонски мажи ги наполнија коментарите на Инстаграм профилот на „Медуза“. Што тоа конечно ја разбранува машката јавност во однос на жените и ги натера да се огласат?
***
Во средата (28.1), на булеварот „Партизанска“ беше прегазена 22-годишната Фросина Кулакова од страна на 20-годишниот Васил Јованов кој управувал со возилото без возачка дозвола и во алкохолизирана состојба. За кратко, по медиумите се прошири информацијата дека Васил во последните две години добил повеќе од десет прекршочни пријави и предизвикал сообраќајна незгода во 2023 за која од непознати причини поминал неказнето.
„Медуза“ се приклучи кон повикот за општонародниот бојкот на булеварот како реакција на убиството на Фросина. „Ниту дома, ниту на улица – никаде не сме безбедни“, гласеше нашата порака. „Токсичната машкост носи неказнивост, замижување, пренесување на болен модел на себичност, корупција, безобзирност, растење на ‘алфа’ мажјаци и тапшање по рамо: Нагази сине, гази до крај, никој ништо не ти може. Е, не може“.
За кратко време, стотина мажи (но и извесен број жени) се кренаа против посочувањето на „токсичната машкост“ како клучен елемент (и продукт) на системската негрижа и културата на неказнување и непостапување. Коментарите што почнаа и не престанаа варираа од „токсична машкост не постои“ до „токсична машкост е она што му треба на општеството“. Многумина напишаа дека токсични можеме да бидеме сите и дека не е во ред да се користи ситуацијата за да се подгреваат тензии и поделби меѓу половите. Апсолутно се согласуваме. Зошто тогаш продолжуваме да инсистираме да се обрне внимание на сеприсутноста на „токсичната машкост“ и начините на кои нѐ засега сите?
Што всушност значи терминот „токсична машкост“?
Машкост е концепт што ги вклучува биолошките, социјалните и културните карактеристики што се поврзуваат со мажите. Машкоста не е статична, туку варира низ времето, општествата и различните култури. Машкоста се восприема и гради преку социјализација, учење и репродуцирање на семејни модели, врсничко влијание, влијанието на медиумите и популарната култура, итн.
Биолошките или физички карактеристики на машкоста опфаќаат фактори како хромозоми (XY), ниво на тестостерон, мускулна маса и репродуктивен систем. Социјалните и културните карактеристики, пак, се поврзани со општествени норми и улоги што го регулираат машкиот родов идентитет. Зависно од културата, од момчињата и мажите се очекува да бидат силни, активни, издржливи, смели и независни; да покажуваат авторитет и лидерство и својата (физичка) сила да ја користат за заштита (во случај на закана). Овие карактеристики сами по себе не се лоши, но ако станат ригидни и исклучувачки, тогаш водат кон токсична машкост.
Токсична машкост (англ. toxic masculinity) е понов термин што се користи за да се објасни специфичен модел на пренагласена „мажественост” која е штетна за момчињата и мажите, нивното ментално и физичко здравје и социјализација, и опасна за луѓето околу нив. Токсичната машкост ја сочинуваат деструктивни општествени ставови и очекувања за тоа како еден „вистински маж“ треба да се однесува, водејќи до насилство, агресија и потиснување на емоциите.
Еве неколку клучни аспекти на токсичната машкост:
1. Желба за доминација. Идејата дека „вистинскиот маж“ мора да биде доминантен, физички моќен и агресивен.
2. Решавање на проблемите со насилство и контрола, што води кон непочитување на другите (жените, „послабите” мажи, децата, па и животните и животната средина) и непреземање одговорност за последиците.
3. Потиснување на емоциите. Ставот дека „мажите не смеат да плачат“ или да покажуваат слабост и ранливост во јавност и пред блиските бидејќи така ќе ги изгубат авторитетот и моќта. Поради ваквиот став, мажите многу поретко бараат помош и ја игнорираат грижата за менталното здравје.
4. Сексистички и/или мизогини ставови кон жените. Жените се гледаат како помалку вредни и подредени на мажите, а нивните гласови и искуства често се обезвреднуваат.
5. Одбивност кон женственоста и слабоста. Бидејќи „мажественоста” се дефинира како спротивна на „женственоста”, токсичната машкост охрабрува одбивност (која често прераснува во омраза) кон сѐ што се смета за женствено или слабо. Жените се „емотивни”, „неспособни” и „слаби” (сексизам); мажите што не се мускулести, агресивни и доминантни се „слабаци” и отфрлени (штетна конкуренција меѓу мажите); мажите кои се нежни, се грижат за себе и нивниот физички изглед и делуваат помирољубиво се етикетирани како „феминизирани” или „педери“ (разгорување на хомофобија)…
6. Поттикнување и охрабрување на ризично и неодговорно однесување. Ставот дека мажот мора да биде „без страв“ („Само слабаци не пијат“, „Никој ништо не ти може“, „Ако не научи да се тепа, сите ќе го млатат“…) односно воспитување на момчињата да не почитуваат правила во општество кое потоа учи да им прогледува низ прсти.
Да заклучиме, токсичната машкост не е напад врз мажите – не секој маж е „токсичен“, односно насилен, себичен или корумпиран. Токсичната машкост е критика на системот кој протажира мачо култура на агресија, покажување сила и желба да се биде „недопирлив“ и вон законот. Нашата критика на токсичната машкост е критика на деструктивните норми што ги повредуваат и мажите и жените и нѐ засегаат сите. Тоа е критика на недостатокот на саморефлексија и одговорност кај мажите (и жените) кои го прифаќаат и репродуцираат овој модел на „мажественост“ како поединци, родители, роднини, пријатели, партнери, врсници, соученици, колеги, работодавци, институции…

„Не само мажите“, но што велат статистиките?
Случајот со Васил, дваесетгодишното момче кое прегазува пешак и кое неколкупати избегнало притвор, укажува на сериозен проблем со системското нефункционирање на правдата во РСМ. Еве како истото е поврзано со токсичната машкост:
Културата на неказнивост и привилегираноста на мажите
Во многу општества, вклучително и македонското, постои тренд каде мажите – особено моќниците со пари и врски – избегнуваат соодветна одговорност за своите постапки. Во случајов, тоа што Васил – чијшто татко е командант на АРМ – не завршил во притвор во 2023-та, а лани излегол од притвор по само 30 дена откако бил обвинет за сериозна трговија со дрога, е показател за систем кој им попушта на мажите кои се сметаат за „привилегирани“ и „недопирливи“.
Агресивноста и самоувереноста во сообраќајот
Токсичната машкост често се манифестира во начинот на кој мажите се однесуваат во сообраќајот – брзо возење, ризично однесување и непочитување на правила со цел докажување моќ или воспоставување доминација. Општествените и културни норми што поттикнуваат вакви однесувања без сериозни последици за причинителите само ги охрабруваат насилниците да продолжат со своето однесување.
Според Државниот завод за статистика на РСМ, 57% од пешаците се жени, а 66% од возачите се мажи. Во случаите на сообраќајни несреќи, 93% од осудените се мажи. Ова е сериозен доказ за тоа кој процентуално повеќе ја загрозува безбедноста во сообраќајот.
Додека општеството ги охрабрува момчињата да се силат во сообраќајот – да возат побрзо од дозволеното и да ги потценуваат ризикот и опасноста (дури и кога се под дејство на алкохолни и наркотични супстанци) – девојчињата и жените се постојано критикувани како „не ги бива за возење“. Стереотипот дека „жените не знаат да возат“ може да резултира со поголема внимателност во возењето на жените, но истовремено ги тера жените да се сомневаат во своите способности, им предизвикуваат стрес и колебливост. Да не ги заборавиме „мачо“ возачите кои мислат дека треба да ја покажат својата „надмоќ“ со агресија врз жени возачи (пр. често возат блиску зад нив, им го сечат патот или свират ако жените возат побавно и попретпазливо).
Системскиот неуспех во заштитата на жртвите
Факт е дека во случаите на насилство и криминал, жените диспропорционално продолжуваат да бидат жртви, додека мажите се најчесто извршители. Според статистиките на Државниот завод, вкупниот број на обвинети полнолетни лица за кривични дела во 2023-та изнесува 7199. Од нив, само 662 или 9.2% се жени, а 6537 или 90.8% се мажи. Од вкупно 6528 осудени сторители на кривични дела во 2023 година, 568 или 8.7% се жени, а 5960 или 91.3% се мажи. Кај обвинетите и осудени малолетници не е наведен полот.
Системското потфрлање во процесирањето на кривичните случаи е дел од поширокиот проблем на родова нееднаквост, пришто безбедноста на жените не е приоритет. Ако правниот систем, односно институциите, надлежните и судиите, не реагирале навреме и соодветно, тоа покажува толеранција кон мажи кои не се придржуваат до законите, што понатаму резултира со прогледување низ прсти, поткупливост и тактики на заплашување кои се во с’ржта на културата на токсична машкост.

Токсичната машкост нѐ учи да бегаме од одговорност
Во следниот дел, ќе преминам на кратка анализа на дискурс со цел да ги демистифицирам логичките заблуди (англ. logical fallacies) со кои се служеа македонските мажи на нашиот пост, а кои само го потврдија присуството на токсична машкост во нивните изјави:
Изјава бр. 1: „Собирате политички / феминистички поени преку наметнување на вината врз машкиот пол“
Ова е класичен обид за одвлекување на вниманието и одбивање да се анализира проблемот на подлабоко ниво. Никој не тврди дека само мажите се несовесни возачи, но податоците покажуваат дека најголем дел од насилното и ризично однесување во сообраќајот (и надвор од него) е директно предизвикано од мажи и овозможено од културата на токсична машкост (објаснета погоре). Статистички, на глобално ниво, жените возат посмирено и поодговорно.
Нашите „соговорници“, наместо за момент да рефлектираат и поразговараат за системската култура што ги охрабрува мажите да возат агресивно или да се чувствуваат недопирливи, под добронаучената парола „не сите мажи“, проблемот го гледаат како неутрален и избегнуваат одговорност.
Изјава бр. 2: „Што правиме со судијките и обвинителките што се ЖЕНИ и што го пуштиле лингурот на слобода“
Обид да се искористи еден изолиран случај каде што женско лице (судијка) ја злоупотребува својата моќ и со тоа да се избегне дискусија за поширокиот проблем со културата на машка агресија. Да, жените исто така можат да бидат несовесни и корумпирани, но тоа не го побива фактот дека системот генерално е поблаг кон мажите кои прават прекршоци. Ако судијката носи одлуки во систем што ги заштитува мажите и протажира благи казни за нивните постапки, нејзината одлука е во голема мера одраз на системот на кој му припаѓа, а не доказ дека нема проблем со машката привилегија. (ВАЖНО: Ова во никој случај не ја иззема од одговорност).
Изјава бр. 3: „Жените исто така газат луѓе, за нив ќе ќутите, а?“
Ова, пак, е пример за whataboutism или „а што правиме со Х/У/З..?“ тактика што се користи за да се релативизира проблемот. Да, жените исто така може да бидат несовесни возачи, но дали бројките покажуваат дека тоа го прават со ист интензитет како мажите? Не. Повторно, статистички гледано, мажите почесто прават сообраќајни прекршоци и се однесуваат неодговорно во сообраќајот. Овој „аргумент“ е обид да пренасочи фокусот без да се препознае дека проблемот со ризичното возење е директно поврзан со културниот став дека мажите се газди на градските улици и за нив не важат правила.
Изјава бр. 4: „Ако детето било токсично шлапано на време немало да има брокула фризура“, „Отсутност на машкост довело до делото“, „Треба алфа мажјаците да воспостават ред“…
Поексплицитен пример за токсична машкост од ова нема да најдете. Според оваа логика, проблемот не е во тоа што прекршителот се однесувал неодговорно, туку во тоа што не бил доволно „мажествен“. Па нели родовите разлики не играле никаква улога?
Наместо да го осудат деструктивното однесување на Васил кое произлегува од вредностите на токсичната машкост, тие бараат оправдување во „недостаток на вистинска (токсична, бидејќи не прават разлика) машкост” кај него. Но што всушност претставува „вистински маж” за овие мажи? Тоа е повторно некој „алфа мажјак” опседнат со идејата за контрола и доминација под превезот на „заштита на жените, децата и домот” и со желба да излезе победник по секоја цена. Можеби терминот „алфа мажјак” ви звучи малку смешно, можеби го доживувате како безболен интернет феномен, но фактот дека стана buzz word сведочи за постоењето на широка машка публика чии анксиозност и осаменост се за жал податливо за експлоатирање и монетизиција.
Ad hominem напади
Изјава бр. 1: „Вие сте дебели, мрсни, фарбани феминистки што лечат комплекси. 95% сте лезбејки зашто никој не сака со стап да ве допре, а камо ли со полов орган.“; „Жена е најсвето нешто и жена треба да се сака. Ама нормална жена у главата, не курветина, не пропалитетка. Има разлика.“
Ова е типичен сексистички и хомофобичен напад што се користи за да се дискредитираат жените што им се спротивставуваат на мажите и/или кажуваат нешто што не им се допаѓа. Наместо да одговорат на критиките за токсична машкост, тие се обидуваат да ја претстават секоја жена што зборува за овој проблем како „непосакувана, лута, исфрустрирана, огорчена зашто била сексуално одбиена од некој маж. Притоа:
1. Претпоставуваат дека жените постојат само за машко одобрување, односно машката желба станува мерка за вредноста на жените. Ако некоја жена зборува против нив, тие веднаш се обидуваат да ѝ го „поништат“ ставот со тоа што ќе кажат дека ниту еден маж не би ја посакал. Жените, пак, што ги делат нивните ставови – или, уште подобро, немаат ставови (им ќутат) – се „свети“ и „нормални“. Нив храбриот алфа мажјак ќе ги заштити по цена на животот. Дали на тие жени им е потребна заштита (читај: контрола, надзор и забрани) за овие мажи е помалку важно. Тие само го следат повикот на дивината.
2. Лезбејките се напаѓани затоа што не се „достапни“ за мажите. Ова покажува дека некои мажи го гледаат светот како место каде што жените треба да бидат подредени на нивните желби. Лезбејките им пречат бидејќи ем отворено ја изразуваат својата сексуална/романтична желба, ем таа не ги вклучува мажите. Шмрк 🥲
Изјава бр. 2: „Гарант чувате мачки.“
Реално outdated и клише напад кој потекнува од идејата дека „сингл жените што имаат мачки се осамени и огорчени“. Pobresitas! Притоа, се исмејува независноста на жените и фактот што не се во врска (каков неуспех!). Немој случајно жена да не зависи од маж или по своја желба да не биде во врска со маж и да биде (о, не!) среќна – а камо ли успешна.
Изјава бр. 3: „Жените се бетер возачи.“
Ова е еден од најчестите сексистички стереотипи за кој и не треба многу објаснување. Мажите сакаат да повторуваат како жените се лоши возачи, иако статистиките покажуваат дека мажите многу почесто прават сообраќајни прекршоци, возат брзо и предизвикуваат смртни случаи. Тука, повторно:
1. Користат стереотип за да избегнат одговорност. Наместо да зборуваат за мажите што возат опасно, тие се обидуваат да ги „изедначат работите“ со тоа што ќе ја нападнат женската способност за возење.
2. Се игнорираат фактите. Тврдоглавоста мижи пред статистиките.

Што да заклучиме?
Од сѐ досега можеме да заклучиме неколку работи:
1. Македонските мажи НЕ се гласни за локалните и глобални родови неправди, фемициди или случаи на сексуална злоупотреба на девојки и жени. Недостасува поексплицитна поддршка ако навистина се залагаат за еднаквост и безбедност.
2. Македонските мажи се гласни кога се чувствуваат „нападнато“, во ситуации кога од нив всушност се бара да ги препознаат и преиспитаат и да преземат одговорност за штетните модели на „мажествено“ однесување што ги препознаваат кај себе и/или околу себе.
3. Токсичната машкост е опасен модел на машка родова експресија. Таа поттикнува агресивно и ризично однесување, непочитување на правила, чувства на надмоќ и доминација на штета на другите (најчесто жените), но и на штета на самите мажи.
4. Токсичната машкост истовремено им обезбедува привилегии на мажите. Овие ограничувачки родови норми можат да бидат „токсични“ за мажите, но истовремено им обезбедуваат низа незаслужени привилегии (пр. очекувања дека им припаѓаат водечките позиции на работното место, ослободување од неплатена грижа за другите и домашен труд, приоритетизирање на нивните сексуални потреби пред оние на жените) од кои потоа не им одговара да се откажат.
5. Постоењето на токсична машкост НЕ значи дека сите мажи се токсични. Напротив, кога добро ќе сфатиме кои однесувања ги опфаќа и како се репродуцира, полесно ќе ја препознаеме, критикуваме и отфрлиме. Токсичната машкост ни укажува дека момчињата и мажите се социјализирани – а не биолошки предодредени – да присвојат одредени поведенија и ставови. На овој начин, го напуштаме сфаќањето дека машкото однесување не трпи промени и фразите од типот „boys will be boys“.
Најпосле, нашата порака е повик за освестување дека сите сме соучесници во прифаќањето и охрабрувањето на токсичната машкост и мачо културата во општеството. Иако ни требаат поздрави сфаќања за тоа што е „мажественост“ и позитивни модели на машкост во приватниот и јавниот дискурс, „кризата на машкоста“ за која често се зборува – и се злоупотребува! – не е ништо повеќе од постојано редефинирање на родовите улоги, очекувања и односи за сите нас и трае од почетокот на цивилизацијата. Она што на сите ни треба се етички идентитети и модели на однесување што не се условени од родот.
Тука верувам сите ќе се пресретнеме: во желбата за градење здрави односи на меѓусебна почит, разбирање и солидарност за нашите различности и потреби, наместо агресија, силеџиство и насилство; здраво изразување и регулирање на емоции и барање помош; преиспитувањето на привилегиите што ги уживаме, да не случајно преку уживањето на нашите слободи ги ускратуваме туѓите; и пред сѐ, отвореност за критика, подобрување и преземање одговорност. Само така би можеле да се избориме против корумпирано општество кое создава насилници без емпатија.