фотографии: Ванчо Џамбаски
Говор на Дејан Сламков, активист за ЛГБТИК+ права

Здраво, јас сум Дејан Сламков и мислам дека дел од вас можеби и ме знаат од скопската квир сцена. За тие што не ме знаат: организирам педерски забави и притискам play на playlists. Се зезам: јас сум ДЏ со исклучителен вкус за музика и често хостам дрег шоуа. Денес, најпрво сакам да ја потенцирам мојата привилегија за тоа што можам да се охрабрам и застанам тука пред сите вас на овој подиум и да кажам: СИТЕ НЕКА ЗНААТ… ЈАС СУМ ГЕЈ МАЖ!
Не се срамам, нема од што да се срамам. Баш напротив: се гордеам. Се гордеам што мојата љубов ја надвладува вашата омраза. Се гордеам што секој ден успевам да преживеам во околина која ме сака мртов. Се гордеам што продолжувам секој ден да си одам во сопствениот дом, со крената глава, иако комшијата ми се има закането дека „ќе ми ја скине”. Се гордеам што газам по улиците самоуверено и покрај заканите дека ќе ме изгазат со 100km/h. Ова не се извадоци од рандом Фејсбук коментари – иако искрено можат да бидат – овие закани биле упатени директно кон мене.
Пред неколку години бев водител на подкастот Save Our Children каде што отворено зборував за моето квир искуство, заедно со други гости кои исто така ги отворено споделуваа своите приказни. Потенцирам: тоа беа искуства од прва рака на вистински луѓе, кои ова општество сѐ помалку сака да ги чуе, наспроти некои квази божји заповеди кои ни се туркат во врат од мали нозе. Ваквото мое излагање, навидум невино, ми донесе наплив на негативност и аксиозност. Голем дел од заканите потекнуваа од моето родно место и дојдов до момент каде што се плашев да се вратам таму, да ги видам моите пријатели, роднини и родители. На момент се чувствував дека мојот дом ми беше одземен. А зошто? Затоа што се осмелив да зборувам јавно за мојот живот, мојот живот, не пречејќи никому. Ми требаше долго време и борба со стравот и анксиозноста пред да можам повторно да се чувствувам безбедно и да се вратам во мојот роден крај, мојот дом.
Но „дома” не е само место, тоа е и чувство. Чувството за дом и безбедност и те како постои во мене. Тоа е така благодарение на моите родители, роднини, пријатели, колеги и познаници. Мајка ми дури може да ја видете тука и ќе ни се придружи на маршот денеска! Фала мамо, фала ти што си тука. Фала тато, фала за твоите многубројни јавни Фејсбук статуси каде што застануваш во моја и наша одбрана и не се срамиш да кажеш: „ДА, МОЈОТ СИН Е ГЕЈ и што…?“ Често татко ми во своите статуси праќа порака до други родители на ЛГБТИК+ деца, што тука би сакал да ја повторам: „Не ги оставајте вашите деца сами! Не се срамете, не се плашете, бидете до нив. Ако вие не сте со нив, кој?” Да повторам: Ако не сте вие до нив кој треба да биде?! Вашите деца се изморени од константното криење и задушување кое вие им го наметнувате со фрази како:
Не се експонирај, што мора сите да знаат? А мора ли јас да знам за 10те запросувања преку Инстаграм?
Знам јас многу геј луѓе и они не се како тебе, многу по нормални се. Па и јас не сакам да сум како нив!
Баба ти ќе умре ако дознае… И ти ќе бидеш крив за тоа. Нема да го носиме товарот на вашите очекувања! А баба требаше да знае кога ѝ правев модна писта облечен во нејзината облека.
Оди во странство, само таму можеш да бидеш слободен! Па не сакам да одам во странство! Одбивам да бидам избркан од својот дом!
Уште еднаш до родителите: Дали сте свесни дека вие вашите деца воопшто не ги познавате. Тоа е по нивен избор и така ќе остане ако продолжите со ваквите хомофобични гледишта… Замислете да не си го познавате вашето сопствено дете… Тоа е огромен пораз за вас како родители. До моите квир браќа и сестри: заслужуваме подобро! Не се задоволувајте со „океј е, ама…”, НЕМА АМА. ЉУВОВТА НЕ Е УСЛОВНА, особено не родителската. Свртете го наративот. Време е ние да ги кажиме нашите очекувања за тоа како да бидат добри родители. Слободно користејте ги моите родители како пример: мајка ми, што е тука до нас на овој важен протест за заедницата; татко ми, кој ниеднаш не дозволил неговиот син да биде понижен заради тоа што е геј. Тие не се срамат, стојат позади своето дете и нивната љубов е безусловна, каква што и треба да биде. Сите вие го заслужувате истото.
За крај, мои квир другари и другарки: нема веќе криење, нема веќе страв за обично држење за рака, не смее да има. Од овој момент стравот и љубовта ги разделуваме и одлучуваме да живееме слободно, надвор од плакарот! Треба да покажеме дека има педери, лезбачи и транџи кои стојат лице до лице со нив, треба да нѐ видат, допрат и слушнат зашто сме вистински и нема да нѐ снема! Затоа: СИТЕ НЕКА ЗНААТ.
Говор на Анастасија Павловска, активист за ЛГБТИК+ права

Горди пријатели, јас денес ќе зборувам за љубовта како најубавата работа во нашиот живот и за системот кој секојдневно работи на нејзиното уништување! Системот кој секој ден ни покажува колку не му е грижа за нашите животи и систем кој не знае да заштити, не знае да слуша и не знае да сака. Систем кој цути благодарение на стравот, поделбите и омразата. Омраза по вера, омраза по етникум, и омраза по љубов. Систем кој нѐ учи дека различната љубов е толку лоша што истата мора по секоја цена да биде забранета. Да остане дома, скриена во четири ѕида. Омраза која нѐ присилува да мислиме дека сексуалната ориентација е приватна работа и нема што сега сите да знаат за неа.
Не е приватна работа да не можеш да најдеш работа затоа што луѓето „не можат да работат со педери“. Не е приватна работа да треба да се докажуваш во болница за да добиеш информации за твојот партнер, додека ти викаат дека не можеш да ги добиеш бидејќи не си од најблиското семејство. Не е приватна работа да се плашиш да го држиш партнерот за рака додека шетате во парк. И еден тон други приватни работи што луѓето ги немаат затоа што еднаквоста е исто така затворена меѓу четири ѕида.
И затоа што сите противници на слободната љубов прашуваа: Зошто Парада на Гордоста? Ете затоа ова е Парада на гордоста. Затоа што ова е парада на храброста, бидејќи е храбро да се сака кога државата тоа го забранува, храбро е да се прифатиш кога државата те одбива, храбро е да продолжиш да веруваш дека ниту државата, ниту системот, можат да нѐ разделат.
И токму затоа што секогаш кога ќе се препознаеме едни со други како луѓе, системот се плаши. Затоа што знае дека обединети, затоа што знае дека заљубени, сме посилни од секоја партија. Посилни од секоја фотелја. Посилни од секој корумпиран договор скриен зад затворени врати.
Затоа ние денес сме горди да застанеме зад правото на секој човек да живее достоинствено. Зад правото да бидеш тоа што си без страв. Зад правото да сакаш кого сакаш. Зад правото да постоиш без некој да го проблематизира твоето постоење. Затоа што системот што не дозволува да љубиме слободно е истиот систем што не дозволува да живееме слободно.
Затоа кога зборуваме за промени во системот, мораме да зборуваме за љубовта. Бидејќи љубовта е најреволуционерното нешто што го поседуваме. Затоа што љубовта не е само романса. Љубовта е и грижа. Љубовта е одбивање да бидеме рамнодушни. Љубовта е и борба за луѓе кои никогаш не сме ги запознале. И затоа толку многу им пречи. Затоа што човек кој љуби не може да биде контролиран. Човек кој љуби не може да молчи пред неправдата.
И нека биде јасно: Ние не бараме дозвола да сакаме. Ние денес го славиме и го присвојуваме назад она што отсекогаш било наше: Правото да сакаме. Правото да бидеме сакани. Правото да живееме без страв. И затоа Парадата на гордоста е повеќе од прослава. Таа е отпор. Таа е порака дека нема да дозволиме да нè поделат. Дека нема да дозволиме да нè исплашат. Дека нема да дозволиме да се срамиме од тоа што сме.
Денес, кога ќе погледнете околу себе, ќе видите заедница. Ќе видите луѓе кои одбрале љубов наместо омраза. Солидарност наместо поделба. Храброст наместо страв. Затоа погледнете ги луѓето околу вас. Прегрнете се.
Запомнете го ова чувство. Затоа што токму ова чувство е она од кое системот најмногу се плаши. Не нашите разлики.
Туку нашето обединување. И додека сме заедно, секогаш ќе постои надеж. А додека постои надеж, ќе постои и борба.
