Овогодишното издание на Фестивалот за квир уметност, култура и теорија – Викенд на гордоста – Скопје, му пристапува на телото како на место на анархичен отпор, колективна имагинација и општествена трансформација – ентитет што одбива да биде затворен во нормативните координати на родот, сексуалноста, расата и капиталот. Замислен како жив простор на теорија, перформанс и експериментација, Анархични тела: согласност да не се биде едно го поставува телото како естетски и политички субјект што ги нарушува колонијалните, хетеропатријархалните и расијализираните хиерархии преку кои животот се организира и управува. Потпирајќи се на феминистичката, квир, црнечката и деколонијалната мисла, Фестивалот артикулира антиесенцијалистичка визија за постоењето, втемелена во релационалноста, непроѕирноста, нечитливоста и недовршеноста – како покана да се мисли постоење што не е поддржано од „силата на нужноста“ и нејзините логики на фиксиран идентитет, одвоеност и контролирана ефективност. Наместо тоа, телото може да се појавува фрагментирано, искривено, како одбивање на транспарентноста и стабилната форма.
Преку изложба, перформанси, јавно предавања и критички дискусии, Skopje Pride Weekend директно ги адресира културните и политичките димензии на моќта, предизвикувајќи ги хегемонските норми и спротивставувајќи се на нормализацијата на моралната паника и на исклучувачките културни политики. Со ставање во фокус на експерименталните и ненормативни уметнички практики, Фестивалот обезбедува континуирана поддршка за локалните и регионалните уметници и културни работници, поттикнувајќи долгорочна солидарност, видливост и отпорност на заедницата. Тематската поставка Анархични тела: согласност да не се биде едно ја преосмислува настраноста на квир телото не само како опозиција, туку како поетска и политичка сила на умножување, импровизација и заедничко постанување, отворајќи простор за дисензусни светови што ги распарчуваат доминантните режими на идентитет, сопственост и суверенитет.
Предлагаме квир искуството да се мисли преку концептот на анархичното тело, како начин да се изместат доминантните логики на суверенитет, автономија, индивидуализација и хиерархија што продолжуваат да ги обликуваат не само нашите политички имагинации туку и нашето телесно искуство. Итноста на овој концепт лежи во неговиот отпор кон тековното впишување и заробување на телата во системи на регулација, видливост и вредност – во дијаграми на раса, род, сексуалност, класа, продуктивност и читливост, но и во самите претпоставки за тоа што е тело и како треба да се појавува. Наместо стабилна и авторитативна форма, телото се појавува како нешто што може да се прекрши, да се рефлектира, да се измести – како процес, како трага, како релација, како парадоксална, „непостоечка“ институција што го доведува во прашање секој обид за негово конечно именување и управување.
Анархичното тело не е херојски автономен дејствител, ниту суверен содржател на идентитет или господар на волјата. Неговата материјалност се свиткува и одвиткува како девијација, наклон, занес. Во допир – како контингентност. Одбивајќи да биде фатено во форма, кохерентност или стабилност, анархичното тело не повикува на враќање кон некакво изворно тело, туку се појавува како нешто што секогаш веќе се менува, кородира, се таложи, се трансформира – како материјал што носи траги од време, притисок и однос. Наместо прочистена утопија на ослободување, тоа инсистира на телото како веќе повеќекратно, распрснато, без темел и недовршено – како метастабилна ин-формација на интензитети, како поле на прекини и настанувачки релации.
Во таа смисла, анархичното тело е секогаш во однос, никогаш само, никогаш едно. Тоа не е затворена супстанција, туку битиe-со: резонанца на сингуларности во допир, во тензија, во близина. Квир телото како анархично тело е тело што се упатува, тело што се со-појавува, тело во заедништво. Тоа се спротивставува на завршеноста и се расплетува низ распоредот на гестови, низ ритам на прекини, прекршувања и лизгања – каде формите се прелеваат една во друга, помеѓу конкретното и апстрактното, помеѓу сензуалноста и распаѓањето на јасните граници. Во овој хоризонт, анархичните тела може да се мислат и преку фигурата на дивото – не како спротивност на редот, туку како отсуство на ред, како ентрописка сила што постојано излегува од обидите на моќта да го регулира животот. Тие отвораат простор за нестабилни екологии на желбата и отелотворувањето, за тела и желби што не се вклопуваат во бинарните и класификациските режими, туку опстојуваат на нивните рабови, како непредвидливи, хибридни и отпорни форми на живот.
Токму тука, црнечката, квир, транс и деколонијална мисла нудат суштински интервенции – не како нови фиксни идентитети туку како побунети кореографии и живеени практики што ја распукуваат самата граматика на препознавањето, субјективноста, суверенитетот и релацијата. Од своеглавите и непослушни тела, преку девијантните еротизми и родови експерименти, до „нескротливите“ животи што се движат, талкаат и одбиваат да бидат управувани – овие практики сведочат за секојдневни, упорни обиди да се живее поинаку, дури и таму каде што условите за тоа се минимални или насилно ограничени. Тие ја афирмираат можноста за живот како постојана импровизација со дадените услови, како одбивање на респектабилноста и како создавање на други форми на заедништво и опстанок.
Преку современиот танц и перформанс, преку телата поставени во нивното не-изведување на политичките морфологии, ја покануваме публиката да мисли-чувствува со анархични тела – што значи да се мисли и политичкото – и да се согледа како тие ги нарушуваат социјалните кореографии на заробување и го изложуваат самиот распоред на сетилноста. Како се движат беговито, не за да илустрираат идеја или да исполнат задача, туку да престојуваат во неприсвоивиот вишок на гестот – во таа чудна мешавина на нежност и монструозност, каде телото станува повеќе од едно, а сепак никогаш целосно не се дава на препознавање. Овие тела не се сцени на поседување, туку на споделување. Тие ја суспендираат суверената сила на наредбата и наместо тоа нудат поинаков вокабулар: на слушање, наклонување, треперење, превиткување, двоумење. На заведување на погледот во чудење, пуштајќи го да талка.
Токму во оваа смисла овогодишното издание на Фестивалот го претставуваме со извонредниот перформативен фотоцртеж на нашиот долгогодишен соработник и пријател Јане Чаловски. Поканата упатена до Чаловски да создаде ново дело кое ќе биде во дијалог со овогодишниот кураторски темат на фестивалот не е случајна. Од една страна, причините за оваа покана се наоѓаат во историскиот влог на Чаловски (заедно со Христина Иваноска) во создавањето на инфраструктури и платформи за презентација на квир уметноста во нашиот локален контекст, посебно впечатливо преку неговата работа во press to exit project space. Од друга страна, целокупното творештво на Чаловски се раздиплува низ квир сензибилитет, пристап и методологија, дури и тогаш, а тоа е најчесто, кога неговите дела не ги адресираат експлицитно квир проблематиките и историите. Всушност, неговиот долгогодишен интерес за архивот како поле на нестабилност, како незавршен процес, неговата нежна опсесија со сензуалноста на уметничкиот материјал и историјата на различните материјали со кои работи, како и нивната континуирана трансформабилност, но и ангажирањето на отворената форма и незавршените значења, како и љубовта кон напуштените, отфрлените, одбиените и заборавените материјали во подрумските прашини и изгорените или запустени згради, ѕиркањето во отворените тајни на диплите, или пак отпорот и еманципаторскиот потенцијал на заборавените гласови во историјата, и перформативните сценирани инсталациони ситуации во коишто композицијата и обејктите се постојано во процес и интеракција со идната публика – сити овие елементи од неговата работа резонираа силно со она што сакаме да го предложиме и ние како ново мислење и изведба на квир телото, и на телата воопшто.
Создадено преку перформативен процес на движење, рефлексија и трага, ова нова дело на Чаловски е во дослух со анархијата на телесноста, на квир телесноста. Работејќи со сопственото тело преку прекршување на изразот, уметникот користи тенок бакарен лист како рефлективна и цртачка површина – материјал кој оксидира, се менува и создава патина со текот на времето, како и самото тело. Во овој нестабилен спој на метал и кожа, телото се појавува искривено, фрагментирано и аморфно, како нешто што истовремено се распаѓа и се појавува. Резултирачката слика не функционира како документација во која било стабилна смисла. Таа не го доловува телото, туку произведува резидуална слика, нешто што останува по средбата помеѓу телото, површината и светлината. Телото се појавува како одраз, но и како загуба, како нешто што не може целосно да се врати или стабилизира. На овој начин, делото му пристапува на телото како остаток, како нешто што опстојува само преку траги и делумни појави. Овој пристап отвора и јасна квир димензија – одбивање на фиксноста, на јасно читливите форми и на стабилните телесни идентитети, во корист на телото како процес, однос и постојана трансформација. Во согласност со темата Анархични тела: согласност да не се биде едно, делото ги истражува пластичноста, видоизменливоста и монструозноста на телата – не како исклучок, туку како нивна состојба на постанување. Формите се лизгави, прекршени, делумно препознатливи: некаква плот што се наѕира, но никогаш целосно не се фиксира. Помеѓу конкретното и апстрактното, телото се појавува како процес, како метаморфоза, како нешто што избива од длабочината на полутранспарентна површина. Во тие прекршувања се отвора простор за поинакво појавување – тело што одбива да биде едно, јасно и затворено, и наместо тоа постои како рефлексија, како трага, како однос и постојано менување.
Да танцуваме со овие тела, со нивните прекини, нивниот шум, нивната нескротливост. Не за да вратиме изгубено потекло, туку да се согласиме да не бидеме едно. Не целосни. Не сами. Туку недовршени, многубројни, распрснати и секогаш во постанување. Овој танц е мислочувствување на нашите тела како материја напуштена на свет без принципи и цели, препуштена на изобилието од допири, контакти и релации, на доаѓањата и заминувањата на телата – на нивната ан-архија.
Викендот на гордоста ќе трае од 28 до 13 јуни, а ќе се одржува на неколку културни институции во Скопје: МСУ Скопје, МКЦ, Драмски театар, Котур филм и кафе и Љубов бар.
Овогодишното издание на Фестивалот за квир уметност, култура и теорија – Викенд на гордоста – Скопје, со тематската поставка „Анархични тела: согласност да не се биде едно“ предлага квир искуството да се мисли преку концептот на анархичното тело, како начин да се изместат доминантните логики на суверенитет, автономија и индивидуализација што продолжуваат да ги обликуваат не само нашите политички имагинации туку и нашето телесно искуство.
Повеќе за тематската поставка АНАРХИЧНИ ТЕЛА можете да прочитате ТУКА.
Целосната програма можете да ја погледнете ТУКА.
Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2026“ е организиран од Коалиција МАРГИНИ – Скопје, во соработка со ЛГБТИ Центарот за поддршка. Фестивалот е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд; Како и од Фондацијата Хајнрих Бол, Фондацијата Фридрих Еберт Скопје, Фондацијата Kvinna till Kvinna, International Trans Fund, Global Fund for Women, и IPPF. Содржината/изразените мислења во овој текст никогаш не можат да се толкуваат како ставови на донаторите.
Партнери на овогодинешното издание на Фестивалот се: Локомотива – Центар за нова иницијатива за уметност и култура, Контрапункт и КРИК – Фестивал за критичка култура и ТрансФормА. Медимски партнер е феминистичката платформа Медуза.