
Сјај во моите рани
СИ ЕЈ КОНРАД
(Препев од англиски: Грација Атанасовска)
прво и најважно
сонувајте ги и понатаму нашите исчезнати пријатели
жигосајте ги нивните одрази во празните столови
не сме толку врзани со времето колку што се плаши саатчијата
утрово сè што сакам е да одам кајшто покажуваат камените ангели
птичјата песна ме мава до солзи
хетеросексуалците треба да ни го видат страдањето
насилната смрт на нашите пријатели и љубовници
да го знаеш сјајот на настраниот не е да ги заслепиш но
да ги разнишаш темелите на оваа убиствена култура
пркосен пиреј што го крши цементот
мислиш дека Оскар Вајлд бил смешен
Душо моја мислам дека бил зафатен
со одвлекување внимание на стрејт луѓе
за да не го убијат
да знаеш колку пати ми
било кажано ти не си како
другар ми педер што ми кажува
вицеви и ме смее
не сум ебате сигурно не сум
немам кога во животов да
одам на аудиција за твојата педерска маскота
луѓе не може да ме убиете и
да си мислите дека може пак да ме убиете
запознав едно дрво во Амстердам и
стоев со боси нозе покрај него дваесет
минути потоа си отидов сосема обновено
уште една песна која не е напишана од поет
понекогаш треба еден мускул да
се опушти за другите да почнат
другарка ми Менди се јавува после
долга смена во стриптиз клубот да ми каже
додека чекам во ред за смрт си ја
ладам жешката пичка со твојата нова книга
ќе ми ја потпишеш ли следната недела моја бестрашна педерушо сестро
Дваесет и една љубовна песна: Песна што лебди, ненумерирана
ЕДРИЕН РИЧ
(Препев од англиски: Душица Лазова)
Што и да биде со нас, твоето тело
ќе го прогонува моето—нежно, галежно
водиш љубов, како наполу свиениот
изданок на папратот во шуми
испрани од сонце. Твоите проодни, широкогради бедра
меѓу кои целото мое лице се оглави и углави—
невиноста и мудроста на местото што мојот јазик го најде таму—
живиот, ненаситен танц на твоите пупки во мојата уста—
твојот допир врз мене, цврст, заштитнички, трагајќи
по мене, твојот силен јазик и тенки прсти
продираат онаму кадешто со години те чекав
во мојата розово-влажна пештера—што и да биде, ова е тоа.
17-годишникот и геј барот
ДАНЕЗ СМИТ
(Препев од англиски: Моника Стојановска)
овој џиносан рај, благословено тло каде што се вели геј, а се мисли ние
благословена нека е лажната лична карта и обезбедувачот кој ја позна
оваа потреба да се биде потребен, да се припаѓа, да се дознае
каков вкус има маж полн вотка и испразнет од грев. и на кој бог да се молам не знам.
го гледам исус, гледам накај сечија уста на подиумот,
порачувам виски-кола, и ја именувам во крвта на мојот нов спасител. тој е правичен.
ме моли да танцувам, да ги зашеметам мажите со
овие колкчиња што ги донесов, тој смета дека мојата уста во устата на некој странец е неопходна.
благословена нека е устата на тој странец, песната на која несмасно се нишаме, ритамот, мостот,
минувањето
на неговата рака по моето бедро и грб и од која држава доаѓам не знам.
сакам да живеам на неговиот јазик, да изградам дом од госпел и педерлук
сакам да издигнам град позади неговите заби за да се засолнат сите момчиња од хорови и плакари.
сакам мојот нов бог да ја погледне Мека што му ја изградив и да ја нарече проклето добра
или можеби сум само пивнат и слободен за прв пат, готов да се восхитувам на сè што можам да вкусам.
Безимена песна
ПАТРИЦИЈА КАВАЛИ
(Препев од италијански: Вики Младенова)
Срцето никогаш не е на сигурно,
затоа, макар и молчешкум, немој да се чаламиш
со победа или рамнодушност.
Во секој случај, чествувај
го тоа што си го сакала
дури и кога се чини
дека не го сакаш повеќе.
Се смируваш ли?
Одоброволена ли си?
Би можела конечно отаде годините
на возгордеана неодлучност,
нa мреење и пониженост,
да ги разоткриеш парчињата, да бидеш ти
која понижува под своја команда?
Не, не прави го тоа,
подобро преправај се,
преправи ја љубовта што вистински си ја чувствувала,
преправај ја совршено
додека не стане природна.
Заморената љубов
веројатно е единствената совршена.
НАПИШАНО ОД:
Тимот на Медуза
Jun 25, 2022