По шести пат, се враќаме на улиците во Скопје, за да потсетиме зошто сме тука.
Додека светот гори од војни и климатски колапс, а државата се распаѓа под тежината на сопствената корупција и неспособност, ние – ЛГБТИК+ луѓето – одбиваме да соучествуваме во тоа.
Ниту сме виновни, ниту тивки. Нашето постоење е доказ дека постојат други начини на соживот и отпор. Не нудиме бегство, туку алтернатива. Свет што не се базира на експлоатација, страв и контрола, туку радикална грижа, солидарност и колективно ослободување.
За нас опстојувањето не е само преживување, туку и пркос. Радикално преиспитуваме Кому му служи овој поредок? На квир луѓето? На работничката класа? На младите или на старите? На жените, на лицата со попреченост или на ромските заедници? Можеби на природата и на целокупната планета? Или, на неколкумината кои ја носат „нормалноста“ како униформа за сеопшта контрола?
Тука јасно именуваме само дел од непријателите на народот и слободата.
Се спротивставуваме на мизогинијата и на хетеропатријархалната демографска хистерија којашто се промовира од највисоките ешалони на власта. Не смееме да бидеме избришани од најважната алка во еден функционален демократски систем – образованието. Министерството за образование и наука, преку скратена постапка и тивка цензура, ги отстрани единствените механизми што овозможуваа ЛГБТИК+ младите да бидат видени, препознаени и заштитени.
Се спротивставуваме на премиерот, гласноговорник за идеолошка индоктринација во образованието, во која нема место за критичко мислење и родова еднаквост, кој врши организиран напад врз секој што не се вклопува во неговата нуклеарно-семејна фантазија. Кога државата активно повикува на пораст на наталитетот, на што порано отпочнување семејство и на раѓање повеќе деца, „непослушните“ квир тела се перципираат како закана за ваквата демографска политика. Тие се претворени во системска аномалија, жртвени јарци и замислени непријатели што ја загрозуваат нацијата и „нормалноста“.
Повеќе не прифаќаме бирократски „пропусти“ како двегодишното влечкање на Законот за правно признавање на родот, кој иако е поднесен од седум пратенички, веќе две години е заклучен во фиока, без јавна расправа и натамошно постапување. Ова не е бирократски пропуст, туку свесна одлука на државата да ја продолжи неправдата врз транс луѓето, кои и понатаму се приморани да живеат без правна потврда за својот идентитет. Ова е институционално насилство, со кое државата не само што не ги штити, туку активно ги понижува и брише транс луѓето од јавниот и правниот поредок. Секоја одложена одлука е уште еден живот во невидливост и понижување. Тоа не е неутралност – тоа е соучесништво.
Цврсто застануваме во одбрана на нашите транс другар(к)и коишто се мета на оркестриран напад од страна на анти-родовите здруженија што сеат морална паника, страв и омраза преку противнаучни и изманипулирани информации. Гласно се противиме на ваквите популистички и кусогледи политики коишто ЛГБТИК+ луѓето, и особено квир младите, ги изложуваат на дискриминација, насилство и нарушено здравје, ги туркаат во изолација и немаштија и ги тераат да си заминат од државата.
Ја осудуваме срамната позиција на македонската Влада која одби да ја поддржи Резолуцијата на Обединетите нации за правото на палестинскиот народ на самоопределување, со што нѐ принуди и нѐ принудува да играме улога на нем сведок на геноцидот во Газа. Не! Во наше име! Молкот значи соучесништво, а секое одбивање, заддршка или игнорирање на потребата за именување на злото е чин на длабока политичка беда.
Одбиваме да поддржуваме држава каде што храната станува луксуз, а достоинствена плата утопија. Каде секој ден сведочиме на инфлациски грабеж. Владата не само што не обезбедува минимална егзистенцијална сигурност, туку и активно ја саботира борбата на синдикатите за минимална и достоинствена плата!
Нема веќе простор за тишина и симболичен молк. Во земја во која 62 животи во Кочани беа избришани од хрониките на неказнивоста, не од несреќа, туку од системски оддржлива корупција, премолчувањето е соучество. Додека институциите си ја префрлаат одговорноста, ние ги броиме жртвите на уште една власт што одамна го изгубила секое чувство за грижа, отчетност и срам.
Кога системот, и тоа не кој било, туку капиталистичкот, е неизбежно смртоносен, за сите нас, отпорот е сечија должност!
Нашето опстојување е непристојно, непослушно, радикално. Опстојуваме – не за да се вклопиме, туку за да создадеме поинакви светови и да потсетиме за што сѐ заедно треба да се бориме. Светови каде што љубовта не се цензурира, телото не се казнува, а различноста не се крие.
Потсетуваме дека и во добри и во лоши времиња, заедништвото е најсилната стратегија против властието на насилничките, екстремно десни и фашистички коалиции. Заедништвото не е флоскула, туку споделување ресурси, грижа, простор и време. Уште повеќе, тоа е активна борба за враќање на трудот, знаењето, телото и времето – назад од канџите на властодршците што сѐ ни земаа, а ништо не ни вратија.
Не сакаме асимилациска инклузија во нормите на расистичкиот, патријархален, колoнијалистички и екоциден капитализам претставен како единствениот можен свет, каде грижата ни се претвори во луксуз, здравјето во привилегија, а слободата во маркетинг-стратегија. Инсистираме на нивно отфрлање!
На фашизоидните фантазии кои сакаат тишина, одговараме со бучава.
Ја повикуваме пошироката заедница, пријателите, биолошките и избраните семејства, колегите и соборците/ките да излезат на скопските улици на 21 јуни со што ќе покажат дека застанувањето со нас е еден од основните чекор во борбата за колективна слобода.
Да (оп)стоиме, заедно!
Смрт за фашизмот, слобода за нас, народот!