Отпатнички: краток запис за возможното
Отпатничка, сродна со семејството зборови: згрешена, бегалка, непокорна, анархична, своеглава, непромислена, жестока, бунтовна, дива. [1] Да живееш во свет непријателски настроена кон пристојниот и угледниот живот, да бидеш длабоко свесна за јазот меѓу местото во кое си останала и животот што би можела да го живееш. Отпатност: страстен копнеж по свет што не e владеен од господар, маж или полиција. Згрешениот пат оден од масата без водач, во потрага по место подобро од ова. Општествен поезис што им дава сила на обесправените. Отпатни: нерегулирано движење на сновење и лутање; престои без утврдено одредиште, подвижна можност, долги миграции, турканици и бегство, црнечко движење; секојдневна борба да се живее слободно. Обид да избегнеш заробување така што никогаш не се задржуваш на едно место. Не алатките на господарот, туку гестовите на бегството на поранешната робинка, нејзините чевли за патување. Отпатноста го изразува парадоксот на спреченото создавање: испреплетеноста на излезот и затворот, на бегството и заробеништвото. Отпатничка: да луташ, да бидеш откоренета, неусидрена, одврзана, да бродиш, да скиташ, да крстосуваш и да трагаш. Да го бараш правото на непроѕирност. Да удираш, да се побуниш, да одбиеш. Да го сакаш она што не е сакано. Да бидеш изгубена за светот. Тоа е пракса на општествена инаквост, востаничка основа што отвора нови можности и нови зборови; тоа е проживеаното искуство на ограденоста и сегрегацијата, се составуваме и се припиваме едни до други. Тоа е бесцелно трагање по слободна територија; тоа е пракса на создавање и врска која се одвива во рамките на надгледуваните граници на темното гето; тоа е заемна помош понудена во затвор под отворено небо. Тоа е настрано средство за црнечко преживување. Тоа е прекрасен експеримент за тоа како да се живее.
Отпатноста е пракса на возможност во време кога сите патишта се затворени, освен оние што се пробивани. Таа не се покорува на правила и не признава авторитети. Непокајна е. Тргува со окултни визии за други светови и сонува за поинаков живот. Отпатноста е постојано истражување на она што би можело да биде; импровизација со условите на општествениот живот, кога тие се веќе зададени, кога има премалку простор за оддишка, кога си осудена на слугување, кога куќата на ропството се наѕира на која страна и да се свртиш. Тоа е неуморната пракса на обидот да живееш кога не си ни требала да преживееш.
[1] Наслов на оригиналот: Wayward: A Short Entry on the Possible. ‘Отпатнички/отпатна/отпатност’ е преведувачка кованица предложена за англиското ‘wayward’, збор што истовремено значи ‘непокорна’, ‘застранета’, ‘залутана’, ‘своеглава’, но во себе го носи и зборот ‘way’, односно ‘пат’. Преводот ја следи таа двојност: скршнување од пропишаниот пат, но и отворање на можен друг пат. ‘Отпатност’ и ‘отпатничка’ се нестандардни зборови кои ги користам за да ја задржам поетската и политичка игра на Саидија Хартман со терминот ‘wayward’ и ‘waywardness’, при што ‘waywardness’ означува практика на слобода, одбивање и радикална имагинација. (заб. на прев.)
Превод од англиски: Грација Атанасовска
Преведено според Hartman, Saidiya. 2021. Wayward Lives, Beautiful Experiments: Intimate Histories of Riotous Black Girls, Troublesome Women and Queer Radicals. London: Serpent’s Tale. Во рамки на зборникот се преведени поглавјата Отпатнички: краток запис за возможното (стр. 227–228) и Анархијата на обоените девојки собрани на востанички начин (стр. 229–256). Изразуваме посебна благодарност до авторката и издавачот за дозволата за превод и објава на овие текстови. (заб. на ур.)
Текстот интегрално ќе биде застапен во овогодишниот зборник на Фестивалот.
Викендот на гордоста ќе трае од 28 до 13 јуни, а ќе се одржува на неколку културни институции во Скопје: МСУ Скопје, МКЦ, Драмски театар, Котур филм и кафе и Љубов бар.
Овогодишното издание на Фестивалот за квир уметност, култура и теорија – Викенд на гордоста – Скопје, со тематската поставка „Анархични тела: согласност да не се биде едно“ предлага квир искуството да се мисли преку концептот на анархичното тело, како начин да се изместат доминантните логики на суверенитет, автономија и индивидуализација што продолжуваат да ги обликуваат не само нашите политички имагинации туку и нашето телесно искуство.
Повеќе за тематската поставка АНАРХИЧНИ ТЕЛА можете да прочитате ТУКА. Целосната програма можете да ја погледнете ТУКА.
Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2026“ е организиран од Коалиција МАРГИНИ – Скопје, во соработка со ЛГБТИ Центарот за поддршка. Фестивалот е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд; Како и од Фондацијата Хајнрих Бол, Фондацијата Фридрих Еберт Скопје, Фондацијата Kvinna till Kvinna, International Trans Fund, Global Fund for Women, и IPPF. Содржината/изразените мислења во овој текст никогаш не можат да се толкуваат како ставови на донаторите.
Партнери на овогодинешното издание на Фестивалот се: Локомотива – Центар за нова иницијатива за уметност и култура, Контрапункт и КРИК – Фестивал за критичка култура и ТрансФормА. Медимски партнер е феминистичката платформа Медуза.