Станата сум од 6 сабајле. Станувам со чувство на помешани трема, свеченост, страв и анксиозност за сите прашања и потпрашања што ќе треба да ги одговорам додека 1000 очи зјапаат во мене. И не, не одам да ме примат за астронаут во НАСА, не одам да докажувам револуционерно научно истражување од областа на медицината и биологијата. Одам да добијам точни информации околу тоа кои документи ни се потребни за со партнерката да склучиме животно партнерство.
Животното партнерство е пандан на бракот што им стои на располагање на истополовите парови во Хрватска. Регулиран со закон во 2014 година, само неколку месеци откако, по иницијатива на конзервативното движење „Во име на семејството“, во хрватскиот Устав бракот беше дефиниран како заедница меѓу жена и маж [1]. Така, во ист политички период, Хрватска уставно го ограничи пристапот до бракот, а законски овозможи истополовите парови да уживаат голем дел од правата што произлегуваат од него.
Животно партнерство е само еден од начините на правно признавање на трајната врска помеѓу две лица од ист пол. Начините и називите варираат од држава во држава: некаде се овозможува партнерство и меѓу лица од различен пол, некаде се нудат можности и за партнерство и за брак, а некаде, по воведување на истополови бракови повеќе не е можно склучување на регистрирани партнерства. Разликата меѓу бракот и регистрираното партнерство не е секогаш во правата што ги носат. Во Шведска, [2] на пример, регистрираните истополови партнери добиле право заеднички да посвојуваат деца уште во 2003 година, шест години пред да им биде овозможено да стапат во брак.Во Холандија [3] двата института се речиси изедначени, вклучително и во однос на посвојувањето деца. Во Еквадор [4], пак, истополовите парови можат да стапат во брак, но не и заеднички да посвојат дете.
Па, зошто тогаш едни имаат право да изберат брак, а за други државата однапред определила посебна форма на заедница? Не е дека сите сакаме да стапиме во брак. Ама сакаме да имаме простор таа интимна одлука да ја донесеме секој за себе. И затоа не смееме да паднеме во стапицата на верување дека бракот е врвот што можеме да го достигнеме. Не, нашата борба е поинаква. Ние бараме општеството, кое во моментов животот на едно битие го цени според тоа дали формирало семејство или не, да признае и препознае дека постојат и други форми на семеен живот надвор од, веќе традиционално воспоставениот, брак. Бараме да се препознаат и правно да се заштитат и другите форми на семејство, блискост и грижа. Нам ни се падна да ги потсетуваме луѓето околу нас дека бракот е општествено создаден и правно регулиран институт кој се менувал низ историјата, а не единствената можна форма на заеднички живот. И дека, доколку сакаме, можеме да направиме сите луѓе да се чувствуваат како дел од општеството дури и ако не стапат во брак со лице од спротивен пол и немаат деца.
Веројатно и затоа сме веќе толку навикнати на секое споменување на оваа тема да наидеме на потсмев и отпор. Нормите се воспоставени толку одамна, што навистина изгледа како да се непроменливи: Врската е меѓу маж и жена. Стапуваат во брак за заеднички да продолжат во животот и да креираат семејство. Да, добро читате. Бракот не е семејство. Според нашиот Закон за семејството, семејство настанува кога ќе дојдат деца. Семејната заедница може да се прошири со други роднини со кои живеат во заедничко домаќинство.
И тука некаде доаѓаме ние. Правно невидливи за административното општество, статистички непрепознаени во податоците на државата кои ги уредуваат потребите на граѓаните. Заедници кои не постојат и кои се сведени на вечно цимерство. Различни адреси, тон изговори и кисели насмевки секогаш кога доставувачот ќе рече „ѝ ја оставив пратката на цимерката“. Закони за дискриминација што штитат од нееднаков третман по основ на сексуална ориентација, а сепак немаме право да користиме денови боледување од работа за грижа на болен партнер, затоа што законот не ја препознава нашата врска како семејна. Нашата тага, болка и немоќ се непостоечки. Детето на партнерот или партнерката, без оглед колку долго живеело со нас, без оглед на емотивната поврзаност, не е мое дете. Немам право да го посвојам како дете на мојата партнерка, како што тоа му е овозможено на брачниот другар на родителот. Немам законски гарантирано право на одржување на средби доколку врската престане. Наследуваме како туѓинци. Без посебен тестамент или подарок, имотот во кој сме живееле, доколку е на име на партнерот кој починал, по закон им припаѓа на децата, родителите и други роднини според наследен ред. Не и на партнерот со кого делел живот. За државата, која ги уредува овие прашања, ние сме две поединечни лица кои немаат никаква правна поврзаност.
А кај нас брачните другари ги имаат сите овие права. И затоа е битката за изнаоѓање на начин за правно признавање на ваквите заедници и признавање на дел, или сите права кои ги имаат брачните другари. Оваа битка, барем на хартија, веќе би требало речиси и да е добиена: поголемиот дел од земјите во Европа веќе гарантираат некаква форма на признавање на истополовите заедници. Во нашиот регион, покрај Хрватска и Словенија, во 2020 година и Црна Гора [5] донесе Закон за животно партнерство на лица од ист пол, со кој овозможи правно признавање на овие заедници, иако без право на заедничко посвојување деца. Грција, по речиси една деценија правно признавање на истополовите партнерства, во 2024 година дозволи истополови бракови. Европскиот суд за човекови права, следејќи го растечкиот европски консензус, во 2023 утврди дека државите имаат обврска да обезбедат правно признавање и соодветна заштита на истополовите парови. Со други зборови, ова повеќе не е само прашање на добра волја на државите, туку и обврска што произлегува од Европската конвенција за човекови права.
И додека јас романтизирам дека регистрирањето ќе значи препознавање на нашите чувства и потреби, реалноста е многу поладна. Според истражувањето на Кеес Валдајк [6] за постепеното признавање на правата на истополовите партнери низ Европа, државите, се чини, историски биле поподготвени да ги признаат нашите обврски отколку нашите права. Така, едно од најшироко признаените правила е намалувањето или губењето на социјална помош поради приходите на партнерот. Меѓу првите признати права е и правото на престој на странскиот партнер, за двајцата воопшто да можат да живеат заедно. И тоа не е нужно спорно. Заедничкиот живот подразбира и одговорности, а општеството не може да функционира без нив. Но би било убаво државата да нè препознава и кога ни треба нејзината заштита, а не само кога од нас очекува да се грижиме едни за други. Ние се бориме да опстанеме во општеството како заедници, а не како збир на поединци.
Моите психофизички подготовки за посета на матичното одделение во Хрватска испаднаа целосно непотребни. Немаше никаков спектакл, само добро подготвена службеничка што ги наброја потребните документи и ја објасни процедурата од поднесување на пријава до завршување на постапката. После краткото олеснување, дојде нова тахикардија: треба да се вадат документи и дома. Ќе има нова тура припреми, броење до 1000 пред да тропнеме на врата и неколку препотувања, по што ќе ги добиеме документите. А, можеби и тука ќе поминеме без никаква скандалозна реакција.И наскоро, ако сè оди според планот, ќе регистрираме животно партнерство. Во Хрватска нашата заедница ќе има правно признавање, со правата и обврските што произлегуваат од него.Во државата во која сме родени и во која до сега сме плаќале даноци и понатаму остануваме две единки чија заедница не постои во законот.
Во меѓувреме, сето ова го правиме сами. Не ги вклучуваме семејствата во подготовките, не дискутираме датуми или било какви информации поврзани со процесот. Како ништо да не се случува. И во целото ова градење одбрамбени механизми со кои се обидуваме да ги заштитиме нашите драги луѓе од нас самите, забораваме дека се подготвуваме за нешто убаво.
А до каде сме со правното решавање на овие прашања дома? Тука од голема помош ни се Европскиот суд за човекови права и оној фамозен европски консензус кој го споменав погоре. Низ годините, судот постепено го менува својот пристап кон истополовите врски и заедници, следејќи ги и промените во европските општества.. И додека во 2001 година Судот сè уште сметал дека долгогодишна истополова врска не ужива заштита како семеен живот според Европската конвенција за човекови права, веќе во 2010 година признава дека и истополовите партнери имаат семеен живот. Сепак, тогаш оценува дека европскиот консензус сè уште не е доволно развиен за да им наложи на државите да воведат законска рамка за признавање на овие заедници. Во 2015 година утврдува дека Италија ја прекршила Конвенцијата поради отсуството на таква рамка, а во 2023 година, кога веќе 30 држави признаваат истополови заедници, потврдува дека ова е обврска на сите држави што ја прифатиле Конвенцијата.[7] Интересно е што Судот сè уште не бара државите да дозволат истополов брак, но бара да обезбедат правно признавање и соодветна заштита на истополовите партнерства.
И додека ги читам овие пресуди, ми поминуваат низ глава сите надежи, разочарувања, стравови, инатот и, најмногу од сè, храброста на луѓето пред нас, кои ги носеле своите животни приказни низ судските лавиринти за да ги поместат границите на заштитата на човековите права. А мене ми требаше цело утро психички да се подготвам за еден разговор на шалтер. И се прашувам дали некој ќе се охрабри да ги испроба овие правни аргументи и дома. Можеби токму некоја таква, навидум обична животна приказна ќе биде повод за следната пресуда што ќе ја читаме. Јас, за почеток, имам уште неколку документи за вадење.
Белешки:
[1] “U ime obitelji“ е хрватска конзервативна граѓанска иницијатива која во 2013 година организираше собирање потписи за распишување референдум за уставно дефинирање на бракот како заедница меѓу жена и маж. Референдумот се одржа на 1 декември 2013 година, а предложената уставна измена беше усвоена. Известувањето од Уставниот суд на Република Хрватска во однос на распишаниот референдум и целосно образложение за достапните форми на уредување на истополови заедници е достапно на: https://narodne-novine.nn.hr/clanci/sluzbeni/2013_11_138_2966.html
[2] https://tinyurl.com/33m9rtcd
[3] https://www.government.nl/themes/family-health-and-care/marriage-cohabitation-agreement-civil-partnership/marriage-civil-partnership-and-cohabitation-agreements и https://www.government.nl/themes/family-health-and-care/adoption/adopting-a-dutch-child
[4] https://www.humanrightsresearch.org/post/ecuador-s-new-adoption-law-violates-lgbtq-rights
[5] Закон за животно партнерство на лица од ист пол, „Службен лист на Црна Гора“, бр. 67/2020 , достапен на https://www.sluzbenilist.me/propisi/294270
[6] Waaldijk, K. (2020). What First, What Later? Patterns in the Legal Recognition of Same-Sex Partners in European Countries, во Same-Sex Families and Legal Recognition in Europe, стр. 11–44, достапен на: https://link.springer.com/chapter/10.1007/978-3-030-37054-1_2
[7] Mata Estevez v. Spain, жалба бр. 56501/00, одлука од 10 мај 2001 година; Schalk and Kopf v. Austria, жалба бр. 30141/04, 24 јуни 2010 година, пасуси 93–94 и 104–105; Oliari and Others v. Italy, жалби бр. 18766/11 и 36030/11, 21 јули 2015 година, пасус 185; Fedotova and Others v. Russia [GC], 17 јануари 2023 година, пасуси 175–178
Проектот Future Commons: Towards Politics of Resistance, Care and Hope, имплементиран од Коалиција Маргини, е поддржан преку поширокиот проект „Together for LGBTIQ+ Equality“, кој го води Центарот за граѓанско образование (CCE) во партнерство со ERA – Асоцијација за еднакви права на ЛГБТИ лицата во Западен Балкан и Турција, КвирЦрнаГора, Квир Центар Скопје, Тузла Отворен Центар, Open Mind Spectrum Albania, и Центарот за развој на општествени групи од Косово. Проектот е финансиран од Европската Унија.
The Project Future Commons: Towards Politics of Resistance, Care and Hope, implemented by Coalition Margins, is supported through the broader project “Together for LGBTIQ+ Equality,” led by the Centre for Civic Education (CCE) in partnership with ERA – LGBTI Equal Rights Association for the Western Balkans and Turkey, Queer Montenegro, Queer Center Skopje, Tuzla Open Center, Open Mind Spectrum Albania, and the Center for Social Group Development from Kosovo. The project is funded by the European Union.