[фотографии од Каде што се дивите нешта, Морис Сендак]
Диво – што расте или се развива без ограничувања или дисциплина.
– Оксфордски речник на англискиот јазик
Во Каде што се дивите нешта од Морис Сендак, омилена книга на децата од сите времиња, следиме како еден млад и нескротен патник ја учи разликата меѓу домашниот свет на семејството и дивиот свет на изгубени и осамени суштества. Оваа едноставна приказна за патешествието на Макс ги исцртува можностите и опасностите на дивината. Одненадеж, дивината во книгата се покажува како знак на исклученост, место на прогонство и го открива насилството што е потребно за да се одржи ова радикално одвојување помеѓу овде и таму, дома и надвор, човечкото и дивото нешто. Дивите нешта: растројството на желбата го истражува дивото не само како простор надвор од домот, туку и како предизвикување на претпоставен поредок на нештата и во име на нештата што го одбиваат редот и му се опираат. Дивината истовремено именува хаотична сила на природата, го именува она што е надвор од категоризацијата, именува неограничени облици на овоплотување, на одбивање на општествената регулација, губење контрола, го именува непредвидливото. Оваа низа упатува на романтична дивина, простор на можности, на пропаст што повикува и заведува. Но очигледно е дека дивото служело и за да се именува поредокот на суштества што колонијалниот авторитет презема да ги припитоми: другите на катастрофалниот дискурс на цивилизацијата, расијализираната ориентација кон ред, реификациските операции на расниот дискурс (дивите „нешта“). Од тие причини, да се работи со дивото значи и да се ризикува одново да се придвижат овие значења. Овде го преземам тој ризик зашто дивината нуди приближување до критиките на тие режими на значење и ја отвора можноста за разурнување и разградување светови.
На пример, Каде што се дивите нешта започнува со Макс, мало момче облечено како волк, што создава безредие во семејниот дом. Користејќи голем чекан, Макс кове голем клинец во ѕидот за да закачи преку собата чаршаф врзан во јазли. Неговиот акт на градење – преку ова импровизирано јаже тој префрла завеса за да направи засолниште и на една закачалка од плакарот закачува излитено плишано куче – е исто така и сцена на разградување. Самиот Макс несигурно балансира врз куп книги за да ги закове клинците на потребната височина, а неговото непрецизно забивање направило голема дупка на ѕидот. Оваа сцена на уништување ја доловува работата на оваа книга, уметноста на дивината и просторот на безредие. Макс потенцијално е антиколонијален талкач кој одбива да ги насели дивите места што ги посетува и го одбива водството што му е понудено. А Сандак овде го претставува во многуслојна сложеност како слика на див субјективитет. Макс е млад; тој живее во семеен дом против својата желба; истовремено го уништува тој дом и се обидува во него да изгради друг свет. Книгите ги користи практично, а не метафорично, а се покрива со костим на диво животно за да го означи хаосот на детството. Плишаното животно закачено на другиот крај од јажето отвора прашања за односите меѓу дете, диви суштества и сакани играчки. Плишаното животно е и Максовото алтер его и она што тој се плаши дека ќе стане во орбитата на неговата преприсутна мајка и преотсутен татко. Макс има долга бушава опашка, фалусен симбол на авторитет, но нема моќ што оди со неа. Тој е малечок (оттаму и купот книги што му треба за да достигне висина и преголемата алатка во рацете), тој е немоќен и е гневен. На следната слика, на следната страница, неволјата продолжува додека Макс, во волчјиот костим, го брка семејното куче надолу по скалите со виљушка во рака. Има ли намера да го убие миленичето или да го изеде? Дали збунетоста во врска со статусот на домашното животно е уште еден знак на неговата незрелост или е одбивање да се почитува исправното разликување меѓу луѓето и животните и меѓу различните видови анималност? Макс на оваа слика е малку над тлото; не баш дека лета, но не ни стои; зазема простор на прекин, раката сѐ уште е крената, алатката/оружјето е на готовс, сега гневот е претворен во одушевеност. Дивото, покажуваат овие две илустрации, исцртува множество односи меѓу луѓето и животните, човековите претстави за животните, моделите на животни (плишаното куче), миленичињата, семејството, светот, перформансот, костимот, природата, просторот и темпоралноста. Книгата прашува и каде се дивите нешта и кога се дивите нешта; нуди малку одговори, но многу прашања.


Некои од прашањата што ги поставува класичната приказна на Сендак биле поставени и порано во други митски приказни за млади авантуристи и диви суштества. А многу од тие приказни – како Тарзан на Бароуз или Токму такви приказни на Киплинг – служеле да го потврдат империјалниот поредок на нештата во кој домашното и дивото не се само знаци на блискост до дома туку служат и како расистички систем во кој дивината претставува едно време порано, примитивно минато и нескротен темперамент. Толку е конвенционално ова мапирање на човечкото што продолжува да важи и во современите варијации на темата за односите човечко–нечовечко во романите како Животот на Пи (2001) од Јан Мартел и, како што покажа еден мој поранешен труд, низ анимираниот универзум филмови што ги поставува луѓето наспроти роботи, чудовишта, риби и палави миленичиња. Но како што ќе видиме, дивото не именува само простор на нечовечка анималност што мора да се потчини на човечка контрола; тоа, исто така, ги преиспитува и хиерархиите на битието што биле осмислени да ги означат и да ги надгледуваат границите помеѓу човечкото и сѐ друго.
Призивањето на дивото што го прави Морис Сендак ги признава овие хиерархии и потоа се обидува да ги поткопа. Сендак создава визуелен вртлог на првите неколку страници на книгата со тоа што поставува низа сѐ позамаглени огледални површини во кои преовладува нејасност околу авторитетот, поредокот, хиерархијата и следувањето. Така, додека Макс го брка кучето милениче во својот волчји костим, на ѕидот зад него гледаме слика на дивите суштества што наскоро ќе ги сретнеме. Потписот на авторот „нацртано од Макс“, стои под сликата, ковејќи однос меѓу Морис Сендак, авторот, и Макс, протагонистот, детето во волчји костим и настраниот возрасен уметник што го црта, што го црта како црта диви нешта, и влече милиони деца во дивото. Но хиерархиите што би требало да го одвојат авторот од творбата се уште поизмешани кога мајката го нарекува Макс „нешто диво“ и го праќа во неговата соба без вечера. Одбивајќи го авторитетот на мајката и избегнувајќи идентификување со отсутниот татко, Макс призива други светови. Таа ноќ во собата на Макс расте шума „и ѕидовите наоколу се претвораат во свет“. [1] Бидејќи Макс не може да подиви, дивото доаѓа кај него, ноќе и во неговата фантазија. Но наместо да биде место на чуда и невиност, дивото во генијалното призивање на Сендак е место на урнатини, скудност, анархија и очајание. Дивото, предупредува Сендак, ниту е место што го заземате ниту е идентитет на кој полагате право. Дивото е нерамен простор на естетичка моќ („нацртано од Макс“) и двосмислен и ограничен извор на противење. Ќе го следиме Макс каде што се дивите нешта не за да ги запознаеме и да ги сакаме или да ги уништиме, туку за да го исцртаме обликот на светот што зависи од нивното отфрлање. И кога доаѓаме каде што се дивите нешта, можеме да одлучиме дали ќе послушаме и ќе бидеме мирни или, наместо тоа, ќе почнеме со урнебесот.
[1] Maurice Sendak, Where the Wild Things Are, 50th anniv. ed. (New York: JarperCollins, 2013).
Превод од англиски: Душица Димитровска
Преведено од Halberstam, Jack. 2020. “Introduction to Part I: Sex before, after and against Nature”, во Wild Things: The Disorder of Desire. Durham NC: Duke University Press, 3-32. Изразуваме посебна благодарност до издавачот за дозволата за превод и објава на овој текст. (заб. на ур.)

Текстот интегрално ќе биде застапен во овогодишниот зборник на Фестивалот.
Викендот на гордоста ќе трае од 28 до 13 јуни, а ќе се одржува на неколку културни институции во Скопје: МСУ Скопје, МКЦ, Драмски театар, Котур филм и кафе и Љубов бар.
Овогодишното издание на Фестивалот за квир уметност, култура и теорија – Викенд на гордоста – Скопје, со тематската поставка „Анархични тела: согласност да не се биде едно“ предлага квир искуството да се мисли преку концептот на анархичното тело, како начин да се изместат доминантните логики на суверенитет, автономија и индивидуализација што продолжуваат да ги обликуваат не само нашите политички имагинации туку и нашето телесно искуство.
Повеќе за тематската поставка АНАРХИЧНИ ТЕЛА можете да прочитате ТУКА. Целосната програма можете да ја погледнете ТУКА.
Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2026“ е организиран од Коалиција МАРГИНИ – Скопје, во соработка со ЛГБТИ Центарот за поддршка. Фестивалот е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд; Како и од Фондацијата Хајнрих Бол, Фондацијата Фридрих Еберт Скопје, Фондацијата Kvinna till Kvinna, International Trans Fund, Global Fund for Women, и IPPF. Содржината/изразените мислења во овој текст никогаш не можат да се толкуваат како ставови на донаторите.
Партнери на овогодинешното издание на Фестивалот се: Локомотива – Центар за нова иницијатива за уметност и култура, Контрапункт и КРИК – Фестивал за критичка култура и ТрансФормА. Медимски партнер е феминистичката платформа Медуза.