Оваа година на Парадата на гордоста во Скопје маршираме под слоганот Сите нека знаат. Ова гласно изговарање на нашата вистина дека сме тука, дека постоиме како лезбејки, геј, бисексуални, трансродови, квир, асексуални и интерсекс лица е бунт против тишината што ни се сервира како услов за безбедност и лажно прифаќање, штамата на институциите и политичарите кои не ја препознаваат потребата од унапредување на нашите права и замолчувањето што го добиваме како одговор на нашите барања и протести. На оние што постојано ни порачуваат да ги чуваме нашите животи, тела, љубови, семејства и идентитети затворени во четири ѕида, денес гласно им порачуваме: Сега знаете! Сите нека знаат! Јавно се спротивставуваме на нивните обиди за надзор и контрола и го одбиваме нивниот срам што не е наш.
И оваа година одново го дочекуваме Месецот на гордоста среде длабока политичка и општествена несигурност на локално и светско ниво. Живееме во време на воени превири, зголемена милитаризација, климатски колапс и антиграѓански реторики, во земја погодена од корупција, инфлација, родово базирано насилство и нефункционално здравство, на што институциите не реагираат, односно не постапуваат и не преземаат одговорност.
Во едно вакво мрачно и неизвесно секојдневие, ЛГБТИК+ луѓето дополнително се соочуваат со јавен и институционален наплив на омраза, уназадување на веќе стекнати права и нормализирање на фашизоидни и екстремно конзервативни политики кои се обидуваат да ја претстават различноста како закана. ЛГБТИК+ луѓето се жртвени јагниња користени за дефокусирање од вистинските проблеми кои луѓето на власт одбиваат да ги решат. Кога одредена група е постојано издвојувана како расипувач на семејни вредности, проблематична, болна, кога се дехуманизира, логично се зголемува говорот на омраза и насилство кон таа група. Исто така, се зголемува и охрабрува директната и индиректната дискриминација во институциите кои се должни да нѐ опслужуваат – прв пример се болниците и докторите во нив, училиштата и возрасните во нив кои треба да ги заштитат децата од врсничко насилство, но неретко и од сопствените вработени.
Исцрпени сме, разочарани и гневни, но не сакаме да прифатиме дека нашите животи се условено дозволени само зад затворени врати. Онаму каде што постои замор од постојаното преживување, од бескрајното објаснување и бранење на сопственото постоење, од чувството дека нашата безбедност, достоинство и видливост секогаш се предмет на дебата – постои и активна желба за спротивставување и отпор.
СИТЕ НЕКА ЗНААТ не е само симболично излегување од плакарот, туку обзнанување на нашите вистини коишто одбиваме да продолжиме да ги носиме сами и да мизеруваме во нив. Ова е нашата вистина:
- СИТЕ НЕКА ЗНААТ дека сме лезбејки, геј, бисексуални, транс, асексуални и квир. Дека не сме болни, изопачени или луди, ниту, пак, дека глумиме помодарство. Дека дури и кога нѐ именуваат како такви, постои нешто што ние настраните можеме да го препознаеме во нивната хистерија, а тоа е стравот што конечно имаме храброст јавно да се појавиме и да покажеме дека постоевме, постоиме и ќе постоиме. Повлековме бран на луѓе што конечно се чувствуваат слободни да не се мразат себеси поради тоа кои се и кои нудат поинаков начин на живот. Нашата храброст е таа која буди завист и омраза. Тајната што со години ја туркавме под тепих веќе не може да издржи да се крие зад вратата од детската соба, по куќни тавани, со шепоти и шушкања. Тоа повеќе не е тајна туку вистина што се разгласува и ечи низ нашите улици.
- СИТЕ НЕКА ЗНААТ дека сме уморни. Ги повторуваме истите барања кон институциите со години. Нашите права не само што се уназадени, туку тие се сега политичка стратегија на заплашување. Кога премиерот на државата вели дека многудетното семејство е највисокиот патриотски чин, јасно именува непријател, а тоа сме ние. Одбиваме да бидеме популистичка стратегија за хипноза на нашите сограѓани, додека тонеме во сиромаштија, нашето здравство се распаѓа, природните ресурси колпабираат, а од сеприсутната корупција наши сограѓани изгореа живи во клубот во Кочани. Не, децата што ќе се родат не се решението за тоа како оваа држава ќе стане побезбедно и подобро место за живеење. Напротив, фокусот треба да биде на грижата за децата и луѓето што живеат тука и сега, а кои едвај остануваат живи од страв дека ќе се преврти уште некој автобус, ќе се запали уште некој јавен простор или, пак, ќе фатат рак од загадениот воздух. Ние не сме ваше топовско месо. На нашите сограѓани им порачуваме дека ние не сме вашиот непријател. Го дишеме истиот воздух, нѐ убива истиот систем на корупција и нѐ крадат истите политичари. Ние не сме вашите непријатели.
- СИТЕ НЕКА ЗНААТ дека кога младите ЛГБТИК+ луѓе ќе ја обзнанат својата сексуална ориентација или родов идентитет, тие се изложени на значително поголем ризик да останат без покрив над главата. Во сопствените домови квир луѓето остануваат без пристап до вода, средства за лична хигиена, храна или контакти со своите блиски пријатели како казна за тоа кои се. Кога нивната вистина ќе биде изговорена пред семејствата во кои одамна навлегле хомофобичните и трансфобичните политики, бездомништвото е честа последица. Притоа, останавме без свои безбедни простори, без шелтер центри, со држава која целосно ги игнорира најранливите од нашата заедница затоа што упорно нѐ бутка назад во нашите приватни простори. Во оваа држава ние живееме на шкргите на неколку граѓански организации што заменуваат еден цел институционален систем на заштита. Кога и овој систем ќе пукне, ќе биде уништен или ќе ги истроши своите капацитети, во чии раце тогаш ќе отидат нашите судбини?
- СИТЕ НЕКА ЗНААТ дека и ние бараме достојни работни услови и зголемување на минималната плата, но дека ова барање е толку далеку од нашиот видик. Транс луѓето, небинарните луѓе, луѓето со различна родова експресија не можат ни да дојдат до вратата на вработувањето. Минималната плата за нас е луксуз, затоа што кога СИТЕ ЗНААТ, осудени сме на економско насилство. Нашите тела се гладни, потхранети и болни. Потрошувачката кошничка не ги признава нашите форми на семејство. Нејзината пресметка е целосно конципирана врз хетеронормативниот модел на семејство кадешто нашите потрошувачки искуства, но и форми да се преживее се поништени.
- СИТЕ НЕКА ЗНААТ дека нашите позиции се анти-воени, дека ги осудуваме позициите на нашата држава што соучеснички поддржува држави како Израел коишто убиваат илјадници деца, жени, лекари во Газа, Иран, Либан… Се оградуваме од гласот на Република во Северна Македонија во Обединетите Нации каде срамно гласаше против прекинување на воените опсади е наш глас. Ова не е нашиот глас. Ова е гласот на фашистичките политички на оваа власт.
- СИТЕ НЕКА ЗНААТ, а пред сѐ нека знае нашата заедница дека е во ред доколку не сте подготвени сега, утре, наредниот месец или оваа година сите да знаат. Реалноста на младите ЛГБТИК+ луѓе, на нашата заедница во помалите градови и на сите меѓу нас за кои јавното признавање носи ризик по вашата безбедност – ви порачуваме дека ние сме тука за вас и дека ние можеме и сакаме да знаеме. Дека покрај биолошките семејства, создаваме свои избрани семејства каде безбедно и за прв пат (ќе) можеме да ги изговориме вистините коишто полека нѐ ослободуваат.
Да повториме. На обидите нашето постоење да се релативизира, патологизира или претстави како нешто измислено и „увезено“ – гласно им велиме: тука сме, насекаде околу вас. Ние сме дел од вашето потесно и пошироко семејство и од вашиот круг на пријатели. Ние сме ваши колеги, клиенти, соработници, соседи и познаници. Тука сме, меѓу оние со кои се разминувате на улица или разменувате по некој збор на каса или на шалтер. Ние сме ваши доктори, наставници, угостители, инфлуенсери, продавачи, возачи, забавувачи, доставувачи…
Сите нека знаат е порака кон општеството да го симне превезот и да се соочи со нашето непоколебливо присуство. Тоа е воедно и порака што си ја кажуваме меѓусебно: дека не сме сами, ниту, пак, сме должни да се криеме и смалуваме за да бидеме прифатени и дека нашите животи припаѓаат во јавноста исто колку и животите на сите други.
Токму затоа ве повикуваме сите вас да маршираме солидарно за оние кои сѐ уште не можат. Скопје Прајд е денот кога заеднички застануваме во просторот што постојано ни го оспоруваат, без да бараме дозвола, туку да потврдиме дека отсекогаш сме биле тука.
Затоа, денеска – Сите нека знаат!