Се будам, се будам, гледам дека сум некој. Денес имам еден живот, кога ќе трепнам добивам друг – друго лице, друго име за светлината, други солзи и исти бисери што се влечат по моиве замаглени раце, по мене се исцртува друга кожа и стравови, друга сенка. Танцувам низ залези што горат по чекорите, по истите срца…Црвена е бојата во светот во кој се вртам; црвени срца, црвени допири, црвена болка, црвени насмевки – црвено како цената што ја плаќам за да се најдам тука, среде ниту-светот, среде распарот на тоа што е и тоа што ќе биде, и како нивната смисла се отшивува одново и одново настанува од иглата и конецот додека јас сведочам. Наместо срцето, наместо тишината полна хаос како за измерен космос што место да крвари во раѓањето – раните му ги распаруваат допирите на по една ѕвезда. Наместо физика, духот му го притиска желба што се искинала на атоми што можат да ја реформираат; тука сум, држам ножици што никогаш нема да пресечат, гледам како крварат илјадници наредени во една лента непресечена. И наместо да бидам секој што сум, за нив само горам под кожата, додека едно крило се издигнува додека се обидувам да видам дека сум сенката на другата страна, рамката наспроти небото од кое полетуваат и низ кое со секое кршливо крило, со секој извитоперен пердув, со секој проникнат жар низ нивните плешки и низ сите нивни кожи како испиени огледала тие изгреваат.
Сонот започнува со зборовите, тие се чуварите на секоја приказна, исцртувајќи ја стилистичката граница помеѓу она што се изведува и она што лежи позади нив, а кое подеднакво ја пресретнува суштината како нејзина сенка. Секој збор е дел од културниот јазик на една заедница, а токму низ тој културен јазик се оформува приказната што едно општество си ја раскажува. Токму преку оваа раскажувачка пракса која опстанала кај човештвото, тоа ги претставува своите идеали и социјални очекувања, ги задава улогите на членовите на заедницата и ја поставува границата во која се оформува тековната и доминантната култура. Во овој процес на раскажување и преведување на човековото искуство преку културните симболи кои се достапни на општествената сцена, секој збор со себе носи своја наследена историја, свое културно значење кое се одразува во комуникацијата што ја одредува тековниот наратив.
Зборот „квир“, а потоа и зборот „настран“ преведен на нашиот јазик, е еден таков голтнат збор. Збор што истовремено ја соочува пост-модерната ера со прашања за минатото, го заробува модерното општество во килибар на сегашноста и само за момент го тера да размислува за неговата судбина, за крајот на историјата, за почетокот што зборот го отвора, како пресекот помеѓу сонот и сонувачот, кога границата помеѓу јавето и возможното е тенка. И покрај овој потенцијал за осознавање и само-рефлексија на колективен план, одговорот што тековната култура го нуди за постоењето на различноста се јавува низ политичка поларизација, односно навраќање кон наследената социјална пракса низ човековата еволуција да се ограничи и дефинира она кое што не се разбира.
Историјата нѐ насочува кон оваа колективно наследена тенденција кај луѓето што му претходи на модерното општество – практиките на лично и групно отуѓување на она што заедницата го смета за необјасниво, различно и притоа го дефинира како опасно. А подоцна, со цел да даде смисла на ова оделување на неприфатеното од поширокото човеково искуство, доминантната култура на заедницата креира социјални навики и правила преку кои се разграничуваат прифатените особини од оние кои застрануваат преку културната моќ на верувањата, приказните и потребата на заедницата да се препознава во веќе определени наративи.
За почеток, голтнатиот збор не е ништо повеќе од само една грутка во грлото на раскажувачот и на слушателот – само една нејасно определена територија што зборот треба да ја разоткрие. Да си квир денес значи да сведочиш на навиката на твојата околина да те притиска вон границата на она што им е сфатливо, оставајќи да чекаш во зоната на тоа одложено запознавање. Квир искуството има многу лица и дефиниции. Во неговата сегашна приказна што пробува да ја раскаже, тоа е медиум за животите што претходно не можеа да се раскажат, кои беа одделени од самите себеси, искуства кои продолжуваат да ја заобиколуваат желбата на дефиницијата да ги процени и соодветно да ги врами. Да се биде квир неколку декади наназад значело да ѝ припаѓаш на дефиниција која самата те исклучува од постоењето, те означува како другото, забранетото и незначајното од човечкото, она необјаснивото во тековниот напор на колективното да се одржува себеси преку постулатите на кои тврди дека им верува, како што се семејството, пирамидалниот ред, дуализмот и монистичкото себство.
Да си настран, пак, во динамиката на нашиот јазик значи уште подобро ја согледаш приказната на чие краиште седиш и во чии рамки се прекршуваш додека си ја бараш суштината. Зборот настран ти кажува колку е лесно да се оди до границата и колку е лесно да бидеш избришан од неа. Оваа назнака го информира секој актер во општествената динамика за неговата улога, која го следи независно од неговата лична димензија. А сепак, да се допре настраното искуство, да се види неговата еднакво тивка и бучна улога во приказната на реалноста е неизбежна потрага на личното по заедничкото, непроговореното, исмеаното, закопаното кое заискрува помеѓу историјата и она штотуку дознаено.
Времето нѐ чека тука, под каменот, под зората, кога ќе сме закопани под новото утро. А живеевме, живеевме еднаш, мојата рака преку неговата ја гаснеше секоја светлина и никогаш не дозволуваше да немаме огниште. Живеевме, имавме едно место, работевме со глина, имавме неколку овци, и една коза. Сега, под грнето и вазната, и нашите раце и гради се кршат, и заедно ни тече вода по керамиката, додека тој ме гледа и заспива, а сонцето пак, од водите на гладната Нил, се крева одразено во неговата зеницата, а потем одново тоне во мене. Египет, Старо Царство, 2500 п.н.е (Стилистичка интерпретација на хиероглифско писмо пронајдено на фрагментирани плочи врз гробница на територијата на Долен Нил. Гробницата е со инскрипција „Ниатум-Нум-Атемхотеп-Нум“, две машки имиња кои го делат зборот „Нум“ помеѓу нив, создавајќи две сврзани реченици: „Сонцето му припаѓа на Нум, Нум заоѓа (се исполнува)“. Името Нум е интерпретација на називот на Египетскиот бог Хнум кој го создал човештвото од глина.)
Додека растев, меѓу првите допири со другото ми беа игрите со родот од страна на неконформирачките уметници од светот на перформансот. Гледав како Лејди Гага станува нешто најблиску до отелотворена ѕвезда додека нејзината фрапантна женственост се претопува во андрогиност што ја разликува од тековната култура на раните 2000-ти. Во истиот период, за време на последните одзиви на епидемијата со СИДА што можеа да бидат чуени на нашите простори, во една мала книга за тоа како да се доближиш до машкоста прочитав еден мал пасус за оние „други“ мажи што се разликуваат заради привлечноста што ја чувствуваат кон истиот пол, и како ХИВ кризата сведочи за нивната девијантност. Тогаш, додека бев дете, не би беа јасни границите меѓу она што е признаено и она што се смета за абјектно, и продолжував да сонувам и покрај нивното постоење. Мојата љубопитност кон поставувањето прашања, наспроти навидум цврстите темели на правилата на општествениот ред и родовите улоги можеби природно ме доведоа до световите на дрег изведбите, од Балкан-бенд до Рупол. Од импровизирани домашни настапи, до замислување на светови на самовили со оние кои ме разбираа, кревката граница во родовата игра ми беше само насока за самооткривање. Не ги разбиравме световите што ги замислувавме, ама знаевме како да играме слободно во нив. Во истите денови, железната тупаница на социјалниот поредок полека почна да ми раскажува каков треба да станам, и како тој идентитет да го достигнам во границите што толку сакав да ги надминам.
Еден ден помина, откако се погледнав во огледалото на мојата сестра. Кога дојдов вечерта, ми имаше оставено поткошула, еден пар боди, крошна и еден шумолив фустан во боја помеѓу роза и калинка. До неа и една маска, маска со лице на жена, обоена и со нацртана дамка над јаболчницата. ‘На една вечер ќе живееш како мене, како жена, а јас ќе ја позајмам твојата облека’ тоа беше идејата за маскарадата на која требаше да одиме, променети. Се облековме вечерта, станав сестра, рака под рака со мојот нов брат, вечерта ја поминав низ огномети и низ темните агли на лавиринтот на Версај, како да пробував да најдам излез од безизлезната потрага. Ноќта заврши, и сестра ми изутрината беше иста, непроменета. А јас, јас сега стојам со малото огледало под рака кое не го гледам, ја нагрнувам наметката, и секој дел од себеси го оставам додека тргнувам по ноќта, кон лавиринтот, уште еднаш, во нејзината облека. Латинскиот Кварт, Париз, 1775 (Извадок од пронајдени нацрт-описи од дневник во куќата на Пиер Жеркот Аугин. Дневникот го опфаќа периодот од 1774-1805, истиот е напишан од страна на одредена „Госпоѓица Елиен ДуБоа Аугин“)
Приказната за човековата историја, наспроти нејзината паралелна приказна и нејзиниот сон, говори преку безбројните животи што не можат да се преточат во една реченица и историски тек. Па така, настраното себство се пронаоѓало секогаш некаде помеѓу маргините или, пак, прифатено но одбележано како различно. Античките култури на Сумер, Египет, Стара Грција и Рим говорат за бројните начини како да се премине родовата структура преку духовен статус и искуствена асимилација, за сексуални врски кои биле надвор од општествено одобрените улоги, но истовремено ги информирале позициите на моќ со нивното нелагодно место во хиерархијата. Во Индија, Хиџра заедниците биле гледани како лица со натприродни моќи кои законски биле поддржани како третиот род, и служеле како советници во политиката и приватниот живот. Женската љубов низ вековите се провлекувала под столбовите на второ-класното граѓанство, а сепак, поетесата Сафо во Античка Грција за неа пишувала како тековно, модерно дејство. Во историјата на западно-европските земји театарот бил место каде што родовите улоги биле лесно заменливи, особено во времето на Шекспир и по него. Во 18-тиот век најпознати биле Моли куќите каде што геј мажи слободно се собирале и социјализирале во организација на госпоѓите-водачки на тие куќи. Името на Дориан Греј продолжува да ја симболизира ерата на Романтизмот дури до периодот на Вајмарската Република во раниот 20-ти век. Во 50-тите, Кристин Џоргенсен, Шарлот Меклеод, Џеки Шејн, Бамби и Коцинел биле меѓу првите транс жени во Америка и Европа кои се изложиле на видливост и активно твореле во културата и социјалниот свет. Во 60-тите и 70-тите, Харви Милк станал првиот избран геј политичар на сцената, а Силвија Ривера и Марша П. Џонсон неуморно протестирале за слободата на квир лицата да изберат свет што ќе им биде достапен без граници.
Се надевам дека си добро, дека во градите уште ја носиш истата топлина и дека очите уште ти ја следат истата светлина, Илона. Не можам да ти пишувам, оставена тука, без да ти кажам за сето она што не се случува, а може да биде.~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~А сега додека го читаш ова, знај дека си ми поблиска од прекорот на кожата, мастилото и хартијата додека те повикуваат да бидеш овде, сеприсутна. Сѐ што имам да ти кажам е како би можеле да живееме до некоја бујна градина, блиску до водата, па нека е и море; како ти ќе собираш остатоци од школки за твојата нова скулптура, како ќе ја сакаш несовршеноста во секој остаток од бродолом и Нептунски каприц, и како ќе имаме два Шкотски овчари со нас, едната ќе се вика Сиера, другата Анушка. Како ќе имаме многу пријатели, тука покрај морето, како и тие ќе бидат протерани и со тоа благословени како нас… Сѐ ова ти го пишувам, за да замислиш што нѐ очекува, за да знаеш дека преку морето се патува и тука, со секоја завиткана и предадена страница… Леополдштадт, Виена, 1915 (Извадок од лична кореспонденција на авторот под псевдоним Ордис Визун чиј идентитет бил непознат додека творел. На крајот од личната кореспонденција, под псевдонимот на авторот стои името Аниела Волдолкојска.)
И покрај тоа што создаваат блиска врска со современите квир спознавања и животи, целосниот контекст и значење на овие искуства се фрагментирани низ фалсификуваната колективна меморија на избраната историја. Третирани како маргинални постоења, овие искуства тврдоглаво опстојуваат и сведочат за квир постоењето во колективната архива која, токму за нив, носи мирис и трага на загубен сон. Од другата страна на огледалото можно е да видиме како времето застанува со поминувањето на секоја ера и продолжува, со истата намера, со истите улоги, со истите приказни што се раскажуваат постојано, како норма и морал што не се заборава.
А искуствата на оние кои застрануваат, тие не се само спакувани како тема за вечен дискурс на модерната политичка сцена, каде што основните човекови права на квир луѓето се ставени во еден вициозен процес на стигматизирање, но и негирање на нивното постоење. Во доминантиот културен контекст, информиран од историјата, квир искуствата се дел од тековната динамика на општествената матрица која се обновува од оваа врска помеѓу протераното човеково и она кое стои како признато и вистинско. Во овој избор на реалноста, нечиј идентитет е јасен, со почеток и определен тек и крај. Нечиј живот е афирмиран од моментот кога се раѓа, под претпоставка дека ќе ги следи дадените правилата, додека лицето кое се разликува е неговата верна сенка, потребно само како противтежа наспроти која може да се измери легитимитетот, силата, сигурноста и реалноста на луѓето кои го следат „правиот“ пат.
Бројни се практиките на општествените системи со кои активно се бришат животите и делата на квир луѓето. Преку недостатокот на јазик и неговото потиснување, исклучокот од активна улога во општественото творештво, спроведување на легислативи со кои директно се напаѓаат нивните човекови права, квир животите се онеспособуваат во политичкото и граѓанското дејствување. Дополнително, бришењето на сведоштвата од квир заедниците, игнорирањето, минимизирањето и исмевањето на секоја дивиргентна перспектива што го предизвикува стасус квото се користат како тактики за одржување на позициите на моќ на доминантните системи. Овие практики во комбинација со институционалната недостапност и негрижа ефективно ги потиснуваат кон маргините најранливите членови на општеството. Квир делото тогаш успева себеси да се преведува во овој даден контекст само како антитеза на општествената сцена од која е изгонето. Во стравот, срамот, условеноста на личните врски, идеалот на конформитетот, абјектноста и отуѓеноста од своето и заедничкото искуство – ова се моментите низ кои најпрво се спознава, достигнува себе-актуелизација и стапува во допир со другото.
Беше уште темница, останата од претходната ноќ кога го започнавме танцот, дојде утрото и сите извици, болки и допири останаа вгнездени во камен. Дојде изутрината и сѐ уште игравме, одново и неуморно под небото што се разлистува во бојата што ни ги криеше нашите лица. Поминавме низ екот, настанавме на остров, се оставивме во камен, во вајана глина, во парче хартија под прстите. Имавме сега и еден град, и еден свет свртен на спротивната страна. Во танцот едната рака ни се раздели од другата, но се најдовме пак, во истиот бар, со истата смеа, со истите треперења. Мигови~Секунди~Часови~Денови~Сезони~Години~Векови~Вечност…
А сепак, настраното искуство не престанува никогаш да сонува, и токму таму, се наоѓа себеси во полна и вистинска форма. Квир јазикот опстојува во имагинацијата, во креативноста на дрег баловите каде Париз вечно гори, во среќата под шарените светла кога на подиум танцувајќи се наоѓаме, во подадената рака што се држи на протест со надеж дека ќе биде доволна да го опколи светот со грижа за различното, во вистината на заедничкото кое никогаш не е едноставно и описливо. Настраниот сон се открива во можноста за мене, за тебе, за нас кога ќе го видиме виножитото да поминеме низ него, да го промениме својот облик, само за да откриеме дека со секоја нова боја се пронаоѓаме исти, никогаш заменливи, ниту преведливи.
Овој материјал е подготвен во рамки на проектот Empowerment, Safety, and Resilience: Fostering unity and coalitions for gender equality and LGBTQI+ rights, имплементиран од Коалиција МАРГИНИ. Овој материјал е поддржан од Фондацијата Kvinna till Kvinna; меѓутоа, изнесените ставови не нужно ги одразуваат официјалните политики на Фондацијата Kvinna till Kvinna.