Превод од англиски: Грација Атанасовска
[…]
II дел
Аболиционизмот во 21 век: Од комунизација како крај на полот, до револуционерен трансфеминизам
Укинувањето на родот[1] беше контроверзна точка на дебата меѓу комунизациската струја[2] во раните 2010-ти години. Комунизаторите предвидуваа идни историски развои на класната политика, во услови на рушење на поддршката за работничкото движење, социјалдемократските партии и традиционалната левица. Во оваа дебата, укинувањето на родот беше претставено преку текст во француското марксистичко теориско списание Théorie Communiste (TC, во превод Комунистичка теорија).[3] Théorie Communiste користи остра терминологија за да ја нагласи централната улога на укинувањето на родот во нивната замислена траекторија кон комунизмот: „Револуцијата како комунизација се раѓа од овој циклус на борби, кој ги создава нејзините одлики; но таа, како таква, се заснова врз укинување на родовата разлика.“
За Théorie Communiste, укинувањето на родот е основно за секое движење надвор од капитализмот, неопходна карактеристика на овој развиток (што тие го предвидуваат како претстоечко во блиска иднина):
Нема укинување на поделбата на трудот, нема укинување на размената и на вредноста, нема укинување на трудот (несовпаѓањето меѓу индивидуалната и општествената активност), нема укинување на семејството, нема непосредни односи меѓу луѓето кои се дефинираат низ нивната сингуларност, без укинувањето на мажите и жените. Не може да постои самопреобразба на пролетаријатот во личности што живеат како сингуларни субјекти, без укинување на сексуалните идентитети.[4]
Така, спротивно на вообичаените ставови дека прашањата на родот можат да се решаваат „по (економската) револуција“, Théorie Communiste го поставува успехот на комунизацијата токму врз укинувањето на половата диференцијација. Секоја успешна револуционерна постапка мора, пред сè, да ја вклучи борбата на жените против нивната општествена позиција, што би довело до криза на социјалната репродукција.
Théorie Communiste ги отфрла струите во рамките на материјалистичкиот феминизам кои ја третираат домашната сфера како посебен начин на производство (став што го брани Кристин Делфи), и наместо тоа тврди дека капиталистичкиот начин на производство може да функционира само преку вишокот труд кој произлегува од поделбата мажи/жени. Вишокот труд може да се присвои само преку поделбата на трудот овозможена благодарение на таа разлика, при што секој платен труд се потпира на неплатениот придонес на жените како домашни работнички. Потребата од постоење на домашниот труд, заедно со постојаното негирање на неговата вредност со цел да се издигне вредноста што се извлекува од работната сила, ја „врзува“ улогата на жените со капитализмот на таков начин што револуционерната промена може да се случи само преку рушење на женската опресија. Репродукцијата на работната сила продолжува како последица на родовото разграничување, а за да престане тој процес, неопходен е крај на оваа дијадична родова поделба.
Со оглед на актуелната поделба во работничката класа, револуционерната ситуација веднаш би ја разоткрила улогата на жените и би барала од нив да го надминат не само Капиталот, но и своите машки „другари“.[5]
Анализата на Théorie Communiste е корисна за развивање на марксистички пристап кон аболиционизмот, преку елаборација на основата на работната сила во домашниот труд. Тие тврдат дека овој облик на неплатена работа претставува извор на потенцијална експлоатација на платената работа:
Домашниот труд не создава вредност, но го зголемува вишокот на вредност присвоен од капиталистот, кој ја разменува платата за работна сила. Платата ја покрива вредноста на стоките што влегуваат во репродукцијата на работната сила, но не го вклучува времето на труд потребно за нивната понатамошна обработка по купувањето (на пример, готвење или склопување мебел од IKEA), ниту времето потребно за нивно одржување со цел да се зачува нивната употребна вредност.[6]
Работникот и неговата работна сила се создадени од страна на домашната работничка на начин што е истовремено отсутен од формалната размена на труд за плата, а сепак незаменлив за неа. Како што Théorie Communiste сумираа подоцна во нивниот текст „Одговор до Американците за родот“ (2012), родот го одредува капитализмот во целина токму преку неговата поделеност:
Во врска со родовата разлика, можеме да го формулираме следниот методолошки пристап: токму динамиката на таа партикуларност ја прави партикуларност на целината. Со други зборови, преку својата специфичност, родовата разлика, машката доминација, постои како определба (особеност) на капиталот како постојана противречност.[7]
Оваа противречност не може да се разреши без комунизација, но токму затоа истата стои како пречка помеѓу сегашноста и секоја надеж за напредување кон комунизам.
Одговор на оваа позиција даде Маја Гонзалез (тогаш членка на колективот Endnotes, кој прв го привлече поширокото внимание на англофонската теорија за дебатата за комунизација), во текстот насловен Комунизација и укинување на родот (Communization and the Abolition of Gender). За Гонзалез, укинувањето на родот е претставено како предуслов за револуцијата, при што тековната диференцијација бара сингуларноста да ги замени постоечките родови поделби:
Бидејќи револуцијата како комунизација мора да ги укине сите поделби во општествениот живот, таа мора да ги укине и родовите односи – не затоа што родот е непогоден или непожелен, туку затоа што е дел од целината на односи кои секојдневно го репродуцираат капиталистичкиот начин на производство. Родот, исто така, е конститутивен за централната противречност на капиталот, и токму затоа мора да биде растурен во револуционерниот процес. Не можеме да чекаме по револуцијата за да го решиме прашањето на родот.[8]
Иако се согласува со првичната теза дека укинувањето е клучно за комунизацијата, Гонзалез ја критикува TC затоа што ја оставаат женската опресија „зашиена“ за нивниот веќе постоечки модел на историски развој. За Гонзалез, фокусот на домашниот труд е премногу тесен. Таа тврди дека анализата на родот мора да се насочи кон биолошката репродукција (факт што му претходи на класното општество).[9] Жените се жртви на општество кое ги деградира во приватниот живот како општествена сопственост, наместо да ги третира како општествени актери: мажите се актери и сопственици, додека жените се сведени на „не-мажи“ и, како такви, се објекти врз кои се дејствува (и кои се поседуваат) од страна на општеството.
Како што претпоставува и самата дефиниција на женственоста (сконцентрирана околу биолошката репродукција), Гонзалез настојува да го нагласи токму аспектот на раѓањето и одгледувањето деца, во спротивност со поопштата и понеодредена рамка на Théorie Communiste за „домашен труд“. Таа го нарекува овој акумулиран товар на партикуларност „раѓање деца“ и му дава улога која премолчено го поставува како „основа“ на родот. Според Гонзалез, намалената стапка на плодност кај жените и продолжувањето на животниот век се вистинските темели за денешното „олабавување“ на родовите обрасци на однесување: жените поминуваат сѐ помал дел од животот во воспитување деца. Во капиталистичкиот систем, тоа најчесто значи повеќе години поминати како платени работнички.
Ова сведување на половата разлика на учество во наталитетот не може да се смета за задоволително. Квир колективот Bædan се осврна на оваа дебата во вториот број од своето списание, корисно (иако идиосинкратично) насочувајќи го вниманието кон отсуството на родот во дискусијата како нешто што е постојано репродуцирано низ дисциплинско насилство:
Родот, секако, е нешто надвор од нас што нè затвора, но тоа се сфаќа уште од неговото првобитно потекло; токму тоа сознание е постојан извор на бунт што тежнее кон неговото распаѓање. Педерските еретици, вештерките и геј-бунтовниците ни покажуваат дека припитомениот род отсекогаш се доживувал како надворешна принуда. Токму затоа мора постојано одново да се натурализира и одново да се наметнува.[10]
Провокативната слика на Bædan изгледа многу поблиску до суштината отколку кое било сведување на женственоста на „раѓање деца“.
Поширока критика на концептот на род во комунизациската теорија на родот понуди П. Валентин, кој тврди дека Théorie Communiste го вовеле укинувањето на родот како несмасен и само делумно разработен додаток на нивната веќе постоечка миленаристичка политика на прекин:
(TC) едноставно го додадоа родот на списокот на нешта што треба да се укинат преку комунизација, што на крајот не значи ништо повеќе од премачкување на комунизациското лепче со радикална културна родова теорија… Простото префрлање од ослободување на жените кон укинување на родот, во овие основни термини, не претставува некаков голем теоретски напредок во однос на одамна излитениот ‘постмодерен’ премин кон десеесенцијализација на идентитетот…[11]
Валентин дополнително ја проблематизира и самата дефиниција што ја користат Théorie Communiste која, според него, е сведена на продолжување на Начинот на производство и притоа останува нејасна во однос на врската меѓу телото и женственоста како општествена позиција. Валентин го оспорува и фокусот на „раѓање деца“ што Гонзалез се обидува да го наметне како проширување на Théorie Communiste и нивниот уште поедноставен модел на женственост заснована врз неплатена репродукција на вишок вредност. Валентин повторно го внесува фокусот врз втемелувачкото насилство:
Сексуалното насилство не е несреќна нуспојава во процесот на присвојување на жените – тоа е неопходен елемент на тоа присвојување. Сексуалното и домашното насилство (‘приватно’ насилство во рамки на интимни, семејни или пријателски односи) се облици на насилство што се конститутивни за родовиот однос.[12]
Валентин се обидува да ја усогласи комунизациската позиција кон родот со пристапи кои го третираат како систем на дистрибуција на регулаторно насилство. Овој текст претставува неопходен одговор на претходната дебата меѓу комунизаторите и е многу повеќе во согласност со квир и транс текстовите кои повикуваат на укинување на родот. Карактеристично, ниту раниот Геј-комунизам на Миели ниту трансаболиционистичките текстови кои ќе ги разгледаме подолу, не ја повторуваат грешката на TC – претставување на родот од толку оддалечена перспектива што силувањата не се видливи.
Особено важно е што Валентин го внесува прашањето за убиствата на црни и латино транс жени (што таа ги опишува како „ендемични“). Ова, всушност, е првото споменување на трансродова идентификација во комунизациската размена, што ги разоткрива недостатоците на оваа дебата како современ придонес кон родовата теорија. Жените (транс или не) често се држат надвор од јавниот живот преку употреба на сила или закана со сила и мора политички да се спротивстават на таквата судбина. Дури и ако им ја простиме оваа пропустливост на комунизаторите, сепак е јасно дека останува многу работа околу замислувањето на местото на транс жените во рамките на укинувањето на родот.
Родово одреденото насилство (на левицата и пошироко) и комунизацијата од денешна перспектива
Раширеноста на левичарските групи кои се соочуваат со сериозни кризи поврзани со сексуалното насилство од страна на нивното раководство, го покажува проникливото инсистирање на комунизациската теорија за отфрлање на повиците за примат или прееминенција на економската револуција. TC точно предвиде дека не е можна значајна револуционерна организација без соочување со сексизмот.
Сепак, во овие текстови постојат значајни слабости во разбирањето на родот. За овие текстови да влезат во продуктивен дијалог со квир и транс перспективи, би бил потребен сериозен „ремонт“, за што се направени само почетни чекори од страна на Валентин. Поставувањето на женственоста околу способноста за биолошка репродукција (како што тоа го прават и TC и Гонзалез во 2010 година) бара експлицитно појаснување, за да се избегне исклучување на транс жените од категоријата „вистински“ жени – по исти основи според кои тоа би важело и за многу цис жени поради возраста или други причини за неплодност.
Насилството врз родови девијанти е, пред сè, дисциплинарно и може јасно да се поврзе со практики како „корективното силување“ на лезбејки. Транс жените често се силувани. Се соочуваме со вознемирување на улица, а оние меѓу нас што се во затвор (често поради чин на самоодбрана) се подложени на особено интензивни напади дури и според стандардите на самиот затворски систем. Како што точно забележува Bædan, родот мора постојано да се репродуцира, а тоа се случува преку насилството. Едноставно кажано, иако општеството несомнено ја инструментализира женската плодност, неговото малтретирање на жените не произлегува на некој директен начин од неа. Плодните женски тела не се единствените тела што се обележани како женски.
Да сумираме: додека Миели и Вити тргнуваат од хомо/транссексуалецот и лезбејката како централни фигури на нивната револуционерна родова политика, комунизаторите, изгледа, почнуваат од нормативните услови што ги наметнува капитализмот (хетеросексуалните домаќинства како јадро на социјалната репродукција на работната сила), оставајќи ги квир односите забележливо отсутни. Како последица на тоа, нивната анализа е од мала корист за развивање политички позиции против хетеросексизмот. Ова е вообичаен недостаток и кај марксистичкиот феминизам, кој во својата најлоша форма запаѓа во функционалистички објаснувања на родовата опресија како буржоаска целисходност преку нејасни заговори, при што квир развојот останува, во најдобар случај, на маргините. Но токму недостатоците на комунизациските перспективи стануваат уште поочигледни поради нивниот восхитувачко есхатолошки тон. Нивниот разигран стил изгледа како да ја надминува сопствената бледа анализа. Сепак, трансатлантската размена од раните 2010-ти околу укинувањето на родот придонесе за повторно отворање на револуционерниот хоризонт, кој кон крајот на 20 век изгледаше засекогаш затворен.
Овој дијалог во рамки на дебатата за комунизација замолкна, но повикот за укинување на родот сега го повторуваат разни транс колективи.
Транс колективи кои повикуваат на укинување
Во текот на 2010-тите години на повикот за укинување на родот му се приклучија нови гласови. Голем број транс жени објавија текстови кои застапуваат аболиционистичка родова политика. Најран од овие анонимни документи датира од 2010 година, Кон побунетиот трансфеминизам (Towards An Insurrectionary Transfeminism):
Како транс жени, додека го искусуваме наследството на транс субјективноста во рамки на капитализмот, исто така чувствуваме како товарот на телесноста на жената во капитализмот ги здробува нашите животи. Го чувствуваме имплицитното насилство на родовата поделба на труд секојпат кога ќе бидеме силувани, претепани, потценети или третирани како згодна she-male секс-играчка.[13]
Спротивставувајќи ги очекувањата за женското тело со реалноста на трансженственоста, Анонимната трансбунтовничка предлага уништувачка патека кон самоукинување:
Транс жените ја искусуваат телесноста на уникатен начин. Додека капиталот се надева дека ќе продолжи да го користи женското тело како пролетерска машина за репродукција на работна сила, телата на транс жените не можат да создаваат нови работници и постојано се гледаат како отприроднети… во овој напад врз природата произведена од капитализмот и матриците на хетеронормативноста, кои се клучни за неговото функционирање, ја гледаме сродноста меѓу човечкиот штрајк на транс жените и материјализацијата на нерепродуктивна, чисто негативна квир сила. Изгледа дека и транс жената нема иднина, и токму затоа… можеби има причина сè да сруши и себеси да се укине во тој процес.[14]
Иако политиката на ‘човечкиот штрајк’[15] е понејасна отколку што би сакале, фокусот на овој текст врз специфичната нерепродуктивна димензија на телесноста на транс жените е добредојден. Како што веќе дискутиравме, жените кои се спротивставуваат на наводната одговорност за репродукција, и оние кои свесно абдицираат од мажевноста, денес дури користат и исти апчиња.
Во поново време, на повикот за укинување на родот му се придружија уште два трансфеминистички колектива. Колективот Laboria Cuboniks го објави својот Ксенофеминистички манифест (Xenofeminist Manifesto) во пролетта 2015 година, а друга теоретичарка под псевдонимот Алисoн Ескаланте го објави Родов нихилизам: Антиманифест (Gender Nihilism: An Anti-Manifesto) во јули истата година.[16]
Секој од овие текстови има извесни идиосинкрезии. Ксенофеминист(к)ите на необјаснив начин ја претставуваат својата позиција како ‘рационализам’ и со ентузијазам се осврнуваат на најновите технолошки достигнувања (ентузијазам кој не можеме едноставно да го споделиме, ако воопшто го делиме). Ескаланте во подолг дел од текстот ја брани својата ‘антихуманистичка’ позиција. Ниедна од овие одлики нема да нѐ засега директно тука, фокусот ќе ни биде исклучиво на аболиционизмот во текстовите.
Ксенофеминистичкиот колектив го замислува укинувањето на родот како сведување на телесните разлики кои во моментот служат како основа за полова и расизирана апстрактна диференцијација на обични физички карактеристики. За разлика од Théorie Communiste, Cuboniks го гледаат укинувањето како тенденција што е „наклонета“ кон укинување на капитализмот, но не нужно како сила што директно ќе го предизвика.
Laboria Cuboniks го поврзува аболиционизмот на родот и расата правејќи ги двата зависни од крајната еманципација на ставање крај на класата:
Нека процутат сто пола! ‘Родовиот аболиционизам’ е кратенка за амбицијата да се изгради општество во кое особините што моментално се собираат под ознаката род веќе нема да служат како мрежа за асиметрично функционирање на моќта. ‘Расниот аболиционизам’ се проширува во слична формула – дека борбата мора да продолжи сè додека карактеристиките што денес се расизирани не станат исто толку неосновани за дискриминација како што е бојата на нечии очи. Конечно, секој еманципаторски аболиционизам мора да тежнее кон хоризонтот на класниот аболиционизам, бидејќи токму во капитализмот се соочуваме со опресијата во нејзиниот најтранспарентен, отприроднет облик: не си експлоатирана или угнетена затоа што си наемна работничка или сиромашна; туку си работничка или сиромашна затоа што си експлоатирана.[17]
Иако тврдењето дека опресијата под капитализмот е особено јасна и видлива изгледа лошо осмислено, поставувањето на укинувањето на класната разлика како крајна цел (а не како предуслов за борбите против сексизмот и расизмот) е повеќе од добредојдено.
Спротивставувајќи ја оваа позиција со недостатоците на постојните родови аболиционисти, Cuboniks продолжуваат со нагласување на потребата за севкупна револуционерна акција за да се постигне каква било вистинска револуција:
Без ваква универзалија, укинувањето на класата ќе остане буржоаска фантазија, укинувањето на расата премолчена форма на надмоќ на белците, а укинувањето на родот едвај прикриен мизогинизам, дури и – особено – кога го спроведуваат самопрогласени феминистки. (Апсурдниот и неодговорен спектакл на бројни ‘родови аболиционисти’ кои водат кампањи против транс жени е доволен доказ за ова.)[18]
Тука класата се појавува како основна поделба што ја обезбедува залудноста на другите борби против опресивната партикуларност. Согласноста меѓу колективот Cuboniks и претходната критика на Миели кон квирфобичните ‘радикални’ феминистки е мошне впечатлива.
Многу подепресивна перспектива нуди Антиманифестот за родов нихилизам. За разлика од ксенофеминистичката визија на родови што ‘процветуваат’, Ескаланте предлага антиидентитарна аболиционистичка анализа заснована врз жилава негативност:
Современите политики на транс ослободување ги темелат своите барања врз искупувачкото сфаќање на идентитетот. Без разлика дали преку дијагноза од доктор или психолог, или преку лично самоафирмирање како општествен проглас, ние почнавме да веруваме дека постои некаква внатрешна вистина на родот која треба да ја откриеме… Ние не се стремиме кон создавање на подобар систем, затоа што не сме воопшто заинтересирани за позитивна политика. Сè што бараме во моментот е бескомпромисен напад врз родот и модусите на општествено значење и јаснотија што тој ги создава.[19]
Овој предлог за целосно отфрлање на родот е свесно напишан против актуелните конвенционални ортодоксии во трансактивизмот и фокусот на институционална реформа, тема што подетално ќе ја разгледаме подолу. Со отфрлањето на женственоста како некаква внатрешна вистина, родовите нихилисти тврдат дека потпирањето на постојните институции само го продолжува насилството кое родот не само што го бара туку и го сочинува. Ескаланте го дефинира родот како систем за дистрибуција на насилство кој ја прифаќа разликата, но без да дозволи бегство од неа, и кој може да се поправи само преку сопственото уништување:
‘…насилството на родот не може да се прецени. Секоја убиена транс жена, секое интерсекс бебе што е присилно оперирано, секое квир дете избркано од дома е жртва на родот. Отстапувањето од нормата секогаш се казнува. Иако родот смета на девијација, тој сепак ја казнува. Проширувањето на нормите е и проширување на девијацијата; тоа е проширување на начините на кои можеме да отпаднеме од дискурзивниот идеал. Бесконечни родови идентитети создаваат бесконечни нови простори на девијација кои ќе бидат насилно казнети. Родот мора да ја казнува девијацијата, затоа родот мора да исчезне.
Токму самото нормативно групирање на телата е она против кое се бориме. Ниту стеснувањето ниту проширувањето нема да нè спасат. Единствениот пат ни е уништувањето.’[20]
Оваа непрестаjна негативност јасно поставува граница против самото наметнување на родот како таков.
Антиманифестот за родов нихилизам намерно одбива да понуди експлицитни средства преку кои нивната цел би се постигнала. Овој неумолив песимизам не треба да се занемари, ниту да се отфрли, и тој не е единствен во својата појава. Тешкотијата на предизвикување системски промени е нешто со кое се соочуваат многу транс жени, и низ кое активно минуваат. Друг анонимен текст од 2011 година, Дисфоријата значи тотално уништување (Dysphoria Means Total Destroy), ја истражува истата пукнатина меѓу овие системски пристапи и либералната политика на идентитетот:
Важно е да се сфати дека тука не зборувам за индивидуи, уверувања, избори или постапки, туку за судир што се случува меѓу грануларноста и светот во рамките на родот кој исто така се манифестира преку родот. Тука нема револуционерен идентитет, постои само непомирлив судир против и преку идентитетот. Резултатот се овој очај и оваа омраза. Следствено, нападите врз родот засновани врз идентитетот нема да можат да го поништат родот. Моето земање хормони, оперирање или што и да е, тоа е само моето учество во судирот на линиите на моќ кои минуваат низ мене. Не произлегува дека овие нешта претставуваат напад врз самиот род, иако можеби го стимулираат да еволуира за да го задржи своето постоење. Преку и против се разликуваат според тоа каде (а со тоа и како) се случува судирот. Овие преклопени кругови – невозможното што постои и непостоечкото – постојано се создаваат едно со друго.[21]
Овој, навидум нерешлив ќор-сокак, не се покажа како политичка парализа. Сè поголем број транс луѓе се активни во револуционерни групи, а еден особено жив тренд ќе биде разгледан пред заклучокот.
Укини ги затворите, укини ја семејната институција, укини го родот?
Расизмот, сексизмот, хомофобијата и трансфобијата не можат да се извадат од кривичноправниот систем, бидејќи тие му се основа – не постои начин тој да опстои без овие системи на доминација, затоа што токму за нивно спроведување е создаден… Квир ослободувањето и сексуалната и родовата самоодреденост бараат да се стремиме кон укинување – не само на затворите и полицијата туку и на системите што ги произведуваат.[22]
Додека укинувањето на родот во повеќе наврати беше прикриено како стратегија поради заплетканото и нерамномерно развивање на револуционерната мисла, во 21 век процвета друг вид аболиционистичка политика. Сè повеќе антирасистички и транс активисти се здружуваат околу каузата за укинување на затворите.[23] Овој движечки импулс јасно се изразува во збирката Заробени родови (Captive Genders), која претставува низа ставови што го поддржуваат и развиваат укинувањето како заедничка цел. Во предговорот на второто издание, затворската аболиционистка Сиси Мекдоналд раскажува дека нејзината посветеност кон оваа борба започнала додека била затворена за убиство на неонацист во самоодбрана. ‘Аболиционистичката’ позиција на Заробените родови кон затворските системи низ светот директно се надоврзува на работата на две значајни фигури: Анџела Дејвис и Дин Спејд.[24]
Актуелниот фокус на Анџела Дејвис на укинувањето на затворите произлегува директно од нејзините претходни истражувања на историјата и револуционерниот феминизам, кои го разгледуваат ова прашање од повеќе аспекти. Проучувајќи го оригиналниот аболиционизам на ропството во САД, Дејвис го нагласува учеството на гласни (буржоаски) жени во движењето, кои нужно им пркоселе на религиските родови конвенции на протестантското семејство во САД. Таа, исто така, предложи и укинување на домашната работа преку нејзина системска индустријализација.[25] По напуштањето на Комунистичката партија на САД во 1991, Дејвис учествува во основањето на групата Критички отпор (Critical Resistance) во 1997 година (по голема конференција на Универзитетот во Беркли за антизатворски систем). Истата година, таа се изјасни јавно како лезбејка во интервју за ЛГБТИ магазинот Аут (Out). Со седиште во Оукленд, Критички отпор/Critical Resistance има значајна улога во ширење на затворската аболиционистичка перспектива низ САД, со својот недогматски пристап кој овозможува учество на различни левичарски групи и струи. На тој начин, Дејвис останува ретко верна на првобитниот порив на марксизмот не само да ги објасни туку и да ги укине мноштвото општествени нееднаквости.
Во едно од најјасните и најтемелни револуционерни дела од поновото време, Дали затворите се застарени? (Are Prisons Obsolete?), Дејвис го идентификува затворскиот систем како клучно место на репродукција на родот, продолжение на ропството и на режимите на сегрегација од времето на Џим Кроу, систем што продолжува со брутализација и насилство потребно за опстанок на белата надмоќ и на капитализмот.[26] Иако не штеди на критика кон системот, политички гледано, Дејвис не е побунета ниихилистка. За неа, укинувањето на затворите не е чисто негативен проект, таа бара и позитивни напори за надомест на штетата направена од овие институции. Укинувањето е позитивен процес кој ја поправа штетата направена од денешните системи на контрола, дисциплина и угнетување.
Затворскиот систем претставува политичка цел што изгледа силно заштитен со мрежа на „оприроднување“. Транс теоретичарот Дин Спејд значително придонесе за обликување на цврста, негативна, севкупна критика на улогата на затворите во она што тој го нарекува „административно насилство“.[27] Спејд тврди дека родовото регулаторно насилство е длабоко вградено во трансмизогинијата и во она што тој го нарекува „државен расизам“. Неговата непопустлива аболиционистичка позиција се темели врз фукоовска критика на претходни обиди за реформа на затворскиот систем.[28] Иако реформите најчесто се претставуваат како начин да се подобрат условите (на пример, преку формирање посебни крила за ‘родово неконформирачки’ затвореници), Спејд тврди дека овие иницијативи, всушност, само го имаат зголемено финансирањето на една непоправлива карактеристика на американското општество.
Постоечкиот фокус на анархистичката политика кон укинување на затворите не треба да се потцени, туку да се надгради. (Фактот што анархистичките сцени досега покажаа поголема подготвеност за интегрирање на марксистичките теории за род и раса треба да биде сериозен повод за срам.) Особено, комунистичката теорија е добро позиционирана да го избегне ризикот од пренагласување на улогата на државата. Како што и јас сум аргументирала претходно, време е да се вратиме на старата комунистичка парола: „Укинете го семејството!“[29]
Семејството претставува уникатен бастион што ја организира хетеронормативноста, а преку обезбедување на меѓугенерацискиот пренос на богатство и пристап до фиксен капитал, го одржува и антицрнечкиот расизам. Одгледувањето и интимностите што постојат надвор од нормите кои се развиени заедно со капитализмот, се многу потценети и културно потчинети.[30] Сè додека хетеросексуалните родители се очекува да ги воспитуваат квир децата, сеопштото распоседнување ќе остане правило.[31] Улогата на социјална репродукција која им е доделена на родителите во моментов, може само да произведе отуѓеност и одбивање. Сè додека семејството останува „приватно“, вистинските животи на многу квир лица ќе вклучуваат секојдневни закани, од каење до физички напади.[32] Само преку разбивање на семејниот монопол врз меѓугенерациската репродукција на општеството може да ги ослободиме идните генерации од арбитрарното брутализирање на родот.
Овој потег ќе биде потег кон комунизам: воспитување во приватни домаќинства заменето со заеднички труд, кој ќе ги отправи генерациите на деградација и присилна диференцијација што им претходеле. Тоа е веќе навестено во главно незабележаниот труд на транс жените да се зачуваме себеси како такви.[33] Она што сè уште останува да се направи е политичко надминување на постојниот поредок против кој постоиме.
[…]
[1] Преведено според: Gleeson,Joanne Jules, “The Call for Gender Abolition: From Materialist Lesbianism to Gay Communism,” Blind Field, July 31, 2017, достапен на https://blindfieldjournal.com/2017/07/31/the-call-for-gender-abolition-from-materialist-lesbianism-to-gay-communism/; и Gleeson, “Abolitionism in the 21st Century: From Communization as the End of Sex, to Revolutionary Transfeminism,” Blind Field, August 7, 2017, достапен на https://blindfieldjournal.com/2017/08/07/abolitionism-in-the-21st-century-from-communisation-as-the-end-of-sex-to-revolutionary-transfeminism/. Изразуваме благодарност со уредниците на Blind Field, Journal of Cultural Inquiry, и до Џулс Џоан Глисон, за дозволата за превод и објава на текстот.
[2] Заб. на прев.: Теоријата на комунизација (или „communisation theory“ на англиски) се однесува на струја во рамките на ултралевицата која го сфаќа комунизмот како процес што, во рамки на социјалната револуција, веднаш започнува да ги заменува сите капиталистички општествени односи со комунистички – одбивајќи какви било преодни фази.
[3] Оваа публикација постоеше неколку децении пред да го насочи своето внимание кон прашањето за полот, па затоа радикалноста на нивната позиција беше изненадување за многумина од нивните следбеници.
[4] Theorie Communiste. “Gender Distinction, Programmatism and Communisation – Roland Simon.” Libcom, 17 Apr. 2011, libcom.org/library/gender-distinction-programmatism-communisation%20.
[5] Кога жените се борат – било во приватната било во јавната сфера – кога го напаѓаат самото постоење на тие сфери, чие постоење е воспоставено преку нивната поделба на јавно и приватно, тие мора да се соочат со своите машки другари – токму во мерата во која се мажи, и во мерата во која се нивни другари. А тие (жените) се нивни другарки – но жени. ‘Comrades, But Women’, Théorie Communiste 23, (2011), libcom.org/library/comrades-women-theorie-communiste.
[6] Theorie Communiste. “Gender Distinction, Programmatism and Communisation – Roland Simon.”
[7] Theorie Communiste. “Response to the Americans on Gender – Theorie Communiste.” Libcom, 10 Apr. 2012, libcom.org/library/response-americans-gender-theorie-communiste.
[8] Maya Andrea Gonzalez, ‘Communization and the Abolition of Gender’ in Benjamin Noys (Ed.), Communization and its Discontents: Contestation, Critique, and Contemporary Struggles, New York: Minor Compositions/Autonomedia, 2011. Репродуцирано на: libcom.org/library/communization-abolition-gender.
[9] Треба да се напомене дека подоцнежниот придонес на Гонзалез во Endnotes 3, Логиката на родот (Logic of Gender), покажува значително порафинирана перспектива – иако по цена на тоа што аболиционизмот е заменет со претежно описен модус на аргументација: endnotes.org.uk/issues/3/en/endnotes-the-logic-of-gender. За разлика од нејзиниот претходен аболиционистички текст, Логиката на родот сè уште нема добиено соодветен одговор – а за жал, ни овој текст нема да ја исправи таа неправда.
[10] Baedan: A Queer Journal of Heresy. Unknown: Unknown, 2014. Print. стр. 58
[11] Valentine, P. “The Gender Rift in Communisation.” Mute, 17 July 2012, www.metamute.org/editorial/articles/gender-rift-communisation
[12] Ibid.
[13] Towards an Insurrectionary Transfeminism. Chicago, Ill.: Not yr cister Press, 2010. Print.
[14] Ibid.
[15] Заб. на прев.; „Човечкиот штрајк“ е движење што е пошироко и порадикално од која било генерална штрајкувачка акција. Тоа се занимава со нашата неизбежна субјективна соучесничка улога во сè што ја ограничува нашата слобода и покажува како можеме да ги напуштиме овие самоуништувачки однесувања преку дезсубјективизација. Како што пишува Клер Фонтен, човечкиот штрајк е субјективна борба за одвојување од штетата што неизбежно си ја нанесуваме себеси и на другите со самото живеење во постиндустрискиот неолиберализам. Едноставно кажано, „човечкиот штрајк“ го означува најгенеричкиот облик на бунт против каква било форма на угнетување.
[16] Овие два текста претходно биле разгледувани заедно како обид за справување со сексизмот во дисциплината филозофија, во текстот на Нина Пауер Филозофија, сексизам, емоција, рационализам (Philosophy, Sexism, Emotion, Rationalism, 2016). Подоцна авторката се откажа од текстот за родов нихилизам, повикувајќи се на нејзиното прифаќање на различни деколонијални феминистички критики.
[17] Laboria Cuboniks. Xenofeminism: A Politics for Alienation, 2015.
[18] Ibid.
[19] Alyson Escalante. “Gender Nihilism: An Anti-Manifesto.” Libcom, 22 Jun. 2016, libcom.org/library/gender-nihilism-anti-manifesto
[20] Ibid.
[21] Dysphoria Means Total Destroy (2011) . 8 Jan. 2012, anarchalibrary.blogspot.com/2012/01/dysphoria-means-total-destroy-2011.html.
[22] Од Queer (In)Justice: The Criminalization of LGBT People in the United States (2011) by Ritchie, Mogul and Whitlock. За поконкретен вовед во вкрстувањето меѓу квир и антизатворскиот активизам, види: againstequality.org/files/queering_prison_abolition_now.pdf.
[23] За воведна историска библиографија, благодарение на Black Perspectives, види: aaihs.org/prison-abolition-syllabus.
[24] Рут Вилсон Гилмор е уште една револуционерна теоретичарка поврзана со оваа политичка тенденција и коосновачка на Critical Resistance, која работи од црнофеминистичка и географска перспектива.
[25][25] www.marxists.org/subject/women/authors/davis-angela/housework.htm
[26] Angela Davis, Are Prisons Obsolete? (2003), види страници 60-84, “How Gender Structures The Prison System”.
[27] Спејд јасно објаснува дека самото насилство насочено кон транс луѓето го разоткрива задолжителниот процес на родово означување на кој е подложен секој современ субјект: „Искуството на транс луѓето и нашиот отпор може да претставува основа за артикулирање на политичките импликации на процесите на класификација. Луѓето умираат од секојдневното насилство на неможноста да ги добијат основните потреби, затоа што системите се организирани на начин што бара од сите да бидат родово означени на одреден начин… Транс луѓето умираат како резултат на полициско насилство и криминализација. Транс луѓето умираат прерано затоа што често живееме со сериозни, нелекувани здравствени состојби, бидејќи здравствените системи одбиваат да третираат луѓе чии родови идентитети им се неразбирливи. Трансфобичното насилство не се состои само од индивидуални напади извршени од намерни сторители, туку и од спроведувањето на родовите норми воопшто – врз сите – обликувајќи го нашето поле на дејствување, постоење и саморазбирање.“ uppingtheanti.org/journal/article/14-dean-spade.
[28] Голем дел од аналитичкото пишување на Спејд се однесува на ЛГБТ/квир движењето, вклучително и трансактивизмот, за кој тој пишува без воздржаност: „Стравувам дека пречесто трансактивизмот ги позајмува стратегиите од најфинансираните и најпромовирани лезбејски и геј-иницијативи, со претпоставка за нивниот успех и слепило за нивните недостатоци…“ Воден од ваквата критичка анализа на постојниот квир активизам, Спејд е еден од основачите на радикалната правна група Sylvia Rivera Law Project со седиште во Њујорк, насочена кон поддршка на ранливи родово неконформирачки лица. deanspade.net/wp-content/uploads/2010/07/Spade-Methodologies-of-Trans-Resistance.pdf.
[29] Минатата година дадов придонес со еден текст што опишува како може да се спроведе таква аболиција: ritualmag.com/kinderkommunismus.
[30] Ова е клучна точка во црниот феминистички теоретски корпус, барем од читањето на Спилерс на извештајот на Мојнихен и призракот на „црната матријархија“, пред триесет години. jstor.org/stable/464747.
[31] За увид во оваа тековна криза, види ја статијата на Рејчел Авив за бездомните квир луѓе во Њујорк: newyorker.com/magazine/2012/12/10/netherland.
[32] Му должам многу на делото на Сара Шулман The Ties That Bind: Undoing Familial Homophobia (2012), за нејзината анализа на улогата на семејството во одржувањето на хомофобијата како поле на „приватното“, како и за нејзината концепција за „хомофобијата како систем на задоволство“.
[33] Види: Jules Joanne Gleeson, „Transition and Abolition“, Viewpoint viewpointmag.com/2017/07/19/transition-and-abolition-notes-on-marxism-and-trans-politics.
Целиот текст е објавен во овогодишниот зборник на Skopje Pride Weekend „ЈУГОКВИР“ во превод на македонски на Грација Атансовска. Зборникот ќе можете да го подигнете бесплатно на отворањето на фестивалот на 3-ти јуни во Музејот на современата уметност – Скопје, а целосната програма и каталог се достапни ТУКА.