Теса Бофин (Tessa Boffin), фотографија од серијата Angelic Rebels: Lesbians and Safer Sex (1989)
Нoсталгија е сложенка од два старогрчки збора, nostos – „враќање дома” – и algos – „силна болка, копнеж што распарчува”. Преведена во танц, носталгијата е тело кое постојано се врти наназад, додека навидум пируетира нанапред, а всушност се шири и распрснува во просторот.
Ако телата се заробени во „смртниот танц“ (danse macabre) на своите родово-кодирани повторувања, на блескавото квир тело не му успева да потоне во ткивото на општествената кожа. [1] Тоа е во постојана нелагодност, постојана носталгија за свое објаснување и потекло, постојано оддалечување и посакување. Чувството на носталгија за одредено време ја негира можноста за враќање. [2] Бидејќи нема каде да стигнеш, никогаш не запираш.
* * *
Квир телото не трага по конкретен простор или „дом” од минатото, бидејќи е секогаш однапред разместено (англ. displaced) и свесно за сопственото неприпаѓање. Квир носталгијата повеќе наликува на трагање по чувство за себеси низ времето. Флертува со идејата за личен континуитет со тоа што го предизвикува научниот факт дека нашиот живот започнува и завршува со личниот и единствен момент на раѓање и смрт. Ја доведува под прашање доследноста на еден фиксен идентитет и воведува низа прекини.
Халберстам за настраноста вели дека е сплет на чудни темпоралности, замислени животни распореди и екцентрични економски практики [3] низ кои, отпишани од нормативното сценарио, настраните се обидуваат да ги замислат своите неизрежирани животи како дел од секојдневната рутина за преживување. Во недостаток на официјална историја, се навраќаме кон минатото за да се препознаеме и составиме во афективниот допир со нашите квир предци. Да најдеме радост во нешто изгубено што постоело во својата различност и пакосност и од тој непроживеан живот да црпиме надеж за животот што допрва треба да се живее.
Во својот дебитантски филм „Орландо, мојата политичка биографија“ (2023), родовиот теоретичар и филозоф Пол Б. Пресијадо се присеќава на својот живот онака како што бил напишан од Вирџинија Вулф точно еден век порано во нејзиниот роман „Орландо“ (1928), каде главниот лик нагло го менува полот на средина од книгата. Во една од раните сцени во авто-документарната книжевна адаптација на Пресијадо, еден млад Орландо ѝ пишува мејл на покојната Вулф: Ако ти можеше да ја напишеш мојата биографија пред воопшто да се родам, тогаш зошто да не можам да ти пишувам по твојата смрт? Одново и одново, сегашноста е должна да му го позајми својот јазик на минатото.
Но носталгијата и интересот за нашите квир предци не секогаш се резултат на некаква херојска желба за нивно спасување од заборав. Пресијадо е барем доблесен да признае дека кога му се враќаме на квир минатото, често го читаме од позиција од која сонуваме самите да бидеме спасени и препознаени. Ваквите анахронични дијалози и спекулации ја претвораат носталгијата во фикција. Соочена со „вистините“ на историјата, носталгијата е спорадична. Но, ако фактите не се дадени, туку изведени од типот на прашања што ги поставуваме, [4] што ќе се случи ако се вратиме назад во времето и поставиме нови прашања? Ќе откриеме дека квир животот е испрекинат и нелинеарен процес на постанување, политички ритуал и метаморфоза во многу себства. Се шириме, големи сме, содржиме мноштва.
***
Носталгични сме бидејќи ги носиме товарот и жилавоста на туѓите, минати настрани животи со кои нѐ именува светот уште пред да го населиме. Носталгични сме бидејќи нашата субјективност не е чист збир на факти. Светот ја негира, посрамува и казнува нашата настраност, па таа во голема мера останува не(из)живеана – ја потиснуваме, потајно сонуваме, или, пак, ја живееме како еден аспект од нашиот двоен живот. Во својата нецелосна реализираност, квир субјективноста се потпира на нематеријални нешта како спомени, афекти, соништа, наклонетости и асоцијации. Се сеќаваш ли на твоето квир будење кога почна да си го враќаш и преиспитуваш животот наназад за да се најдеш од почеток? Дали одново преживеаните и претолкувани спомени беа вистина или производ на твојата фантазија? Како љубопитен спој на факти и фикција, потребни ни се овие лични и колективни меѓувременски флертувања. Со настранување на минатото во сегашноста, си поигруваме со автентичноста и мноштвото на [можни] еротски и социјални манифестации и идентификации. [5]
* * *
Пред некој ден, ја земавме аналогната камера на другарка ми и фотографиравме на шеталиштето покрај плажата во Брајтон. Додека муабетевме за фотографијата и зачувувањето спомени, ми раскажа како пред неколку месеци без да знае направила серија фотографии со веќе употребен филм што го нашла во куќата на нејзините. Кога го развила филмот, ја чекало комично преклопување на сликите од неодамнешното патување со пријателите и стари фотографии од неа како плива во локалниот базен. Винтиџ естетиката на аналогните фотографии дополнително ја естетизирала компресијата на времето и просторот. Ми се виде слатка и смешна непосакуваната посета што другарка ми ја добила од самата себе, од некое заборавено јас – доказ дека не можеме туку така да го истресеме минатото од нашето тело без повремено да избие од инает како фантастичен фосил за наше проучување. Поигрувајќи си со нашите идеи за автентичност и стабилност, животот наоѓа начини да биде сурово и/или нежно, буквално и/или поетски носталгичен.
* * *

Теса Бофин, фотографија од серијата The Knight’s Move (1991)
Можете слободно да негодувате на сентименталноста што ја обележува квир носталгијата. Но да се осуди оваа сентименталност значи да се контролира што може да биде од значење – стратегија со која светската историја ги брише квир сеќавањата. Да се нападнат сеќавањата значи да се разниша не само нашето познавање на минатото, туку и нашата способност да замислуваме, оформуваме и воведуваме начини на поистоветување и препознавање во сегашноста и иднината. [6] Не е ни чудо што се обидуваме повторно да го впишеме познатото во свет што се обидува да нѐ отфрли. Зарем навистина ќе нѐ обвините за нашето погрешно спекулативно читање?
Квир носталгијата е фантастична реконструкција, интерна шега и еуфорично исцелување. ТикТок филтерот што ви покажува како ќе остарете, наназад. Преработка на вашата омилена поп песна објавена пред оригиналниот сингл. Бесконечно дежа ву. „Квар” во алгоритамот во кој сте заглавени на loop.
Со тоа што ќе бидам носталгична, можам да го курирам сопствениот емотивен пејзаж. Во дигитална ера на повеќе аватари, што ме спречува да создадам имагинарна архива на минати јас кои ми помагаат да го разберам кревкиот континуитет на мојот идентитет? Носталгијата е чувство на загуба и разместеност, но истовремено е романса со сопствената фантазија. [7] Да, квир носталгијата е гордо (авто)еротична во време во кое нашите фантазии можеме да ги обликуваме на ограничен број начини само за да можат да ни ги продадат назад.
Истовремено, таа е многу повеќе од препуштање во (авто)еротска фантазија за разбирање на нашето фрагментирано, постмодерно, постхуманистичко себство и комодификација на интимата. Зад сентименталноста и кампот, квир носталгијата се подава како ветување. За да отвори пат кон нови точки на допир, квир телото мора да продолжи да се врти. Носталгијата не нè заробува во фиксен момент од минатото, туку функционира како една сингуларна манифестација на нашиот порив да го надминеме просторот и времето, да ја избегнеме (родовата) стабилност и животна предодреденост. Иако овие лиминални простори населени со квир тела често се небезбедни, можеби токму носталгијата е она што нè отвора кон репаративното ветување на овој меѓупростор, [8] свесни за неговите ограничувања и историски рани. Блескави и фантастични, ние [настраните] се вртиме со трепет и нежност во тој меѓупростор, каде животот е и бојно поле и игралиште.
Оваа верзија на текстот е преведена и адаптирана од оригинално напишаниот текст за потребите на проектот Critically Hot како дел од програмата на Имагинативец (ICC). Преводот го изработи авторката на текстот. Во рамки на проектот Critically Hot, учесниците изработија текстови кои заедно размислуваат, сонуваат и замислуваат во полето на уметничкиот интерес на четирите уметници (Александар Георгиев, Дарио Бардам, Жана Пехчева и Ида Даниел). Програмата ја предизвикува идејата за пишување на текстови „за“ конкретни дела и интереси и предлага пишување „со и околу“ специфични интереси и дела. Уметниците имаа прилика да поканат соработници во процесот на размислување преку пишување, со што ги дискутираа и развиваа дискурсите околу нивните тековни уметнички дела и интереси.
[1] Ahmed, S. (2004). The Cultural Politics of Emotion. New York: Routledge Taylor & Francis Group. Ахмед посочува дека квир субјектите не можат да ја населат социјалната кожа, бидејќи таа е веќе обликувана од и за хетеронормативните тела. Таа додава: „Квир субјектите, кога ќе се соочат со ‘удобностите’ на хетеросексуалноста можат да се почувствуваат нелагодно (телото не успева да ‘потоне’ во простор кој веќе заземал извесна форма)“ (148).
[2] Sprengler, C. (2009). Screening Nostalgia: Populuxe Props and Technicolor Aesthetics in Contemporary American Film. New York and Oxford: Berghahn Books.
[3] Halberstam, J. (2005). In a Queer Time and Place: Transgender Bodies, Subcultural Lives. New York: New York University Press.
[4] Hutcheon, L. (1995). “Historiographic Metafiction”. In M. Currie (Ed), Metafiction, 71-92. Routledge.
[5] Gilad, P. (2014). Queer Nostalgia in Cinema and Pop Culture. Basingstoke, Palgrave Macmillan. p.7.
[6] ibid. (p.91)
[7] Boym, S. (2001). The Future of Nostalgia. New York: Basic Books.
[8] Shahani, N. (2013), “Between Light and Nowhere”: The Queer Politics of Nostalgia. In Journal of Popular Culture, 46: 1217-1230. https://doi-org.sussex.idm.oclc.org/10.1111/jpcu.12085.