Кога ќе се роди идејата, само треба да се продолжи напред. Многу е важно тоа што сме тука. Значело и ќе значи. Просторите ги градиме сами. (Ирена Цветковиќ)
Времето залади и конечно ја дочекав есенската програма од фестивалот Прво па женско во организација на Тиииит! Инк. Влегувам во КСП ,,Јадро“ и ме мава наплив на топлина и надеж. Просторијата ја обвиткуваат фотографии и прилози од мејлови и распореди од програмата на Лезбејските недели кои се одржувале во текот на годините низ регионот, почнувајќи од доцните 90-ти. Ја знаеме Сафо и јасна ни е симболиката на виолетовата боја во нејзините песни. Сме слушнале по нешто и за Ен Листер, која се смета за ,,првата модерна лезбејка“. Но што е со нашите простори? Што е со Листерите на нашите простори чие сеќавање е можеби избришано? Чувството на започнување од нула може да е ослободувачко, но и подеднакво обесхрабрувачко. Додека ги гледав фотографиите од насмеаните лица од заедницата на квир жени кои учествувале на Лезбејските недели, ја почувствував утехата која ја дава сознанието дека имаме наследство врз кое можеме да се потпреме во моментите на очај и безизлезност. Трансгенерацискиот разговор кој се водеше помеѓу активист(к)ите Ирена Цветковиќ, Јелена Васиљевиќ, Елена Петровска и Лаки, а кој беше модериран од Дони, ја потенцираше важноста од сеќавањето и интегрирање на стекнатото знаење од минатите иницијативи во сегашните и идните.


Ирена Цветковиќ се наврати на своите блогерски денови и улогата која ја имало блогерството во нејзиното понатамошно развивање како активистка. Ја нагласи важноста на континуитетот во поглед на тоа како се инспирираме едни од други. Името на сега-веќе-замрениот блог ФемГерила произлегло од еден графит што го видела на ѕид во Скопје кој порачувал: „феминистичка герила во акција“. Како најважни таа ги истакна токму женските пријателства велејќи: ,,Сѐ може да произлезе од добрите женски пријателства. Сѐ што сум направила е производ на женско другарство.‘‘ Во тој период кај неа се појавила потребата од архивирање, па дури и да е тоа преку фикција. Ова беше моментот кога дознав дека кај нас постои книга (,,Оргазмични писма‘‘) со квир тематика издадена уште во 2008, напишана токму од Ирена, која се шверцала по студентски домови низ Македонија и скришно се читала, како што нѐ потсетија присутните.
Приредувачката на изложбата, Јелена Васиљевиќ, со нас го сподели процесот на пронаоѓање материјали за архивата ,,Аркадија‘‘. Извесен период, таа ги контактирала сите организации и иницијативи на кои налетала, а за возврат ѝ стигнале секакви најразлични нешта, од фотографии до агенди на активности и интерни кавги кои се случувале во преписка по мејл. Потоа и самата барала и мапирала места во Белград кои се обоени од квир/феминистичката борба. Потребата од архивирање кај неа се појавила со цел да се избегне бришење на сеќавањето за иницијативите кои ги поставиле темелите на дејствувањето на ЛГБТИК+ жените на нашите простори. Особено е возбудливо тоа што најави дека е во тек (потенцијално) осмислување на ,,Осма лезбејска недела“ која би се случувала во Скопје во 2027 и нѐ замоли на хамер да ги испишеме нашите желби!


Елена Петровска ја потенцираше важноста на контекстот во кој делуваме бидејќи секој контекст си има своја карактеристика. ,,ЛезФем‘‘ е првата лезбејско-феминистичка организација во нашата земја и Елена која, како и Ирена пред неа, била нејзина членка се потсети на тоа како организирале настани и герила акции и како низ тој процес научила да се снаоѓа во хаосот кој неминовно се јавува секогаш кога на едно место ќе се соберат луѓе кои имаат иста цел, но различни уверувања за тоа на кој начин треба таа да се постигне. Еден од настаните кои ги спомена беше лезбејскиот пикник во парк кој бил организиран во 2014 година и ова беше моментот кога сфатив дека, на мое големо задоволство, пикниците кои минатово лето беа организирани од страна на иницијативата ,,Сафик рандеву“ си имаат своја претходница. Интересно беше да се слушне за неформалниот разговор кој се случил спонтано кога група жени се собрале и зборувале за справувањето на квир жените со некои практични секојдневни работи кои иако можеби се чинат банално, сепак многу влијаат врз текот на животот, како што се на пример гинеколошките прегледи и слично.
Претставник на поновата генерација на активисти беше Лаки, кој се осврна кон недостатокот на репрезентација на транс маскулинитетот и буч идентитетите на нашата сцена, како и за оние кои се на маргините на родот. Токму оттука доаѓа неговиот поттик за активизам и дрег кралствување. Се стреми кон тоа да остави наследство за генерациите кои доаѓаат по него, но црпи инспирација и од оние кои дошле претходно. Следејќи го континуитетот во чиј дух се одвиваше разговорот, забележа дека со затворањето на едни простори се отвораат нови како што се ,,Сафик рандеву‘‘ или ,,Бучкуруж“, прекрасни нови иницијативи од кој и тој самиот е дел или соработува. Нив ги окарактеризира како ,,простори за сите луѓе од заедницата да се дружат заедно и да се сакаат“ (ова е целата поента! Не, не плачам јас, ти плачеш). Тој покани повеќе луѓе да се приклучат и да ја генерираат промената што сакаат да ја видат, зашто без наша иницијатива таа нема да се случи.


Создавањето иницијативи кои ќе инспирираат промена, ќе го отвораат просторот кој ни е потребен и ќе им даваат надеж на оние кои доаѓаат по нас не се случува зад затворени врати и преку ноќ, туку низ макотрпната работа која ја носи заедничарењето, а со тоа и пронаоѓањето на сопствениот глас. Сите учесници во разговорот имаат свои достигнувања во полето во кое дејствуваат, но тие се поддржани од заедницата од која се дел. За крај ве оставам со топлите зборови со кои кураторката на квир програмата на ППЖ, Душица Лазова, го отвори настанот: Од луѓето со кои соработував научив себеси да се сфаќам помалку сериозно, а посериозно да си ги сфаќам соништата.
фотографии: Валентина Миладинова