ме викна на дејт на сочна вечера
купи еден багет на доаѓање, ми рече
влегувам во засмрдениот маркет под зграда
и давам 6 723 денари за багет долг 26 цм
што не е ниту сочен ниту мек ниту тазе
ме викна на дејт и ѕвонам на неговата врата
купи багет? ме праша
влегувам и му го подавам цврстиот леб
го бакнува без претходно да се прекрсти
и со сатар го пресекува на половина
ме викна на дејт и ете сум кај него
во една вила над гробиштата во штип
соблечи се, раскомоти се,
се печат полжавите, ми вели
го гледам бледо и ми се наткрева киселина
не знам дали од помислата на полжавите
или oд апсинтот што стои на масата
ме викна на дејт на сочна вечера
напиј се слободно, мене ми е трета, вели
а јас се понадевав на домашно вино
каберне совињон
во бојата на уљето истечено
од вардаровите галии
и на тазе палачинки
пред да се сролам во креветот
ме викна на дејт и почна дејтот
го наполни багетот со испечени полжави
испрска малку црно вино одозгора
и стави многу мајонез
без да знае дека сум алергичен на јајца
и дека порадо би јадел праски
ме викна на дејт
ми го плесна тањирот
со багет полн полжави полиени со уље
истечено од вардаровите галии
ме погали по глава и ми рече
ова го зготвив за глувците во подрумот
ние
ќе јадеме
човек
„Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“ е концепт-збирка од десет песни со кои низ хумористично-сатиричен начин авторот пробува да даде коментар или критика теми поврзани со градот и состојбите во него, со младите и младоста како концепт, темата на идентитетот, родот, сексуалноста, како и за одредени книжевни состојби на македонската книжевна сцена.
Стефан Спасовски за книгата вели: Читајќи ги овие песни, лесно се навраќаме низ историјата на книжевноста. Медиќ Лазаревски усетно комуницира со поезијата на Цара, Гинзберг, Конески, Шопов, Дирјан, Џепароски, Ќулавкова, но и директно со нив, создавајќи стихови кои, веројатно, би се читале и на надреалистичките кружоци во Париз. Често поаѓајќи од вистински настани и од ликови кои нѐ опкружуваат се истакнува ангажираноста, современите и вечни прашања и теми, преку кои доловува свет во кој иронијата ја има Сократовата задача – да се дојде до посакуваниот одговор или, можеби, посакуваниот свет за живеење. Во овие стихови сето маргинализирано е ставено во центар, па не е чудно и да се запрашаме: Каде се наоѓаме?
Промоцијата ќе се одржи во рамки на втората вечер (27.9., сабота) од фестивалот за младинска, алтернативна и критичка култура „Ре-култура“ во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 21 часот.