Водата ја поплавува чашата. Полека, па наеднаш.
Околу главата од која сè уште капат кошмари,
врева – вриштење од
една црна дупка кон друга –
ниедна не слуша.
Ја подигнувам чашата.
Ладниот раб ми ги допира усните –
суви,
жедни,
молчаливи.
Водата ја поплавува устата.
Се лизга низ грлото, и во
стомакот.
Исконска работа, си велам.
Сите животни пијат, и сите растенија.
Земјата пие. Основна работа.
Бучавата продолжува.
Ја проголтува куќата, цела.
Ја спуштам чашата. Се вртам да погледнам надвор.
Дува ветер. Тревата се поместува, како
бранови во океан. Облаците се разделуваат,
како две тела во кревет од синило. Две
мачиња се качуваат по една дрво, разбркувајќи ги
врапчињата кои одлучиле да пеат.
Можам да си го слушнам чукањето на срцето,
и
звукот
на
здивот.
Бучавата згаснува.
Зениците се шират.
Болно свесна сум дека сум тука, и
дека веќе сум умрела.
Во исто време,
н
а
е
д
н
а
ш.