Неодамна излезе од печат втората поетска збирка на Александра Спасеска „Координати на болката” во издание на Илика. Авторката храбро ги истражува маркатните сцени, интимните релации и важните човечки фигури од сопствениот живот, правејќи ја поезијата сцена на којашто се одвива рефлексијата на личното и колективното искуство. Спасеска во својата збирка гради мост помеѓу интимното и политичкото, помеѓу внатрешниот и надворешниот свет, но и помеѓу родениот и избраниот дом, а со тоа говори и репрезентативно за искуствата на цели едни генерации.
Во продолжение, прочитајте четири песни од збирката:
Војна
И денеска сонцето не изгреа
исто за сите.
Врел ветер во очите
и прашина крцка низ забите.
– Каде е нашата ветена земја?
Денеска светот почна да се руши,
а јас мислев
кај ти се најладни градите
за да се положам на нив
како цвеќе на гроб на незнаен јунак.
Имало денови
имало денови потешки од овој
и ноќи имало помачни и потегобни
и плеќи обременети со месечини полни
имало очи помили од твоите и усни
послатки за бакнување и зборови
погорчливи за голтање
прегорчливи за чување.
имало љубови потешки и помачни
и потегобни од оваа, и послатки
и погорчливи љубови имало,
јас толку сум мала вечерва
застаната на твојот праг
а ноќта истура ѕвезди да ми го покажат патот назад.
дома.
Скопска магла
кој ги искриви твоите улици
за моето доаѓање?
расонета,
несонета,
девојка-сон
со згазени калинки
на дупнатите ѓонови
кој прв ми понуди грст надежи
и ме турна во твоите прегратки
граду, дете на љубовта,
град за љубење,
нељубен,
кој прв остави на мостот камен воздишки?
ти спиеш, љубовнику,
ме оставаш расоблечена,
со шминка размачкана,
нерамномерно дишење
во магливите утра
и здив на кафе по калдрмата.
јас те љубев,
ти се враќав,
ти ме земаше,
јас те имав,
ти ме сликаше
во сите бои и насмевки,
сите солзи растечени
по твоите улици
со првите сончеви зраци
на недораснатите утра
и нашите кревки години.
кој прв ја отвори устата
за бакнеж со вкус на калинка,
кој ја отвори портата
на незнајни радости,
музиката на нашите чекори
во глувите ноќи низ чаршија,
кој прв ја крена чашата
да наздрави за младоста,
овошка распукана на твоето врело сонце,
овошка изгниена на твоите валкани улици.
се надевав
не ќе те заљубам,
се надевав,
не ќе те изгубам
во маглите на нашата
залудна љубов заблудна,
се надевав,
не ќе се изгубам.
кој ги искриви твоите улици
за моето доаѓање,
драго Скопје,
кога ќе ни се крене маглата од душите?
Најмила
ми доаѓаш на сон
ти, најубав привид,
и мракот ме слуша
како жедно те повикувам,
не знае тој како е
да те има тебе.
те посакувам уште повеќе
кога други те имаат
и твојот топол преграб
ми ги набабрува вените,
кога во толпата растеме
со стиснати тупаници
и името твое ни стои в грло,
знам дека те имам
драга моја
мила моја
убава моја
слободо.