Човечки цилиндри – Мина Лој

Препев од англиски јазик: Викторија Постоловска

Untitled design (1)

Човечки цилиндри

МИНА ЛОЈ

 

Човечките цилиндри

Ротирaат во истоштувачката квечерина

Која ги повива близу до мистеријата

На еднината

Меѓу отпадот на тмурното попладне

Јаделе, без да вкусат

Разговарале, без да општат

Но, барем ние двајца

Се љубевме кратко

Без да се запрашаме

Дали нашите бедотии

Во луцидноста на заемното забрзување на автоматите

Би можеле да создадат едно изобилно блаженство.

 

Машка упростеност.

Во истоштувачката квечерина

Твојата магловитост

Ми го сервира центарот на твоето јадро

Кога во дивјачката потрага на интелектот по интелект

Ни се допираат веѓите          општат

Над амбисот на потенцијалната

Респираторна синхронизација

Нелагодности.

Недостаток на соодвествување меѓу вербалното сетило

И реципроцитетот

На замислата

И експресијата

Каде сите обликуваат надвор од опипливоста

Куса, бледа патека на шпекулацијата

Долж која чекориме

Кон истоштувачката квечерина, ние-

Една мала ѕверка што цимоли,

Што очајува

Да се врати назад во древната бразда

И една еластична пипка на интуицијата

Што сака да трепка меѓу ѕвездите

 

Непристрасноста на апсолутот

Го води        полемикот да се запраша

Кој од нас

Не би

Примајќи го светиот дух

Го зграпчил            и заробувајќи го

Би го загубил

Или во проблематиката

Би го уништил универзумот

Со решение.

НАПИШАНО ОД:

Тимот на Медуза

May 20, 2022

Коментари
Scroll to Top