Домашен блуз – Лилјана Дирјан

Авторска песна

песна

Домашен блуз

ЛИЛЈАНА ДИРЈАН

 

Меѓу
– подај ми вода
– исечи леб
– кај ми се чорапите
таа се извлече невидливо од телото
во кујната уште тропаа чиниите и лажиците
некој спомна дека јадењето не е доволно
солено
чкрипеше плакарот во другата соба
од радиото испаѓаа вести, посети, делегации
и течеше лесна музика
надвор беше жежок летен ден
таа се сврте наназад
и се зачуди колку и` била тесна соблечената
кошулка
и колку и` беше прозрачна свилата на епидермот
и тие мали дамки црвено кафени бодежи
што ја чинеа толку налик на пастрмка
се оддалечи уште малку
стаса скоро до надворешната врата
сакаше молчешкум и сите зборови
да им ги остави сосе кошулката
ама надвор ја зграпчи светлината
и и` стана жал, многу жал
што не ќе може таму каде тргна
да ги изговара гласно
имињата на боите

НАПИШАНО ОД:

Тимот на Медуза

Mar 3, 2023

Коментари
Scroll to Top