i
изветреани чувства
од моето напнато чело
се спуштаат кон мојот
раширен
скут
мојата матка скитничка
најпосле разбудена
гризе со своите канџи
напаѓајќи ја секоја клетка што
некогаш произвела емоција
моите зеници обземени од
ѓаволскиот поглед
го здогледуваат следниот
маж
што воопшто прошол низ мојата улица
неговата става хипнотизира
мојот танц ѓаволски
токму на аголот од Зоната на поседување
во која се задомувам
ii
кога ќе го пресечеш на пола
нема повеќе што да се истури
кокосот крвари повеќе
сведочам што повеќе чувствувам
ладен спекулум пикнат
стисокот ми ги врзува стапалата
како кормило
закачено за креветот во ординацијата
вртоглавица од која нема опоравување
бела перница за спиење
во водата
погодена од
брановите
прават звук што не секој го препознава
скокам без да знам
и таму скриено овошје
продолжува да дава
дур не престане
дур не престане да сака
iii
балон
бостан
блоб
како сакаш наречи го твојот
стомак
три ливчиња камилица пред
да заспиеш
ќе сонуваш како
првпат ти студеше на гинеколог;
првпат му кажа „престани” на твојот бивши;
првпат му за’ржа на мажот што те пипкаше во автобус.
iv
И, се стресе?
Те кутна ли бранот доволно јако?
–прередени органи–
Грабиш камчиња.
Ти оставаат отпечатоци
на животните линии
создавајќи препреки
–прередени патеки–
Твојата иднина
како никогаш да не беше во твои раце.
v
еден ден ти пукна филмот со мајка ти сред пазар додека се каравте за тоа како не сакаш банани а потоа за нешто друго можда за вчерашната вечера на која никој не дојде и ете пак за бананите
банани
манго
сливи
што ќе посакаш исто е исто како што ги носи торбите за пазарење го носи и каењето неизживеаното девојчинство–
таа никогаш не береше бобинки никогаш не си ја плетеше косата никогаш не си ги нишаше колковите слободно како тебе па можеби очајно ѝ треба нејзиниот одраз наместо нова верзија од себе
ги земаш бананите
vi
што е дом
што е дом
далеку далеку далеку од тука
од оној што крена рака
–дом внатре во–
од оној што се дереше
без глас
–измиј–
–измиј–
измиј си го лицето наутро
не е истото
утрово
крие болка
посакуваш посакуваш
посакувам се прашувам
што ме прави за раздавање
помеѓу тука и таму
си ги земам стапалата
и се лулам
во положба на ‘happy baby’
се молам за издишка
дишам
вдишувам
вдишувам
вдишувам
нема излез
од кругов
само ќе пробам да го избегнувам
мажот долж улицата
vii
манго
банани
сливи
во мојот стомак
гладна сум
како многуте лица што ме разминаа
минаа низ мене
минаа низ мене како низ стомак
гладна сум гладна