Оушн, не плаши се.
Крајот на патот е толку далеку
што речиси е зад нас.
Не грижи се, татко ти е твој татко
Сѐ додека еден од вас не заборави. Како што ‘рбетот
не ќе се сеќава на крилјата
без разлика колку пати колената
ни го бакнале тротоарот. Оушн
слушаш ли? Најубавиот дел
од телото ти е онаму каде што
паѓа сенката на мајка ти.
Еве ја куќата каде детството
се смалило на еден црвен фитиљ.
Не грижи се. Наречи го хоризонт
& никогаш нема да го стасаш.
Еве, денес. Скокни. Ти ветувам ова не е
чамец за спасување. Еве го човекот
чиј преграб е доволно широк за
твоето заминување. & еве го мигот
штом светлата се гасат, кога сѐ уште го гледаш
загаснатиот факел меѓу неговите нозе.
Како го користиш одново и одново
за да си ги најдеш дланките.
Побара втора шанса
& ти беше дадена уста сѐ да си кажеш.
Не се плаши, истрелот
е само звук на луѓето
кои се обидуваат да живеат подолго
& не успеваат. Оушн, Оушн –
Станувај. Најубавиот дел од телото
e онаму каде што тргнало. & запомни,
осаменоста е сепак време поминато
со светот. Еве ја
собата, полна луѓе.
Мртвите пријатели минуваат
низ тебе како ветер
околу ветерник. Еве ти биро
со скршена ногарка & цигла
за да дотрае. Да, еве соба
толку топла и крвносродна,
ти се колнам, ќе се разбудиш –
& ќе ги помешаш ѕидовите
за кожа.