Florence + the Machine – Patricia

“I was reading a lot of Patti Smith’s work and I was in this little bubble, quietly making my record and I would read her writing and she would bring so much reverence to even daily life.”

51152725_10157102767344166_3552399387898413056_o

Florence + the Machine akа Цветанка + Машината, ја слушам со години, а религиозно ја следам откако го имав незаборавното задоволство за прв пат да ја слушам во живо, пред (околу) три години на фестивал во Полска, веднаш по нејзината турнеја How Big, How Blue, How Beautiful. Немав почуствувано покатарзичен момент од слекувањето на целата публиката за време на Dog Days are Over, скандирањето Love is Love со вивнатото ЛГБТИ знаме на сцена за време на Spectrum и прегрнувањето со сите луѓе во публиката кои ти се на дофат. Слично искуство имав и на концертот од нејзината нова турнеја High as Hope, што ме доведе до потребата да напишам еден краток текст за Цветанка и нејзината сплотувачка енергија.
Оние кои ја следат Флоренс, нејзината кариера (па и приватен живот), знаат дека овој е нејзиниот прв „трезен“ албум, а меѓу другото и најсискрен, отворен и гол. Многу од песните се посветени на потрагата по длабочини кои инспираат внатре во самите нас, во тишина и спокој. High as Hope е албум што ќе го пуштите, ќе седнете на фотеља и цел ќе си го ислушате, без пропратни активности. Ниедно од моите слушања на овој албум не ми поминал без плачење, но повторно и повторно му се враќам, бидејќи секој пат доживувам уникатно емоционално искуство, и без исклучок се чувствувам подобро после ислушувањето. Втората песна на албумот: Hunger, своевидна ода на осаменоста и празнините кои нé следат, отвора со стихот „At 17 I started to starve myself“, реферирајќи кон проблемите со исхрана кои Флоренс ги имала кога била помлада. Оваа песна, како најлична, била најпроблематична за издавање за неа, но на некој начин го поставува тонот и намерата на целиот албум, кој е дефинитивно структуриран околу нејзиниот вокал, раст и себе-прифаќање. Преслушувајќи го целиот албум се чувствувате како да сте прочитале нечиј дневик (со дозвола) и сте стигнале до некаква безтежинска состојба, до која ве води последната (и мојата омилена) песна на овој албум: No Choir.
Но, бидејќи овие мисли треба да се структурирани околу концептот „Песна на неделата“, сакам да ја доближам песната Patricia до повеќе слушатели, најмногу бидејќи, според мене, оваа песната е најтешка за засакување од целиот албум, а вреди да биде засакана. На концеротот кој веќе го спомнав, пред да настапи со Patricia, Флоренс ја „повика“ Пати Смит во салата и така сфатив дека оваа песна за „северната ѕвезда“ која и помага на Флоренс во нејзиниот креативен раст е трибиут на Пати Смит. Идејата зад оваа песна е повторно поврзана со намерата на овој албум, односно, наоѓање начини да се живее креативно, но без хаос. „Можам со денови за читам за нејзините ритуали на пиење кафе“ – вели Флоренс во едно интервју каде ја објаснува својата фасцинација со Пати Смит. Она што мене ме освои во оваа љубовна песна, е убавината на патоказите кои ги добиваме од жените кои нé инспирираат, особено кога се чувствуваме изгубени, без разлика дали ги познаваме, или не. Песната завршува со стиховите
Are you afraid? ‘Cause I’m terrified
But you remind me that it’s such a wonderful thing to love
и некако, јас исто така се чувствувам кога ја слушам Florence Welch.

 

 

НАПИШАНО ОД:

Калиа Димитрова

Jul 25, 2019

Коментари
Scroll to Top