Гневот е горка брава.
Но можеш да ја отклучиш.
Хокусаи на 83 години
рече,
Време е да се зафатам со лавовите.
Секое утро
сè до неговата смрт
219 дена подоцна
тој сликаше
по еден лав.
Од северозапад се вдаде ветер.
Лавовите се нишаа
и скокаа
од врвовите
на боровите
врз
снежниот пат
или се судираа
еден со друг
над неговата колиба,
а белите шепи
ги растргнуваа ѕвездите
додека паѓаа.
Продолжувам да цртам,
посакувајќи
спокоен ден,
рече Хокусаи
дур тие со татнеж минуваа
„Mожеби кога ќе наполнам 100 години конечно ќе станам вистински уметник.“ – Хокусаи
Кацушика Хокусаи (1760-1849) денес се смета за една од клучните фигури во јапонската уметност, со особено значајна улога во развојот на уметничкото движење укијо-е. На пошироката публика веројатно ѝ е најпознат по „Големиот бран кај Канагава“, едно од најпрепознатливите дела во историјата на јапонската уметност.
Хокусаи на свои 80 години започнал еден необичен ритуал, односно почнал секојдневно да слика лавови во текот на 219 последователни денови како форма на духовен егзорцизам и заштита од несреќа, што одразува една исклучителна (можеби и опсесивна) посветеност кон творештвото. Во источноазиската традиција, лавовите се симбол на заштита, сила и одвраќање на злото. Самиот Хокусаи ги нарекувал овие слики свои обреди за истерување на несреќата. Лавовите што ги сликал биле кинески лавови, познати како ши-ши, односно лавови-чувари.
Песната „Хокусаи“ на Ен Карсон иако куса, отвара многу прашања за гневот, уметноста, совршенството и неможноста човек да се помири со сопствените ограничувања. Преку ликот на јапонскиот сликар, Карсон го истражува парадоксот на творештвото: она што нè поттикнува да создаваме истовремено може и да нè измачува.
Притоа, гневот е претставен како механизам на затворање. Тој го заробува човекот во сопствените чувства, мисли и очекувања. Но, Карсон вели дека катанецот може да се отклучи. Ова може да се чита и како можност гневот да се пренасочи, да се претвори во нешто друго. Во случајот на Хокусаи, тоа друго е уметноста. Хокусаи бил сликар кој работел сѐ до својата длабока старост. На 83 години, наместо да го смета својот уметнички пат за завршен, тој секое утро започнува одново.
Time to do my lions. – „Време е да се зафатам со лавовите“.
За него усовршувањето не било конечна состојба, туку непрекинат процес. Но иако стремежот кон совршенство може да биде двигател, истовремено може да создаде и незадоволство. Колку повеќе човек напредува, толку појасно ги гледа недостатоците во сопствената работа. Во песната, лавовите наместо да бидат мирни чувари, тие стануваат немирни, диви и речиси заканувачки суштества. Хокусаи слика за да го смири немирот, но неговите слики го оживуваат токму тој немир (неговите лавови со татнеж минуваат покрај него). Тоа го отвора прашањето: дали мирот е нешто што може да се постигне со уште повеќе работа, уште повеќе дисциплина и уште повеќе усовршување? Или токму потребата постојано да се достигнува нешто е причината поради која мирот останува недостижен?
Но што ако лавовите не се само олицетворение на гневот и перфекционизмот? Што ако тие се и олицетворение на самата животна сила што тлеела во Хокусаи?
Иако тој бил човек во поодмината возраст, свесен за минливоста на времето и за приближувањето на смртта, неговите лавови скокаат, се судираат, го нарушуваат мирот. Можеби во нив се наоѓа нешто што телото повеќе не е во состојба физички да го направи? Така, преку сликарството, Хокусаи создавал посилни, послободни и понескротливи суштества од него (барем физички). Хокусаи вели дека посакувал мир, но можеби она што го одржувало во живот било токму немирот.