Изумување – Андреа Гибсон

Препев од англиски: Моника Стојановска

Untitled design (1)

Изумување

АНДРЕА ГИБСОН

 

Сакам да бидам мислата што ќе ја изумиш
мислата што ќе направи да се вразумиш

 

Но се срамам,
па никогаш нема да ти кажам така,
наместо тоа, ќе ти кажам нешто како:
„Сакаш некогаш да се држиме за рака?
сакаш да дојдеш кај мене дома да гледаме телевизија?“
А јас немам телевизор,
па ќе ти преостане да ги менуваш моите канали
мојот здив врз твојот врат како совршен приемник
Би ти кажала нешто како тоа дека знам
дека сите твои лаги и измами беа само реклами
пред вистинското шоу
А јас сум ѕвезда со променливо расположение
(Андреа, ова ти е најпатетичен стих досега напишан)
Јас сум ѕвезда со променливо расположение

 

Но ако ми кажеш да сјаам,
би си ја исецкала душата на милион мали парченца
само за направам соѕвездие
што ќе ти го осветли патот до дома
Би најмила ситни мали гномчиња
да ги играат улогите на Дик Чејни и Џорџ Буш
за да можеш да ги смачкаш меѓу прстите
и да ја нахраниш со нив мачката
Би ми се свиѓала таква,
целата таква политична

 

Мислам, далечината помеѓу моето тело и твоето
е истата што се протега од брег до брег
од десно кон лево
од богати до сиромашни
и може да се ебеме додека не станеме
брилијантен комунистички сојуз

 

И знам дека ебење е срамотен збор,
ама толку добро звучи,
добро како да му покажеш среден прст на попот
секојпат кога ќе заборави дека Ева
била учителка на Адам,
зашто јаболката се факинг здрави, гомно едно патријархално

 

Сега
се враќаме на тебе
Твоите очи се толку
речи го
Не паметам дали се кафени или сини
ама многу добро се облекуваш
Јас исто, ама ти подобро
И не ми е гајле за „засекогаш“
туку за тој мал момент
кога твојата клучна коска ќе ѝ телефонира на мајка ми
да ѝ се заблагодари што го родила мојот здив
кога брановите од твоите гради
се плима и осека на мојот брег
и се колнам дека можам да го чујам секое име
што некогаш ми го дале
и секој живот што го имам живеено
како пеат арии од гласните жици на твоите пори

 

И сум повеќе од сигурна
дека си целосно погрешна за мене
но целосно правилна би значело дека имаме
многу заедничко
а мене не ме привлекуваат заеднички нешта
преферирам да ги испееме нашите солзи
за да ја сочуваме водата за да ги удавиме стравовите

 

И има нешто океанско
во движењето на твоите прсти
кога ти ја зафрлаат косата од очите
и зјапаш во моите
како да знаеш дека не сум ангел,
но сум била

 

Па, си мислев
можеби би сакала да се држиме за рака некогаш
можеби би сакала да дојдеш кај мене дома
и да гледаме телевизија

НАПИШАНО ОД:

Тимот на Медуза

Jun 10, 2023

Коментари
Scroll to Top