Убавите жени се чудат каде се крие мојата тајна.
Ниту сум слатка, ниту пак градена како модел
Но, штом почнам да им раскажувам,
Мислат дека лаги кажувам.
Велам,
Тоа е во дофатот на моите раце,
Во распонот на моите колкови,
Во мојот исчекор,
Во свивањето на моите усни.
Јас сум жена
Извонредно.
Извонредна жена,
Тоа сум јас.
Зачекорувам во собата,
Ладна колку што треба,
И до последниот маж,
Срипуваат сите или
Паѓаат на колена.
Потоа се собираат околу мене,
Како рој пчели.
Велам,
Тоа е огнот во моите очи,
Блесокот во моите заби,
Нишањето на половината,
Радоста во моите стапала.
Јас сум жена
Извонредно.
Извонредна жена,
Тоа сум јас.
Самите мажи се прашуваат
Што гледаат во мене.
Толку силно се обидуваат,
Но им бега
Мистеријата во мене што се крие.
Кога се обидувам да им ја покажам,
Велат сѐ уште не ја гледаат.
Велам,
Тоа е во лакот на мојот грб,
Сонцето во мојата насмевка,
Движењето на моите гради,
Грациозноста во мојот стил.
Јас сум жена,
Извонредно.
Извонредна жена,
Тоа сум јас.
Сега разбирате,
Зошто главата не ми е наведната.
Јас не викам ниту пак скокам наоколу
Ниту пак морам да зборувам многу гласно.
Кога ќе ме видите како проаѓам крај вас
Тоа треба да ве направи горди.
Велам,
Тоа е во звукот на моите потпетици,
Свиоците на мојата коса,
Мојата дланка,
Потребата за грижа кон себе.
Бидејќи јас сум жена
Извонредно.
Извонредна жена,
Тоа сум јас.