Изворно – Керол Ен Дафи

Препев од англиски: Нина Раповска

хј

Изворно

КЕРОЛ ЕН ДАФИ

 

Дојдовме од сопствената земја во црвена соба

што се простираше низ полињата, мајка ни го опеваше

татковото име во ритамот на тркалата.

Моите браќа плачеа, еден од нив липаше, Дома,

Дома, додека милјите врвеа назад кон градот,

улицата, куќата, празните соби

во кои повеќе не живеевме. Зјапав

во очите на слепата играчка, држејќи ја за шепата.

 

Детството е полно преселби. Некои се бавни,

те оставаат да стоиш помирено сред булевар

каде не живее ниту еден твој познаник. Други се нагли.

Акцентот ти е погрешен. Квартови, навидум познати,

те водат до незамисливи камени куќи, големи момчиња

што јадат црви и дофрлаат зборови што не ги разбираш.

Стравот на моите родители се нишаше како расклатен заб

во мојата глава. Ја сакам нашата земја, реков.

 

Но потоа забораваш, или не помниш, се менуваш

и гледајќи како брат ти голта црв, чувствуваш само

раска срам. Се сеќавам како мојот јазик

ја менуваше кожата како змија, а мојот глас

звучеше како сите други во училницата. Дали само ми се чини

дека изгубив река, култура, говор, чувство за родниот простор

и вистинското место? Сега, Од каде доаѓаш?

прашуваат странци. Изворно? И се двоумам.

НАПИШАНО ОД:

Нина Раповска

Nov 4, 2022

Коментари
Scroll to Top