Каде е дома – Ива Дамјановски

Авторска песна

6

Каде е дома

ИВА ДАМЈАНОВСКИ

 

Љубовта е удар со тупаница во стомакот 

од кој не можам да дишам, 

кој ме распрснува

како нуклеарна фузија 

од која сигурно некои луѓе се плашат дека ќе ја голтне вселената 

во црна дупка која го запира времето,

не ги обвинувам,

наместо тоа ги замислувам 

сите оние кои се обидуваат да ме убијат

со насмеани лица,

со меки очи 

и нивните куршуми влегуваат во мојата кожа 

како во смола,

бавно и течно,

се движат низ мене како танчери 

низ празен простор, 

јас сум празен простор, 

не постојат граници што можеш да ги преминеш,

да ги поместиш,

како да сум земја,

која умее да им ја прости грдотијата на сите лешеви,

да им ја прости безживотноста 

на сите мртви.

 

Ничија тупаница не може да биде посилна.

 

Станувам врата без клучалка, 

без квака,

го сакам градот и

градот ми кажува дека ме сака,

прозорците се топли телевизори 

на кои гледам како птиците 

ги сечат вените на небото,

ја гледам единствената плава крв.

 

Мојот ум е црв 

и живее јадејќи сѐ што умира.

 

НАПИШАНО ОД:

Тимот на Медуза

Dec 8, 2023

Коментари
Scroll to Top