Како да го љубиш твојот депресивен партнер – Дона-Мари Рајли

Препев од англиски јазик: Моника Стојановска

хј

Како да го љубиш твојот депресивен партнер

ДОНА-МАРИ РАЈЛИ

 

Ноќеска мислев дека ја избакнував

осаменоста од твојот папок.

Така помислив, но потоа седна,

сиот згрчен со вознемирени дланки, и ми кажа

дека во твоето тело има јазол

што не можам да го отплеткам.

 

Никогаш не знам што да вратам на овие нешта.

„Во ред е.“ „Врати се во кревет.“

„Те молам немој да си заминеш пак.“

 

Некогаш те нема со денови,

и најмногу што можам

е да не се јавам во полиција,

да потпишам извештај за исчезнато лице,

иако си тука, и спиеш до мене во креветот.

Но твоите очи се како празна куќа во зима:

со оставени вклучени светла за да заплашат натрапници.

 

Освен што, во случајов, јас сум натрапникот,

а ти си веќе толку сигурно заклучен

што никој не може да провали ниту насила.

 

Ноќеска си помислив

дека ти дадов причина да не бидеш тажен

додека го држев твоето тело

како висока нота и двајцата треперевме од напорот.

Некои луѓе, сепак,

се тажни и покрај секоја логигка,

секое чувство, покрај сета љубов.

Сега знам подобро.

 

Знам што да кажам на нештата

што ми ги признаваш кога е темно,

сиот згрчен со вознемирени дланки.

„Во ред е.“ „Остани во кревет.“ „Те молам, врати ми се пак.“

 

НАПИШАНО ОД:

Тимот на Медуза

Nov 26, 2022

Коментари
Scroll to Top