
Кога баба ми го оплакува дедо ми
ИВАНА ЈОВАНОВСКА
Кога баба ми го оплакува дедо ми
силно невреме надоаѓа од север
и тежок град се истура врз ситните ќерамиди.
Удира со бес и тропа дури не го здоболат плеќите.
Се повлекува поразен.
Животот по улиците останува нем.
А потоа, ни станува јасно колку боли крајот.
Продолжуваме молчаливо да љубиме,
поинаку,
повеќе.
(песната е објавена во стихозбирката ,,На ракавот на градот” во издание на ПНВ Публикации)
Со оваа песна, сакаме да ве поканиме на Поетска епизода #1 | Новите деца во градот, настан кој ќе се одржи во сабота (18 јуни), во 20:30 во Буква, модериран од Ивана Јовановска и Андреј Медиќ Лазаревски. За настанот, организаторите велат:
Почнуваме нов концепт на поетски средби на млади, во обид да ја збогатиме културната содржина на градот и да читаме убава поезија. Секој настан ќе има флуиден карактер и поинаква тема. Со микрофон, да се охрабриме погласно и посмело да читаме, оваа поетска епизода ја создаваат овие нови деца во градот:
Ива Петреска
Андреј Ал-Асади
Марија Велинова
Софија Тодороска
Благица Трајкоска
Ивана Јовановска
Павлина Атанасова
Андреј Медиќ Лазаревски
Сатја Александар Давитков
Се гледаме!

НАПИШАНО ОД:
Тимот на Медуза
Jun 17, 2022