
Кукла на навивање
Форуг Фарохзад
Уште повеќе, о да,
можеш да молчиш уште повеќе.
Со часови, бесконечно,
можеш да ги заковаш празните очи
за чадот од цигарата,
за обликот на шољата,
за излитените цветови на тепихот,
за измислените написи на ѕидот.
Со вкочанети канџи можеш да ја истргаш
завесата, да погледнеш надвор.
Непрестајно лие дожд.
Дете со шарено летало
клекнато под настрешникот. Расклатена двоколка
набрзина го напушта осамениот плоштад.
Можеш да останеш закована во место, тука
покрај оваа завеса… но глува, и слепа.
Со туѓ, сосема невистинит глас
можеш да викнеш: Љубам!
Во опресивните раце на маж
можеш да бидеш цврста, прекрасна женска–
кожа како кожна мушама,
гради големи и тврди.
Можеш да ја извалкаш безгревноста на љубовта
во постела на пијаница, лудак, измамник.
Можеш итро да ја понижиш
секоја конфузна загатка.
Самата, да се зафатиш со крстозборки,
задоволна со безначајни зборови,
да, безначајни букви, не повеќе од пет или шест.
Можеш да го поминеш животот во коленичење,
со наведната глава,
пред ладниот олтар на имамите,
да го најдеш Бог во непознат гроб,
верата во неколку ситни пари.
Можеш да скапеш во минарето на џамијата
како стара жена, молитви дур ти капат од усните.
Независно од равенката, можеш секогаш да останеш нула,
без никаков род, собрана, одземена или помножена.
Да ти ги сметаат очите за копчиња од излитен чевел
заробени во мрежа од гнев.
Можеш да испариш како вода од сопствениот жлеб.
Со срам можеш да скриеш убав миг
како темна, смешна инстант фотографија
натискана длабоко во дрвен ковчег.
Во празната рамка на денот можеш да закачиш
портрет на осудената, совладаната,
распнатата. Да ги покриеш дупките на ѕидовите
со смешни, безначајни цртежи.
Како кукла на навивање можеш да фрлиш
поглед на светот низ стаклени очи,
да ги поминеш годините во кутија од филц
тело наполнето со слама,
завиткано во слоеви деликатна чипка.
Со секој похотен стисок на дланката,
без причина да викнеш:
Ох, колку блажена, колку среќна сум јас!
(од „Sin: Selected Poems of Forugh Farrokhzad“, преведени од персиски на англиски јазик од Sholeh Wolpe)
Во време кога во културата и уметноста (и во сѐ останато) во Иран доминирале мажите, во време кога речиси и да немало поетеси, Форуг Фарохзад (1934-67) почнала да објавува песни кои зрачеле со сензуалност и ги поместувале границите за тоа што може да биде изречено и испишано од една жена.
Поради начинот на кој пишувала за физичката и емиционалната интима, за болката и задоволството – дотогаш нечуено за женската персиска поезија – Фарохзад била сметана за контроверзна личност (дури и од самите интелектуалци). Била озборувана и прикажувана како неморална жена. Во 1967, умира во сообраќајка на само 32-годишна возраст.
НАПИШАНО ОД:
Душица Лазова
Nov 11, 2022