Lana Del Rey – Norman Fucking Rockewell

“I really do believe that words are one of the last forms of magic”

lana-del-rey-norman-fucking-rockwell-review-001

Не можам да кажам дека сум од оние луѓе кои се опседнаа со Лана уште од нејзиното појавување со Video Games. Стиховите и ставовите на Лана отсекогаш ми беа проблематични од феминистичка гледна точка, каде нејзината опсесија со невозвратена љубов, мачо дечковци кои секогаш ја повредуваат и очајно барање на машка валидација, направија таа да биде кралица на мазохизмот и беспомошноста. Сепак, морам да признаам дека и тогаш поприлично бев навлечена на нејзините темни и носталгични стихови, славењето (сега веќе на циничен начин) на американскиот сон, исповедите, фалшот, референците кон поп-културата, идеализацијата на Калифорнија и естетиката на спотовите која и се менува со текот на времето, но останува верна на сонливата винтиџ, филтер атмосфера. Веќе со песната Ride и автобиографскиот монолог на почетокот, почнав да сфаќам дека Лана Дел Реј е веројатно многу покомплексна од што ми се чини. Четвртиот албум на Лана – Norman Fucking Rockewell!, со својата тензија, зрелост, хумор и проникливи стихови, освен што за мене е нејзиниот најинтересен албум до сега за слушање, исто така преставува и некаков вид на раскинување со нејзината трагична персона од минатото кон (ре)креирање на себеси на некои постабилни темели.

Кога ја слушнав “Mariners Apartment Complex” мислев дека тоа ќе биде мојот хит. Како и да е, пред неколку дена го пуштив Norman Fucking Rockewell!, кој Лана го отвора со истоимената песна и стихот God damn, man child и се предомислив. „Norman Fucking Rockewell“ е најдобрата песна на Лана од овој албум: од почетокот со едноставното пијано, добро-познатиот плачлив глас (но овој пат со малку повеќе самодоверба) и безименото маж-бебе (кое веројатно е присутно во сите песни на Лана, но тука не го фетишизира, туку го исмева), до крајот на песната каде гласот на Лана полека го снемува во повторување на зборот „сино“.

Со оваа песна открив повеќе за Norman Rockwell, кој ја илустрирал американската реалност или подобро кажано идејата за американската идила во Saturday Evening Post цели 50 години. Лана повеќе не пее пред американското знаме на нејзините настапи како што правеше порано, а албумот излегува во време кога САД е сé освен идилично место за живеење, па можеби од тука дрско поставеното fucking помеѓу името и презимето на човекот познат по славење на американската култура (како и самата Лана), прави совршена смисла. Песната ме остави во некое комплексно, полу меланхолично, полу спокојно расположение, веројатно како и повеќето нејзини песни. Како и да е, тоа што е интересно за овој албум и песна, е што не те остава во безнадежна состојба како што Лана често знае да направи, романтизирајќи ја болката, несреќата, напуштањето, смртта… Баш напротив. Norman Fucking Rockewell! е албум кој излезе во момент кога на сите ни е потребно малку повеќе надеж, и изненадувачки, на некој мистичен Лана-начин, овој албум ни го дава тоа.

 

НАПИШАНО ОД:

Калиа Димитрова

Sep 6, 2019

Коментари
Scroll to Top