
луна парк
КАЛИА ДИМИТРОВА
сонував:
хистерично се смеам
на количките за удирање
струјата еуфорично трепка
ко жижица на полноќ
уште еден жетон!
уште еден жетон!
додека бетонот околу рингот
не почне да се топи.
сонував:
се проѕевам
на панорамата
кралицата на паркот
крцка како нелакиран паркет
градот е проѕирен
таа не постои
надвор од овој сон.
сонував:
јадам пуканки
во возот кој јури
по врелите шини
низ тревата со мирис на пчели
има ли машиновозач
во лудава локомотива
која право-криво
ја скоси цела нива?
сонував:
стојам пред излезот
и не гледам квака.
сакам да излезам
но останувам пред врата.
дожд.
корозија.
луна.
НАПИШАНО ОД:
Калиа Димитрова
Jul 26, 2023