Мит за преданоста – Луиз Глик

Препев од англиски: Грација Атанасовска

Untitled design (1)

Мит за преданоста

ЛУИЗ ГЛИК

 

Кога Хад одлучил дека ја сака девојката

ѝ изградил земја-двојник,

сè било исто, до последната полјана,

но со додаток на еден кревет.

 

Сè било исто, вклучувајќи ја и светлината,

оти би било тешко за една млада девојка

да премине толку брзо од блескава светлина во целосен мрак.

 

Постепено, си мислеше, ќе ѝ ја приближува ноќта,

прво како сенки на треперливите лисја.

Потем месечината, па ѕвездите. А потем без месечина, без ѕвезди.

Нека се навикнува Персефона полека на тоа.

На крајот, си мислеше, ќе ѝ стане утешително.

 

Реплика на земјата

освен што тука има љубов.

Нели сите сакаат љубов?

 

Чекаше многу години,

градејќи свет, гледајќи ја

Персефона во полјаната.

Персефона, сака да мириса, да пробува.

Ако имаш еден вид на апетит, си мислеше,

ги имаш сите.

 

Нели сите сакаат да го почувствуваат

телото на љубената во ноќта, компасот, ѕвездата-водилка,

да го чујат тивкото дишење кое вели

јас сум жива, што исто значи

ти си жив, затоа што ме слушаш,

тука си со мене. И кога едниот се врти,

и другиот се врти—

 

Тоа го чувствуваше, господарот на темнината,

гледајќи во светот што

го изгради за Персефона. Никогаш не се сети

дека нема повеќе мириси тука, секако нема веќе јадење.

 

Вина? Ужас? Стравот на љубовта?

Овие работи не можеше да си ги замисли;

никој љубовник не си ги замислува.

 

Тој сонува, се прашува како да го нарече ова место.

Прво си помислува: Новиот пекол. Потоа: Градината.

На крајот, се одлучува да го именува

Девојчинството на Персефона.

 

Мека светлина се издигнува над рамната полјана,

позади креветот. Ја зема во рацете.

Сака да каже Те сакам, ништо не може да те повреди

 

но си мисли

ова е лага, па на крајот вели

ти си мртва, ништо не може да те повреди

што му изгледа

како еден поветувачки почеток, повистинит.

НАПИШАНО ОД:

Тимот на Медуза

Sep 16, 2023

Коментари
Scroll to Top