Не можеш да имаш сѐ – Барбара Рас

Препев од англиски: Марија Шаклева

2

Не можеш да имаш сѐ

БАРБАРА РАС

 

Но можеш да го имаш дрвото со смокви и неговите дебели листови како кловновски раце

во зелени ракавици. Можеш да го имаш допирот на едно единаесетгодишно прсте

на твојот образ, кое те буди во еден наутро за да ти каже дека хрчакот се вратил.

Можеш да го имаш предењето на мачката и продорниот поглед

на црното куче, погледот што кажува: Да можев ќе ја каснев

секоја болка дур не побегне, за во август,

да го имаш август за себе, во изобилство. Можеш да имаш љубов,

иако честопати ќе биде таинствена, како белата пена

што се собира на врвот на тенџерето кога вариш грав

дур не сфатиш дека близнак на пената е крвта.

Можеш да ја имаш кожата помеѓу нечии нозе,

толку цврстa, како кукла. Можеш да го имаш животот на мислата,

повремено блескајќи во свештенички одежди, никогаш не признавајќи ситничавост,

никогаш не веднејќи се да го поткупиш намрштениот чувар кој ќе ти каже

дека сите патишта се стеснуваат на крајот.

Можеш да зборуваш странски јазик, понекогаш,

и тоа да значи нешто. Можеш да ја посетиш надгробната плоча

каде татко ти плачел слободно. Не можеш да ги вратиш мртвите,

ама можеш да ги имаш зборовите прости и заборави фатени за раце,

како да им е судено да завршат заедно. И можеш да бидеш благодарна 

за шминката,начинот на кој ти го бакнува лицето, полулуто, полузаборавено, благодарна 

за Моцарт, неговите бројни белешки што се тркаат до радоста, за крпите 

што ги впиваат капките од твојата чиста кожа, за подлабоката жед,

за маракујата, за сласта. Можеш да го имаш сонот,

сонот за Египет, коњите на Египет и ти како јаваш на врелиот песок.

Можеш да го имаш дедо ти седнат покрај тебе на креветот,

барем на кратко, можеш да имаш облаци и букви, скокање на

далечина, и индиска храна со жолт сос како изгрејсонце.

Не можеш да сметаш на милоста да те издвои од толпата,

но го имаш пријателот да те научи како високо да скокнеш,

како да се фрлиш преку шанкот, наназад,

додека не научиш за љубовта, за слаткото предавање,

тука се и малите морски полжави, автобусите што клекнуваат, замислените фарми

стварни како Африка. И кога зрелоста ќе те изневери,

сѐ уште ќе можеш да го повикаш споменот на црниот лебед на езерцето

од твоето детство, ‘ржаниот леб со путер и кикиритки и бананите

што баба ти скришно ти ги даваше додека другите спиеја.

Постои гласот што сѐ уште можеш да го повикаш кога сакаш, како оној на мајка ти,

што секогаш ќе шепоти, не можеш да имаш сѐ,

но го имаш ова.



НАПИШАНО ОД:

Тимот на Медуза

Sep 8, 2023

Коментари
Scroll to Top