Никогаш немав храброст да говорам за тебе
ти пространо небо над моето маало
ниту за вас покриви
што ме штитите од воздушната лавина
меки пердувести покриви коса над нашите куќи
Ниту за вас оџаци лаборатории на тага
отфрлени од месечината со издолжени вратови
Ниту за вас прозори отворени и затворени
чии стакла се распарчуваат кога умираме во туѓина
Немам зборови ни за домот
што ги знае сите мои бегства и враќања
толку мал што стои скриен зад мојот очен капак
ништо не може да го долови мирисот на зелената завеса
крцкањето на скалите дур се качувам со фенерот в рака
ниту зеленилото над портата
Всушност сакам да пишувам за резето на вратата
за неговиот груб поздрав и пријателско чкрипење
но иако ми е толку познат
само си ја повторувам научената литанија на зборови
Толку многу чувства меѓу две срцебиења се протнуваат
толку многу нешта меѓу двете наши дланки се збираат
Не чуди се што јазикот ни е штур за да го опише светот
па само нежно им се обраќаме на нештата по име.